Река пред планина

Потребно време за читање: < 1 минута

Течела река пред планина
Бистра со одблесоци на зраци
Сончеви во брановите мирни
Некогаш пенливи.

Планината ја заградувала
Како со бедеми
Секогаш кога ќе надошла
Некоја силна незнајна војска
За да ја премине
Кај што е најплитка
Или да ја пресуши
да ја насочи што подалеку
Или да ѝ направи ново корито.

Реката пред планината
Досега успевала сама
Да извојува победа
Да ја поплави да ја удави
Надојдената војска незнајна.

Уште никоја не ја преминала
Не ја пресушила
Ниту ја насочила
Што подалеку од неа
Ниту ѝ направила ново корито.

Со помош на планината
Реката во нејзиното подножје
Сè почесто се престорувала
Во река понорница.

Откога крај реката го вдомив
Сето мое потомство
Во подножјето на планината
Таа како да ја раскажува
Без престан својата бистрина
Сосе својата мирнотија
А таа како да се извишува
Сè поживо
Сè поблизу до небото.

Се сакаме неизмерно
Се ородуваме.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Грижен, стихозбирка, 20