Потребно време за читање: 3 минути

Ако остануваме уште долго во првиот ден за во него да се случи сè: и човекот со четири лузни на лицето, и другите настани, и јас и ти; да се случи практично сè, а да остане нешто само како последен здив; тогаш ајде да вратиме и некое од нашите патувања до Морето!

Како го замислуваш тоа, Јасене Виорски?

Дека сме стасале до него без посебни подготовки. Времето било убаво и веднаш сме се договориле да патуваме.

А зошто не тоа патување со извесна симболика? Мислам додека раскажуваме тоа да се одвива бавно, како на подзапрен филм.

Зошто не ако тоа ти се допаѓа повеќе. Ќе легнеме на еден бран и ќе допатуваме до Морето!

Помнам сè, Јасене Виорски. Ако ти можеш да заборавиш нешто, јас го помнам и најмалиот детаљ. И куќата и луѓето и нашите прошетки на брегот…

Да се договориме. Најнапред само водата! Морето како небо!

Имаше коњи ззапенети од јурење. Како само нас да нè гледаат! Ги нишаат гривите и опашите на ветрот, а еден од нив се изделува како да сака да нè престаса. Почна залезот. Се мешаа црвени, жолти, па сини облаци; па некаква проѕирна магла. Бевме изморени од патот, а Морето уште малку далеку од нас. Наскоро ќе го стасаме.

Прочитај и за ... >>  ДЕТАЉ II

Треба нешто да се случи, нели?

Сакаш, Марија Имотска?

Не знам. Но, вака како ништо да не се однесува на мене, а ниту на нас. Како да нема ништо наше, како патувањето да е од некој друг или од други!

В ред, од она што ни останало во сеќавање. Додека патувавме до Морето видовме многу стари куќи, една стара тврдина, големи карпи и нови колиби. Еднаш запревме и гледавме карпа што личеше на дрво! Имаше уште такви, со гранки и трева под нив. Запревме да ги гледаме.

Ти, Јасене Виорски, сè уште не си тој, туку како што вели Борхес: генерички тип.

Остави го тоа за другпат, Марија Имотска. Тоа тој го вели за друго. Но точно е дека додека те откривам истовремено те создавам и те освојувам. Како единствена! Најконкретна сèуште не. Веројатно дури на крајот. А што имам јас врска со генеричкиот тип на Борхес кога се обидувам да го кажувам само нашето патување до Морето преку реката низ градот? Остави го тоа за после!

Се загледуваш во мене, а од едното око ти истекува некаков зрак. Едновремено нараснува и зацрвенува како да ќе пукне од страв!

Прочитај и за ... >>  Сè во свое време, забележува Јасен Виорски. Времето почнува, забележува Марија Имотска.

Сакаше да потврдиш дека карпите од дрво се дел од тебе, Јасене Виорски. На пример, една рака и три нозе или обратно. Што ќе избереш?

А ти? Исто ли, Марија Имотска? Исто?

Ти треба да решиш. Нели јас сум во твои раце и нели само од тебе зависам?

Да, Јасене мој, продолжи таа. Само како ти ме замислуваш. Постојано ме ставаш во необичен амбиент, постојано надаваш дека сум со емотивен набој кон тебе. Легнувам со тебе кога ќе посакаш. Не забораваш на љубовта, а страста секогаш ја претпоставуваш. Речиси секој ден! Каде ти е стварноста? Твојот свет како дел од стварноста?

Сакаш да ме префрлиш на друг колосек? На твојот?

Нема врска! Еве го пак Борхес! Стварноста лесно ја прифаќаме. Можеби чувствуваме дека ништо не е стварно!

Добро, и тоа си го запомнила. Тогаш го читавме заедно.

Продолжи. Сега Морето конечно!

Морето беше студено, а ние гледавме бели камења во него. Мислевме колку е длабоко и помалку од порано ни беше страв. Ако паднеме, до каде ли ќе паднеме? И колку време и колку воздух ќе ни треба? А кога веќе имавме неколку дена во него, замелушени од светлината наутро и од сонцето со црвен залез, почнавме да сонуваме! Тоа беше добар знак дека полека го освојуваме спокојството.

Прочитај и за ... >>  Зарем не забележуваш, Марија Имотска, дека полека заземаш подредена позиција? Се лажеш, Јасене Виорски!

Во третиот сон почнавме да трчаме низ Морето, а по нас голема риба што рика како лав! Од каде, пак, сега тоа? Од денот, Марија Имотска, ти одговорив јас. Или како неосвоен простор.

Да не како рамнодушност?

Не, туку протејско прифаќање на болеста! Со висока температура и сува уста.

Да се вратиме пак.

Трчавме низ Морето. По нас голема риба што рика како лав. Забораваме еден детаљ: и нешто како суви гранки под нашите нозе што ги кршевме додека бегавме пред рибата како лав.

Значи, не протејско прифаќање на болеста, ами на стравот!

Кога ни мина третиот сон на сувите гранки лежевме само ние.

Да, Јасене Виорски, добро се сеќавам. Се држевме за раце, мижевме на сонцето, и јас ти реков дека нешто ќе се случи. Има ветер.

Ќе заминам, ти реков. А гледав право во сонцето.

Каде?, те прашав.

Не знам, ти одговорив јас.

Морето беше во пена на брегот и полно со песок. Ги оставаше до нашите тела, Нè допираше. Имаше бранови тоа утро. И се враќаше назад.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here