среќа sreka srekja
Потребно време за читање: 10 минути

Што е таа? Што значи да се биде среќен? Каде се крие среќата? Кој не сака да биде среќен? Може секој да ја повика, (по)лесно да дојде до неа, дури и прекутрупа.

Две најнови откритија во врска со среќата треба да се имаат на ум: дека нејзиното доживување се менува со годините и сќрените луѓе побрзо донесуваат одлуки.

Се смета дека среќата е сосема природна состојба.

Човек автоматски станува несреќен, гневен, навреден или фрустриран зашто навикнал на нештата да гледа низ призмата на тие поими. Меѓутоа, може да научи повеќе да не биде сето тоа, како што е навиката да се доживуваат и изразуваат сите тие негативни реакции.

Во прашање е само едно- вашата способност да се определите за среќата во секој момент од животот или, во најмала рака, да избегнувате да бидете несреќни. Одамна е осознаено, потврдено: определбата за сопствена среќа претставува многу полесна работа одошто помирувањето со нешто што секјдневно внесува хаос во вашиот живот. Исто онака како што се определувате да бидете среќни наместо несреќни во конфронтација со мноштво разни збиднувања, можете да се одлучите за позитивно наместо за негативно реагирање.

Што е среќата?

Едноставен одговор нема. Таа е пред се чуствување на големо задоволство кога ќе исполниме некоја од своите желби. Но колку трае тоа? Еднаш ќе ви здодее, ќе посакате некои други или едноставно ќе се навикнете на фактот дека го имате тоа што сте го сакале, па не ви значи ништо. Затоа се вели дека оние што имаат се често најмалку среќни.

Стручњаци тврдат дека целите кои некој си ги поставува ги покажуваат неговата идна ориентација и смислата на животот. Среќата не е поврзана само со остварувањето на нашите цели, туку е и она што го чувствуваме на патот кон нив.

Препорака од стручњаците: бидете креативни, поставувајте си пред себе си мали, но и големи животни цели

Важна препорака од стручњаците: бидете креативни, поставувајте си пред себе си мали, но и големи животни цели. Секојдневните, ситните желби се тука да не поттикнат, да не мотивираат, да ни создадат самодоверба и верба дека можеме да постигнеме повеќе, но не заборавајте дека тие не се доволни. Не си дозволувајте да се задоволите со малите постигања, одете чекор понатаму и сакајте многу. Никој не гарантира дека ќе успеете, но ако не се обидете сигурно нема. Се вели: „Секој е ковач на својата среќа“.

Истражувања покажаа дека луѓето најчесто се сметаат себе си несреќни кога не работат ништо, а среќни додека работат, иако не можат точно да дефинираат што е тоа што ги прави среќни. Некои како одговор на тоа прашање ги опишуваат своите животни желби, цели и планови за во иднина.

Сепак, многу е поважно среќата да се пронајде во секојдневниот живот, на пример во испивањето кафе со пријатели, прошетка на сончев ден, слушање на омилена песна итн.

Интересна е релацијата среќа – брак

Има многу истражувања кои откриле низа вистини и заблуди во неа:

Вистина е дека бракот усреќува

Пријателствата се исто така извонреден извор на среќа, токму како и односите со браќата и сестрите, роднините, дури и со домашните миленичиња. Сепак, за среќата да биде со долг век е неопходно да се вложат време и енергија во врката.

Заблуда е дека физичката убавина е услов за среќа

Психолошки студии покажаа дека убавите луѓе воопшто не се посреќни од лицата со просечен изглед. Напротив, „обичните“ луѓе кои мислат дека изгледаат добро имаат повеќе самодоверба, поголем број на пријатели и поизразено чувство на среќа. Значи, суштината е во тоа да се сакате себе си и да ги истакнувате своите добродетелства.

Вистина е дека среќата е вродена

Кај среќните лица е забележана поголема активност во предфронталниот кортекс- делот од мозокот задолжен за позитивни емоции. Меѓутоа, потенцијалот за остварување на среќа е генетски условен само 40%. Сето останато зависи од вас.

Заблуда е дека парите усреќуваат

Американски истражувачи откриле дека најбогатите претставници на нивното општество- оние што годишно заработуваат 10 милиони долари- се само незначително посреќни од своите вработени. Среќата не се мери со пари; таа е состојба на умот која секој може да ја оствари.

Патот до среќата, пак, има неколку главни „насоки“:

Прегрнувајте се

Научници заклучиле дека колку почесто се прегрнуваме, толку сме посреќни. Прегрнувањето е корисно и затоа што го засилува чувството на блискост, ослободува од стрес и ја ублажува болката.

Прочитај и за ... >>  Правец во уметноста: Фовизам

Претворете нешто здодевно во нешто посебно

Во практика е докажано дека фокусирањето на некоја активност која обично се изведува автоматски- како што е конзумирање на оброк, го зголемува степенот на среќата.

Уживајте во секој момент

Психолошки истражувања покажуваат дека луѓе кои живеат „сега и овде“ се посамоуверени, позадоволни од животот и пооптимистични од луѓето кои се оптоваруваат со минатото или се грижат поради иднината.

Целите кои треба да се остварат можат да се поделат на внатрешни и надворешни.

Внатрешни цели:

  • Даваат чувство на среќа и оствареност, зашто задоволуваат вродени психолошки потреби, како што се креативност и лична награда;
  • Овозможуваат да се развивате како личност, зашто не зависите од туѓи мислења и одобрувања за да почувствувате среќа и задоволство;
  • Даваат чувство на компетентност и контрола над личниот живот, зашто се фокусирате на она што е правилно за вас.

Надворешни цели:

  • Ја трошат вашата енергија зашто работите на остварување на нешто што ви го наметнало семејството или општеството;
  • Ве тераат да остварите одредени идеали- финансиски успех или општествено признание- кои ќе ви овозможат да се вклопите во оштеството;
  • Ви отежнуваат да се прифатите себе си какви што сте, на пример држите диета само оти вашиот партнер мисли дека треба да ослабите.

А знаете ли каде се крие среќата? Тешко прашање, но да се обидеме да одговориме со помош на стручни, учени- нивни сознанија и откритија.

Среќата им била опсесија на цивилизациите со векови наназад. Грчки филозофи се обиделе да соберат дефиниции и извори на среќа, но сите обиди само воделе кон поголем број прашања. Денешното општество „изнедрило“ повеќе од 3.000 истражувања чија тема е среќата и како можеме да ја достигнеме.

Истражувачи дошле до интригантски и неочекувани откритија. На пример, среќата не е релативна. Радоста на животот не е поврзана со општествениот статус. Напротив, вистината е сосема поинаква. Ако зависите од позицијата во општеството, можете да бидете помалку среќни во однос на оние кои имаат поинакви критериуми. Не може да се каже дека среќата е постојана, таа варира во текот на животот.

Незадоволството е исклучок, а не правило, дури и во современото општество каде шо доминираат стресот и притисокот. Денес размислувањето за среќата е поттикнато, зашто е се поголем бројот на оние кои сметаат дека животот не им е доволно исполнет со ситни радости. Со време, како луѓето стареат, таа потрага по среќа исчезнува.

Се чини дека жителите на Америка имаат преголеми очекувања кои се често нереални. Се покажало дека и најдоброто образование, пријатните соседи, егзотичните одмори и најлуксузните германски автомобили не можат да понудат емотивно исполнување. Се поставува прашањето: што е тогаш извор на среќата?

Преголемите очекувања само го засилуваат чувството на незадоволство. Повеќето луѓе настојуваат да ја сокријат својата тага зад храбро лице, глумејќи дека се мошне радосни. Заедно со верувањето дека очекувањата ја придвижуваат среќата, секој емотивен пораз би значел дека сме помалку успешни во однос на други.

Втор извор може да биде тоа што настојуваме да анализираме секоја околност. За секој наш подем или пад постои адекватна дијагноза на депресија.

Голем е бројот на фактори кои влијаат врз среќата. Некои експерти мислат дека 10% до 15% се среќни благодарение на параметри како што се социоекономската позиција, брачниот статус, здравствената состојба. Со други зборови, среќата се чини не се потпира на оние фактори кои обично ги поврзуваме со поведри чувства.

Докажано е дека постои силна врска помеѓу годините и чувството на среќа. Имено, додека младите луѓе се повеќе оптоварени со недостижни нешта, старите луѓе се задоволни со она што го стекнале. Исто така се покажало дека оние кои се оствариле како родители се многу посреќни.

Целта на животот е предуслов за среќа.

Семејството може да биде силен извор на задоволство, но и други нешта како религијата, политиката или кариерата.

Светски истражувања за среќата покажале дека материјалната стабилност или успехот не се клуч за среќа. Светската мапа на среќата, што ја направила Нова економска фондација од Лондон, покажува дека во прв план се здравјето, благосостојбата и образованието. Така, првото место на оваа мапа го заземаат Данска и Швајцарија, додека САД го делат местото со Емирати.

Може ли да има вишок на среќа?

Луѓето не ја гледаат среќата како дар, туку ја подразбираат како нормална состојба. Се разбира, среќата ги подобрува личниот успех и самодовербата. Истражувања покажаа дека оние што почувствувале неизмерна среќа се најуспешни во врските и волонтерските работи.

Прочитај и за ... >>  Mорал

Се смета дека се што е надвор од општествено востановените граници на среќата може да предизвика успех.

Како и кај повеќето добри нешта, до среќата не може да се стаса со сила, ниту може да се научи. Исто така, тагата е составен дел од животот, кој пред нас поставува предизвици. Она што е битно да се запомни е дека изворот на среќата лежи во нашето чувство во малите задоволства да пронајдеме смисла.

Иако потрагата по среќа е сосема разумна и оправдана цел, се чини дека тоа е најголема пречка на тој пат, тврдат истражувачи од Институтот во Денвер. Тие откриле дека жените, кои повеќе се стремат кон среќа, биле помалку среќни и депресивни отколку жените на кои тоа не им била примарна цел.

„Желбата да бидете среќни ќе ве направи помалку среќни. Ако експлицитно се фокусирате на среќата, таа можеби нема да биде вистинската“, предупредува водачот на истражувањето Ирис Маус, напомнувајќи дека проучувале само жени зашто во последните истражувања се покажало дека жените и мажите имаат слични емоционални реакции во лабораторија, но оти мажите се понаклонети кон прикривање на некои одговори.

Постојат два механизма со кои жените насочени кон среќата можат да се најдат во лошо расположение, тврди Д-р Маус. Првиот е оти поставуваат преголеми цели за себе:

„Доколку луѓето сакаат да бидат среќни, поставуваат повисоки стандарди за да дојдат до тоа. Како резултат, често се јавува контраефект и доаѓа до поголемо незадоволство и снижување на процентот на среќа“.

Вториот е дека акцентот врз сопствената среќа доведува до занемарување на односот со пријателите и семејството:

„Тоа би можело да има негативни социјални ефекти. Сакате ли да бидете среќни, не е добро да се концентрирате на себе си оти тоа би можело да има негативни еефекти врз вашите општествени односи. Не обидувајте се да бидете среќни. Луѓето среќата можат да ја остварат само ако им се овозможи да работат вистински работи“, вели Маус.

Некои методи на крајот можат да поминат без негативни ефекти и со помош на луѓето да станат среќни, а еден од начините е да ги вклучат емоциите во активностите во кои уживаат.

Еве неколку практични совети:

1. Движење

Шетајте барем половина час дневно. Движењето го забрзува лачењето на ендорфинот, кој е заслужен за доброто расположение. Се разбира, џогингот, возењето велосипед или ролерки, скијањето и слични аеробни спортови се одлична алтернатива;

2. Сонце

Сончевата светлина е најсилен природен антидепресив. Во мрачните зимски месеци, особено на север, честа појава е мрзеливоста, па и зимските депресии поради недоволно количество на светлина. Алтернативи за сончевата светлина се специјалните ламби кои произведуваат вештачка светлина со висок интензитет (најмалку 5.000 до 10.000 лукса);

3. Насмевка од срце

Изразот на лицето е поврзан со расположението. Кога сме среќни, на лицето често спонтано се појавува насмевка, слична на онаа што ја гледаме на сликите и статуите на Буда. Но важи и обратното- кога намерно ќе повикаме ваква насмевка, расположението се подобрува. Затоа повеќе пати дневно станете свесни за напнатоста на своето лице, особено во пределот на долната вилица, челото и околу очите. Пуштете напнатоста да „отпадне“ и да се појави насмевката. Поврзете ја неа со мислите за нешто што го сакате, за нешто што вам вистински ви лежи на срце.

4. Сон

Погрижете се да си обезбедите доволно сон и добар квалитет на спиењето. Регуларните ритми сон- будност, правилната исхрана, избегнувањето на кафе и алкохол пред спиење и вежбите за опуштање можат да ви помогнат во тоа.

5. Будење на сетилата

Во текот на денот минуваме премногу време „в глава“, во непродуктивни, често секогаш исти мисловни обрасци. Вистинско освежување и радост е да се посветите повеќе на своите сетила. Станете свесни за звуците околу себе, светлоста и боите, мирисите, вкусовите, телесните осети. Немојте да ги просудувате и натаму да размислувате за нив, само останете неколку минути целосно во она што во овој момент можете да го забележите со своите сетила.

6. Музика и танц

Внимателно одбраната музика која опушта и витализира, комбинирана со движење, може веќе за половина час да придвижи во телото цела една „биологија на среќата“. Во последно време се појавуваат и кај нас музичко- танцови вечери и работилници наменети за сите возрасти и целно правени освен забавата да го имаат и овој тераписки ефект.

Прочитај и за ... >>  Книжевен речник: историја, теорија, критика

7. Игра

Кога се играме со деца (или со возрасни кои тоа се уште го умеат), им се препуштаме повторно на чарите на детството. Да се занесете во играта без каква било надворешна цел и намера е еден од најсигурните рецепти за инстант среќа.

8. Смеа

Смеата е во толкава мера лековита, што може да се применува и во медицински цели. Како таа дејствува врз расположението, на сите им е познато. Па сепак, во современото темпо на животот толку често забораваме да се смееме. Денес постојат и групи во кои заедничкото смеење е главна цел на собирањето.

9. Вода

Истечната вода го оживува просторот и го поттикнува доживувањето на текот во секојдневниот живот. Ако веќе не можеме секогаш да одиме до река или водопад, можеме да набавиме аквариум со рипчиња или мала фонтана за куќа или работно место.

10. Природа

Престојот во природа ја смирува и ја уземјува енергијата, не враќа во сопственото тело и неговите ритми. Луѓето кои живеат в град барем еднаш неделно би можеле да издвојат неколку часа за некоја активност во природа.

11. Пријатели

Негувањето на пријателства, а особено заеднички проекти со пријатели со кои делите некои интересирања, е еден од најважните столбови на среќниот живот. Заеднички проект може да биде излет или кратко патување, спорт, заедничко музицирање, медитација, организирање на дискусиона група околу некоја тема, или едноставно престој во природа со скара.

12. Среќата е во телото

Среќата првенствено ја доживуваме во телото, таа е едно отелотворено искуство. Телото сака допир и движење, опуштање, природни пулсации. Масажата (вклучувајќи и самомасажа), истегнувањето, вежбите на продлабочено дишење или едноставните рефлекси како проѕевање, длабок воздив со пуштање на глас, се механизми кои можат моментно да не придвижат од состојба на застој и заглавеност во состојба на тек- активност.

Откритие: среќните луѓе побрзо донесуваат одлуки.

Тоа го покажа една студија на американски тим на психолози, објавена во американското „Списание на потрошувачко истражување“. Научниците сакале да проучат како расположението влијае врз донесувањето на мошне едноставни одлуки.

На група испитаници тие прво им покажувале пријатни и непријатни фотографии, како кученца или заболени стапала, а потоа фотографии на некои обични предмети кои ги проследувале со зборови како „ми се допаѓа“, „не ми се допаѓа“, „добро“, „лошо“. Потоа од нив барале да одговорат со „да“ или „не“, во зависност од тоа дали нивните чувства се поклопуваат со зборовите кои ги следеле предметите.

Проучувајќи ги резултатите, тимот на психолози дошол до заклучок дека позитивно расположените луѓе побрзо реагираат.

„Ете го објаснувањето зошто луѓе уште на прв поглед знаат дали ќе купат или не некој предмет“, се наведува во студијата.

Најново: доживувањето на среќа се менува со годините. Додека во младоста за среќа ни е потребно возбудување, во староста неа ја наоѓаме во стабилноста и мирот, тврдат американски истражувачи.

Студијата на Универзитетот во Пенсилванија, со која биле опфатени 1.000 лица на старост од 20 до 50 години, покажала дека она што не прави среќни со време се менува.

Додека сме млади, среќата главно ја доведуваме во врска со мечтите за иднината, навалиците на адреналин и авантурите. Со годините, пак, се повеќе наоѓаме задоволства во стабилноста и мирот.

За младите луѓе 60% среќа е во возбудувањето, додека оние постарите имаат тенденција 80% од неа да ги поврзуваат со мирен живот. Исто така, студијата открива дека младите луѓе најмногу се свртени кон иднината, а постарите генерации повеќе уживаат во сегашноста.

„Зборуваме за две сосема различни видови на среќа- една која се однесува на спокојниот живот и друга која се однесува на возбудувањето“, изјави водачот на истражувањето, професорката Каси Моглинер. „Луѓето треба да очекуваат дека работите што ги прават среќни и нивното поимање на среѓата ќе се промени, тоа е она што ни го донесуваат созревањето и подоброто познавање на животот“.

Со студијата не е утврдено постоење на врска помеѓу среќата и годините на старост, така што не е можно да се каже дали постарите или помладите луѓе се посреќни, вели Моглинер, истакнувајќи дека степенот на среќа најмногу зависи од поединците.

(Користени повеќе прилози на Интернет и стручна литература)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here