Има многу нови, но и постари науки чии области на проучување се помалку познати или им се познати на тесен број научници-специјалисти. Некои никогаш нема да станат „општопознати“ бидејќи се занимаваат со прашања и проблеми кои немаат „општо“ значење, чии резултати или не се доволно атрактивни или се помошни на некоја односно некои други. Неколку примери:
-хроногенетика;
-биоастрономија;
-биогеографија;
-екопсихологија;
-археометрија;
-френологија.
Што проучува хроногенетиката?
-Во последно време научниците речиси нераскинливо ги поврзале проучувањата на близнаците и генетиката, што довело до сосема нова област на проучување, тн. хроногенетика. Таа се занимава со проучување на гените како вид на биолошки временски часовници.
Во текот на тоа проучување научниците утврдиле дека гените ги одредуваат појавата и настанокот на некои особини кај луѓето, нивните болести и карактеристики на процесот на стареење и дејствување, како и можниот начин на лечење и спречување на појавата на наследни болести уште пред тие да можат да нанесат штета.
Генетичарите досега откриле повеќе од 3.000 видови различни наследни болести, од тн. српеста анемија и некои облици на рак, до џуџестиот раст, дијабетесот и вродените мани на метаболизмот кои доведуваат до оштетување на мозокот. Научниците речиси секојдневно ги прошируваат топографијата и картата на човечките гени, откривајќи врска помеѓу делче од дезоксирибонуклеинската киселина (ДНК) и специфичните човечки постапки и особини, кои објаснуваат зошто луѓето изгледаат, чувствуваат, мислат, боледуваат, живеат, работат и умираат онака како што им се случува.
Во создавањето на таквата карта на човечки гени научниците тврдат дека близнаците можат да помогнат многу.
Сте чуле ли за биоастрономијата?
-Во рамките на општиот концепт на животот како процес на природна еволуција, биоастрономијата има за задача да трага по живот во вселената.
Истражувањата се вршат во повеќе фази: космичка фаза, која опфаќа потрага по нови планетарни системи; органска фаза, која го истражува молекуларниот состав на меѓуѕвездените облаци; пребиотска фаза, која се концентрира на Сатурновата месечина Титан (поради неговата метанска атмосфера); евентуална примитивна биолошка фаза во заледената почва на Марс; и најпосле, фаза на истражување на вонземјина интелигенција.
Сите тие активности во голема мера ги финансира и моќната организација НАСА.
А што е биогеографијата?
-Таа е наука што ја проучува распространетоста на живите суштества на нашата планета. Според тоа, биогеографијата е заедничка гранка на биологијата и географијата, како што тоа во самиот назив и го нагласува.
Биогеографијата ја проучува и распространетоста на живите организми во изминатите геолошки епохи на Земјата. Заради полесно разбирање и поголема прегледност, биогеографијата се дели на две области: фитогеографија и зоогеографија. Фитогеографијата ја проучува распространетоста на растителните организми на земјата, додека зоогеографијата ги проучува животинските организми на нашата планета.
Во биогеографијата е мошне важна екологијата оти природната распространетост на живите суштества, па и на растенијата на нашата планета е условена од еколошки фактори.
Со што се занимава екопсихологијата?
-Сѐ е поголем бројот на луѓе кои патат од депресија, стрес, мачнини и психосоматски заболувања, зашто при планирањето и изградбата на населбите, зградите, становите, училиштата, болниците и другите структури што ги користи човекот не се води доволно сметка за неговата психа.
Во еден мртов, непрегледен комплекс од згради, на пример, луѓето се чувствуваат изгубени, оттуѓени, запоставени. Науката што се занимава со односот помеѓу животното опкружување и човекот се вика екопсихологија.
Во САД екопсихолозите веќе рутински се вклучуваат во планирањето и изградбата на станбените населби и згради, посебно болниците и домовите за стари луѓе. Имено, се смета дека тие дејности не смеат да им се препуштат исклучиво на архитектите.
Што е археометрија?
-Помошна наука која ги користи физичките и хемиските методи за одредување на староста и потеклото на археолошките предмети.
На пример, за одредување на староста на тие предмети одамна се користи методот на радиоактивен јаглерод. Тој метод може да се користи само за предмети од органско потекло (дрво, текстил, хартија…), и тоа не постари од 50.000 години. За керамичките материјали, стари и до 300.000 години, може да се користи термолуминисцентниот метод кој се потпира врз особеноста на некои минерали да ја складираат енергијата што ја примаат од јонизирачкото зрачење на природните радиоактивни елементи: уранот, ториумот, рибидиумот и калиумот. Кога таквиот минерал полека ќе се загрее до околу 500 степени Целзиусови, тој ја ослободува складираната енергија во форма на светлина чиј интензитет може, под одредени услови, да послужи како мерило на неговата старост.
Одредувањето на потеклото на археолошките предмети се засновува врз фактот дека рудите, а тоа значи и металите, од разни суровински извори се од различен состав. Со одредувањето на изотопскиот состав на оловото во предметите од бронза најден во Троја е утврдено дека за најстарите предмети односно најдените суровини тој потекнувал од блиските рудници, додека за оние помладите е увезен како суровина зашто домашните рудници очевидно биле веќе исцрлени.
Со што се занимава френолошката наука?
-Френологијата е наука чии претставници се занимаваат со проучување на човечките черепи и врз основа на нивната граѓа и форми ги утврдуваат душевните особини и способности на човекот кому односниот череп некогаш му припаѓал. Притоа се тргнува од поставката дека душевните дејствија се локализирани во големиот мозок кој го оформува и самиот череп.
Називот френологија е изведен од грчкиот збор френ-душа, од кој се изведени и зборовите френетичен-одушевен, френезија и френопатија-душевна болест.
За черепот на прочуениот музичар Јозеф Хајдн (1732-1809) е врзана една чудна „одисеја“, што ја предизвикал директорот на затворот во Виена, кога Хајдн умрел и бил погребан. Тој се занимавал со френологија.
Два дена по погребот на Хајдн потплатил некои луѓе да го отворат гробот и да му ја донесат неговата глава за да ја проучи. После настанала вистинска јагма околу черепот на прочуениот музичар, кој останал обезглавен во гробницата. Така обезглавеното тело го дочекало и крајот на Втората светска војна. Телото лежело во една, а главата во друга окупациона зона на Австрија. Дури во 1954. г. виенското Друштво на пријателите на музиката успеало главата и телото на прочуениот музичар да се состават.