Потребно време за читање: < 1 минута

110. Самобитноста на сенката и на Самобитна сенка

Љуба не случајно ја актуализира самобитноста на нејзината сенка. На Самобитна сенка,пак, се обидува да ѝ ја објасни нејзината најнова психофизичка состојба и насетувањето на последиците. Седнати во ателјето, во пополноќен час:

-Знаеш дека никогаш досега не сум ја проблематизирала твојата самобитност, сенко моја. Ама на разделувањево таа просто ми се наметнува. Никогаш не ми пречела. Напротив, воопшто не сум ни помислила дека во нашава животна и творечка авантура има во тоа макар најмала контрадикторност. Сега се убедувам сѐ повеќе дека била само прикриена. Од тебе таена, а од мене пренебрегнувана. Сега мислам дека си можела да бидеш самобитна само онолку колку што ти дозволував јас. Бидејќи си моја. Го имам на ум познатото и искуствено докажаното сознание дека човек не е човек без своја сенка. Едноставно, не може да опстои без неа, а само од исечоците од времето и животот зависи нејзината должина, влијанието и зависноста од него. Ти си решена конечно да исчезнеш, да се збогуваме по многу заеднички творечки години. Притоа не ни размислуваш што ќе биде со мене и со твојата самобитност која е неразделив дел од мојата личност. Не помислуваш дека е тоа невозможно?

Прочитај и за ... >>  САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА, роман во продолженија

Нејзината сенка молчи, како да е отсутна, како да е веќе исчезната. Љуба ѝ се обраќа на Самобитна сенка:

-Ти, Самобитна сенко, многу ме изненади. Мислам дека залудно се обидуваш решеноста да тргнеш по нова врвица кон нова цел за да ја оправдаш со надминување на меѓата помеѓу минливоста и трајноста. За да ја докажеш својата самобитност? Не ја докажа во нашава заедничка работа и во нашава заедничка живеачка?…В ред, тргај. Јас сама ќе го завршам портретов.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here