30. Планината Жива
Пред мене не знам како ја викале. Јас ја именував Жива оти мислам дека тоа име ѝ прилега најмногу. Интересно, сите што ја искачија во меѓувреме и ја искачуваат во ова време ја именуваат така, дури нагласувајќи дека им се допаѓа. Јас, пак, ја поздравувам секогаш пред да почнам да ја искачувам, а таа ми отпоздравува радосно и срдечно. Што е сигурно необично за некого, можеби за сите. Се подразбира, додека ја искачувам разговараме за што било.
-Здраво-живо, Жива!
-Здраво-живо, драг пријателе! Како си ми?
-Добро. А како би бил штом те искачувам? И ти исто како мене, нели?
-Се разбира. Но, кога и други заедно со тебе ме искачуваат расположението ми се крева до небо.
-Не треба да ми објаснуваш зошто. Знам.
Веќе второ годишно доба живеам во подножјето на Жива. Есен е. Забележувам дека и таа со сè живо во неа се подготвува за зимата која сè повоочливо најавува дека ќе дојде скоро, за месец-месец ипол. Тревата е сè пожолта, посува, листовите на дрвјата сè повеќе ја покриваат земјата околу нив, сè поретко и потивко се слуша црцор на птици, сè почесто дува северник. Сè постудено е во мојата дрвена куќарка со покрив од греди, мов и глина, па огнот во огништето гори сè подолго; не му давам да угасне до сè подоцнежен ноќен час.
Се населив во подножјето на Жива откако останав без мојата друшка Вида, со која проживеав во туѓина, во Германија, без род и пород цели четириесет и три години. Ми почина ненадејно една ноќ, не знам дали пред или по полноќ. Последно живеалиште ни беше двоиполсобен стан во центарот на Дармштат, сојузна држава Хесен, а моја последна работа како слаткар во мала продавница за слатки. Ја погребав таму, собрав од станот што имаше за собирање и се вратив. Мојот роден дом во село Побол го беше збришале годините без жива душа во него, па искачувајќи се за здравје по нашите планини случајно се најдов пред Жива. Ја искачив и заживеав и се соживеав со неа.
Од нашите разговори за што било при мое искачување до нејзиниот врв, за мене од суштествено значење е еден неодамнешен за тежината:
-Жива моја, сакам да споделам со тебе мисла за тежината. Од ден на ден сè почесто ми иде народната „Секоја планина-своја тежина“. На ум ми е сè што минав во животот, маките пред сè, ама и сè поголемата тежина на снагава.
-Драг пријателе, таа споредбена изрека треба да се прифати буквално кога станува збор за мене и за сите како мене. Секоја од нас, планините, навистина си има своја тежина која не може да се спореди со ничија друга. Да, немерлива е, ама е согледлива кога ќе те освои при првото искачување и кога ќе сакаш да ја искачуваш секогаш штом ќе се најдеш во подножјето. Не оти ја искачуваш и ќе ја искачуваш лесно или тешко, сè полесно или сè потешко, туку поради животноста што ти ја нуди за да стане дел од тебе.
-А што се однесува на човечката тежина, тежината на секој човек како планина, што значи на човек со ука, поука и опитност, таа е многу повеќе иста или слична одошто различна или единствена. И помалку споредбена со планина, а многу повеќе со времето и годините, едновремено со прилагодувањето на нив.
Мене ми е поважна од сè нашата заедничка тежина. Твојата планинска и мојата човечка сплотени. Знаеш каде тие се сплотуваат? На твојот врв, Жива моја. Кој станува одново мој секогаш кога го освојувам.
Жива малку се изненади, се замисли, но по првите чекори од продоложувањето на моето искачување забележав дека нејзината топлина и нејзината студенина се доближуваат и речиси се стопуваат една во друга во провалијата помеѓу присојната и осојната страна. Како да сакаше да докаже дека е согласна со мене.