Потребно време за читање: < 1 минута

24. Предолго

Жар тлее предолго во пустошијава
дека ветер одамна не се раздувал
од која било страна на нем говор
со живот почнат во последен издив
а не продолжен макар како трага
што не води кон нигде
со сè пеплосано во минато и денес
скрвавено секое семе откорнато
сосе крици јадови рани отворени
дали некогаш ќе престане да тлее
огон од него да се разгори
со пламени до небо
не толку коски да загрее
колку да е почеток на пресекување
на пустошијава
на две нееднакви половини
едната голема за време громовно
другата мала за време камено
јас меѓу нив исправен премален
предолго
огон разгорен со пламени до небо
со заживеана срцевина коскена
на предци
во пустошијава беспатна
та не се знае дали биле живи негде
или згаснале од прв до последен
жар тлее обграден со пепел
од далеку виден ноќе до рани зори
од близу несетно доблестен човек
за нов извор на догледан срт
на кој ќе стаса совреме
пред да потече низ вените негови.