45. Стрепетување
Се буди, станува,
измива лице во извор
со сончев зрак,
па почнува да стрепетува.
Левата страна
на неговата снага
сосе срцето и гласот,
десната страна
на плодот негов
сосе воздивот во песна.
Стрепетува некое време
како да треба да трга
на нов пат кон недоглед.
Потоа покрива
со спокој
снага, срце, глас, плод
и воздив во песна,
да не би да се умори
на полпат,
пред беспатје,
пред прво и последно
свое исчезнување.
Стрепетува дека скоро
ќе почне да остава
зад себе трага
од тајни, неодгатливи
знаци на свое постоење
меѓу ѕвездено небо
и скаменет сетен предел.