Како народниот говор постепено станува јазик на писменоста, просветата и книжевноста? И кога потребата од сопствен литературен јазик почнува да се формулира како дел од поширокото национално будење?
Во оваа целина од „Јазикот е мојата татковина – Аудио книга 3“ се следи развојот на македонскиот јазик во XIX век – период во кој народниот јазик сè поизразено навлегува во писменоста, образованието и книжевното творештво.
Од книгите на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, преку јазичните погледи на Партенија Зографски, обидите за создавање учебници и граматика, до делото на Ѓорѓи Пулевски, поезијата на Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и Григор Прличев и кругот околу списанието „Лоза“ – јазичното прашање постепено добива сè појасна национална и културна димензија.
Оригиналниот текст од „Јазикот е мојата татковина – Аудио книга 3“ го пренесуваме во неговата изворна содржина, транскрибиран во кирилица за полесно читање.
Развиток на македонскиот јазик во 19-иот век
За затврдувањето на народниот јазик во македонската писменост особено значајна улога одиграа книгите на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, што се појавија во почетокот на 19 век. Тоа е време на веќе изјаснета функција на народниот јазик наспрема црковнословенскиот, кому му остануваше употребата за целите на богослужбата. Народниот јазик, како што забележа Теодосија Синаитски, стана оној „кључ од челик“ што ги отвора срцата на простите луѓе, единствено пригоден за народната просвета.
Крчовски пишуваше на североисточно македонско наречје, а во не мала мерка се јавуваат елементи од црковниот јазик. Тој трпи влијание и од јазикот на бугарските текстови што ги користел при составувањето на своите книги. Јазикот на Пејчиновиќ, пак, е многу почист, ги има сите белези на народното зборување. Основата му е тетовскиот говор, но се јавуваат и некои црти од централните говори, особено во неговата знаменита книга „Огледало“. Блаже Конески со право го истакнува неговиот лично обоен стил, темпераментната проповед што се изделува од обичната клишираност на црковно-поучителното раскажување.
Иако во првата половина на 19-тиот век сè уште не е формулирана потребата од создавање на унифициран литературен јазик, веќе се јавуваат луѓе културно издигнати кои јазичното прашање ќе го постават како нужност. При крајот на 50-тите и во 60-тите години, во рамките на црковната борба против Цариградската патријаршија и борбата против употребата на грчкиот јазик во црквите и училиштата, потребата од единствен, унифициран литературен јазик кај нас наоѓа израз и во писмени искажувања од страна на некои наши преродбеници.
Партенија Зографски се застапуваше за еден заеднички литературен јазик во Бугарија и Македонија, тој да биде „среден“, т.е. изграден земајќи ги подеднакво предвид и македонските и бугарските јазични особености. Ваквото гледиште е одраз на заедничката борба против Патријаршијата која тогаш се водеше во Бугарија и Македонија.
Но од друга страна кај нашите видни луѓе сè повеќе наоѓаше израз стремежот писмениот јазик што ќе се употребува во Македонија да носи белег и на македонските говори. За македонските училишта почнуваат да се издаваат посебни учебници на јазик во кој повеќе или помалку ја имаше македонската народна основа (од Партенија Зографски, Кузман Шапкарев и други).
Се јавува и идејата за издавање на граматика на македонското „наречје“. Во 1872 година Венијамин Мачуковски објавува оглас за собирање претплата за издавање на својата граматика што веќе ја употребувал во својата учителска практика, но за жал таа не е издадена.
Поставувањето на потребата од изградување на посебен македонски литературен јазик, одделен од бугарскиот, се смета за едно од најважните во националното будење во 60-тите и 70-тите години на 19-тиот век. Тогашните „македонисти“, како што се нарекуваа поборниците на македонската национална кауза, во својата програма истакнуваа дека македонскиот народ е одделен словенски народ и како таков треба да има свој посебен литературен јазик.
Ѓорѓи Пулевски во својот „Речник од три јазика“, објавен во 1875, предлага како најдобро да се соберат од сите македонски краишта „људи учени, који го познавајет јазикот мајкин чисто“, тие да состават граматика, „пак да остане као света таја книга за сиве шкоља, а и за други книги писање“. Во 1880-та година тој во Софија ја објавува „Слогница речовска“, што претставува само потврда на стремежот за оформување на писмениот македонски јазик.
Од половината на 19-тиот век се јавуваат книжевните творби, литература со граѓанска содржина. Се јавуваат поетските творби на Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и Григор Прличев. Песните на Миладинов, на пример, се пишувани на чист народен јазик од струшкиот крај, со мали туѓи примеси, и се смета дека е тој првиот претходник на создателите на нашата современа поезија (Б. Конески).
Жинзифов се обиде да создава на „среден“ бугарско-македонски јазик, вештачко комбинирање на македонските и бугарските јазични црти. Прличев сметаше дека основа на литературниот јазик треба да биде граматиката на старословенскиот, а се залагаше и за создавање на еден општословенски јазик.
Периодот по 70-тите години е исполнет со борба за доминација во Македонија на грчкиот, бугарскиот и српскиот јазик, а тоа систематско пропагандно и насилно однародување опфаќа период од околу 80 години, но и покрај тоа јазичното прашање не се реши, односно не се успеа да се наметне еден од тие јазици.
Во 90-тите години на 19-тиот век се јавуваат барања да се продолжи македонската писмена традиција. Значајна е групата околу списанието „Лоза“, група македонски интелектуалци. За овој круг Крсте Мисирков, меѓу другото, ќе напише дека е „сепаратистично движејн’е со цел’а да се оддел’ат интересите на македонците од бугарцките со воведуајн’е на једно од македонцките наречија на степен на литературен јазик за сите македонци… Но тоа духовно движејн’е не се ареса на бугарцкото стамболовцко праител’ство, које забрани да се издаат „Лоза“ и зафати да гонит македонците сепаратисти“.
Од народниот говор кон литературниот јазик
XIX век е период во кој народниот јазик постепено го проширува своето место во македонската писменост, просвета и книжевност. Она што на почетокот на векот се појавува преку книгите на Крчовски и Пејчиновиќ, во следните децении прераснува во сè поизразена потреба јазичното прашање да се решава системски.
Учебниците, идеите за граматика, книжевното творештво и размислувањата за основата на идниот литературен јазик покажуваат дека прашањето повеќе не се однесува само на тоа на кој јазик треба да се пишува. Сè појасно се поставува прашањето каков треба да биде јазикот што ќе служи како заедничко средство на културата, образованието и писменоста.
Од Крчовски и Пејчиновиќ, преку Пулевски и преродбениците, до кругот околу „Лоза“, постепено се оформува патот кон идејата за посебен македонски литературен јазик.
Токму овие процеси ја подготвуваат почвата за почетокот на XX век и за ставовите што Крсте Петков Мисирков ќе ги формулира во „За македонцките работи“.
Продукција: РТД Радио Гром
Автор: Љупчо Димитровски
Продуцент и тонски реализатор: Горан Димитровски
Стручен соработник: Стојка Бојковска, лингвист








