Потребно време за читање: < 1 минута

25. Сотирање

Тоа сотирање траеше долго
и трае во пустошијава
затоа што се сотира народ
со корени длабоко
меѓу мрак и светлина
меѓу ведро небо и облаци
со молскавици
во планини без врвови
во врвови на тишини
со корени раширени
во сите живи и мртви
светови
од искони до денес
сосе идно време
особено сотирање траги
што водат до почетокот
на постоењето на сонцето
еднакво изгревно и залезно
особено сотирање решки
и знаци и слова како писмо
кое учени го смислиле
за да суштествува верата
во својата единственост
како семе непобедливо
траеше и трае сотирањето
до последен сонувач
на бескрајна љубов
меѓу предци и потомци
а ветриште некогаш
развева крици претсмртни
на будење на самосвест
пред ново вовишување
со дело вековито.