Седмиот месец во годината – јули со неговите 31 ден не пренесува во втората половина од годината. До Цезаровата реформа на календарот бил петти месец во годината или mensis quintus, односно quintilis.
Името го добил токму според реформаторот Јулиј Цезар. И тоа како признание за се што направил овој голем римски војсководец и државник.
Јулиј Цезар, роден во 100. година пр.н.е. умрел во 44. г.пр.н.е., имал бурна и мошне брза животна кариера. Се женел четири пати, во младоста учествувал во многу битки и добил многу признанија за храброст. Во 75. г. пр.н.е. е избран за понтифекс, а потоа за војнички трибун. Во 60.г. пр.н.е. во Рим со Помпеј и Крас го склопил Првиот триумвират кој е прекинат по Красовата смрт во 53. г. пр.н.е.
Цезар се судира со Сенатот и со Помпеј и тргнува со војска на Рим, од каде што избегале Помпеј и останатите Цезарови противници. Цезар тргнал во потера по него, па во 48. г. пр.н.е. го победил кај Фарсал во Тесалија, ја продолжил потерата кон Египет (Помпеј го убиле кај Пелузиј), ја совладал египетската војска и и ја препуштил управата на Клеопатра. Потоа ги средил состојбите во Јудеја и Сирија и молневито го победил понтскиот крал Фарнак кај Зела (во 47. г. пр.н.е.). Оттаму потекнува неговата прочуена порака до Сенатот: Veni, vidi, vici – Дојдов, видов, победив.
Враќајќи се во Рим Цезар станал диктатор и ги поразил противниците во Африка и Шпанија, а како намесник на Илирите во 46.г. пр.н.е. го задушил Илирското востание. Така всушност станал апсолутен монарх; прогласил општа амнестија, спровел државни реформи, го средил судството, го зголемил бројот на сенаторите, подготвил мерки за осигурување на границите. На врвот на неговата моќ, на 15. март 44. г. пр.н.е. го убиваат заговорниците на патрицискиот круг, на чело со Брут, Касиј и Требониј.
Јулиј Цезар значајно место во историјата на човештвото не зазел со своите бројни походи и победи, со тоа што во нив се докажал како голем стратег и лукав тактичар, туку пред се и над се со реформата на календарот, воведувањето на нов календар кој според неговото име и се нарекува јулијански.
Во 45. г. пр.н.е. тој го повикал александрискиот астроном Сесиген да направи нов календар, многу поточен од дотогашниот лунарен, да ги надмине неговите недоследности. Тој го зел 1- ви јануари за почеток на годината, наместо месецот март, на месеците им дал по 30, односно 31 ден, освен февруари кој имал 29 и секоја четврта година му бил додаван по еден ден. Таа четврта година поради усогласување имала 455 дена и била наречена „конфузна година“. Месец јули е наречен во чест на Јулиј Цезар, а на предлог на Марко Антониј. На почетокот од нашава ера, за да се овековечи победата на царот Август, наредниот месец го добил името Augustus, и притоа римскиот Сенат одлучил и тој да има 31 ден, а не како дотогаш 30, кој е земен од февруари. Тој, пак, останал со 28. дена.
Кои се македонските народни имиња за месец јули?
Ги има повеќе, сите со одредена симболика или конкретно значење: гумнар – време на вршидба; потоа вршач, па црвен – ја сугерира бојата на месецот- „румен месец“, зарев, суво корито, златец- златни зраци, златно класје, златно жито..