Потребно време за читање: 3 минути

101.

Нема ништо незнајно за името на Македонците, нивната етничка припадност, како и за другите народи што живееле во античко време на просторот на денешна Македонија. Кога станува збор за другите, мене ми е поважно проблематизирањето на нивното постоење денес само во траги-знаци, записи, урнатини од градби, секидневни дребнулии поврзани со секакви содржини на животот и смртта. Јас се обидувам тоа да го доживеам или преживеам со замисла која најчесто ја конкретизирам со соучесништво, но ми успева само ако сум непосредно до нив, помеѓу нив или со нив. Притоа, секогаш им давам предимство на огнипштето и огнот во него, особено кога се сочувани, видливи, како не одамна оставени во самост или згаснати.

(Фајл-Не само енциклопедиска одредница)

Како за многу, да не речам за сите древни народи, кога е збор за името и за Македонците има неколку легенди за митскиот предок Македон: дека бил син на Ѕеус и Тија, на Дион и Ајтија, Диос и Ајтија или Диос и Ајтрија; бил крал на Ематија, а според него земјата го добила името. За мене воопшто не е необично дека за етничката припадност на Античките Македонци најмногу зборувале и пишувале историчарите и лингвистите. Тоа исто се однесува на многу други древни народи. За едните наративните извори се најбогати, а за другите од непроценливо значење се сочуваните сто и педесетината македонски глоси, како и ономастичките траги-сопствените имиња и топонимите. Го споделувам ставот на оние што тврдат дека Македонците биле одделен народ, дека не биле ниту Хелени, ниту Илири или Тракијци. Во битката кај Хајронеја биле поразени Хелените, а во Ламиската односно Хеленската војна Хелените се бореле за ослободување од туѓинската власт. Познато е и тврдењето на Павсанија дека кралевите од македонската кралска куќа во Египет се нарекувале Македонци оти тоа биле, со етниконот Македонец ги означувал Херодот, а е интересен е записот на Плутарх дека освен Клеопатра, другите македонските кралеви во Египет не го знаеле египетскио јазик. Општо е познато дека во сите хеленски извори Македонците се означуваат како барбари и непријатели на Хелените.

Прочитај и за ... >> 

И јас, како некои учени, сметам дека пајонските племиња, кои живееле во источниот дел на Македонија, имаат бригиски корени, односно се сродни со Бригите. Тоа го докажуваат не само нивните имиња, кои се разликуваат од тракиските со едночленоста и еднокореноста, туку и со епихорските имиња што се пронајдени на антропоморфни типови на стели, а кои имаат паралели во бригиската ономастика. Познато е дека пајонските племиња биле составен дел од Бригите и не влегувале во рамките на хеленскитге племиња. Значајно е дека Пајонците учествувале во процесот на формирање на Античките Македонци, кој завршил во доцната праисторија. Тие се стопиле со останатите македонски племиња.

Пелагонците биле македонско племе, составен дел на пајонската група племиња и имале бригиско потекло. Интересно е што Хомер во неговата „Илијада“ го спомнува заедничкиот предок Пелагон или Пелегон.

Во западниот дел на Античка Македонија живееле Енгеланите или Десаретите. И јас мислам дека тие биле Бриги. Кога пишува за борбите помеѓу македонскиот крал Фикип V и илирскиот владетел Скердилаида, хеленскиот историограф Полибиј забележува дека тие воделе борба во областа Деасаретија, во 2017. г.пр.н.е. Страбон сведочи дека Енгеланите се викале и Десарети. Во римско време нивната моќ опаднала и на нивно место се издигнале тие. Областа станала позната како Десаретија. Според Плиниј, таа се протегала на север од Епир, сѐ до областа населена со Дарданци. Ги опфаќала и полошката и кичевската котлина.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Мошне важно за дефинирањето на материјалната култура на Античките Македонци и определувањето на нивната територија е откритието на некрополата во Синдос (Текелиево) кај Солун. Гробовите и сиот пронајден материјал се мошне слични со оние пронадејни во некрополата во селото Требениште, која се наоѓала на територијата на Енгеланите. Станува збор за златен накит, бронзени кратери, сребрени садови, нараквици, сандали и златни погребни маски. Треба да се истакне дека во погребниот култ на Античките Македонци делови од телото на првенците во Охридскиот регион, како и локални владетели на македонски племиња пред да потпаднат под власта на Аргеадите, биле покривани со злато. Слични погребни маски и златни листови се пронајдени на други локалитети во Македонија, а на територијата на Хелада вакви наоди не се откриени.

Најважни се Бригите или Фригите. Според Страбон, тие живееле кај реката Еригон. Се спомнува и град Бригијада. Несомнено е дека биле старо македонско племе, во соседство на Илирите. Херодот го наведува името на единствениот познат бригиски крал Мида. Во оваа група на племиња влегуваат Пајонците, Пелагонците, Енгеланите односно Десаретите и подгрупата на Пајонците наречена едонскомигдонска, која ја сочинувале Едонци, Крестонци и Ситонци. Дека Бригите биле главна компонента во етногенезата на Античките Македонци, може да се заклучи од археолошки извори и бригиски епихорски имиња во Пела, Бероја и Тесалоника, во срцето на Античка Македонија. Меѓу македонскиот и бригискиот јазик постоела сродност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here