103.
Да го завршам исказов? Всушност, да го прекинам? Доста е? Да, сѐ повеќе ме умори, сѐ повеќе ми е безразложен. Ама…Сѐ некои нафрлоци, површности, безначајности; основни знаења и сознанија, љубопитност; чуено, прекажано, прочитано за древни цивилизации, за минатото и сегашноста на македонскиот опстој, идентитети…Помеѓу нив понешто од мојот личен и семеен живот, некои од преживеалиците пресвртни, некои несакани, некои замислени, радосни, болни; спомени, подзаборавено, незаборавно; длабоки и завеани траги…Сѐ тоа директно или индиректно поврзано и испреплетено со огништето и огнот, вкоренето и втемелено во самосвеста. Со постојано одлагање на клучното, кулминацијата? Може да има такво нешто несмислено, неизмислено?…И уште дека не ни помислувам не само да го објавам, ами ниту кому било да му го предочам…
Сепак не! Го продолжувам до кога ќе имам сили и енергија, до кога ќе имам со што. На пример, не сум ни ги спомнал моите подготовки за скорашното заминување во моето Долно Дивјаци, а во кои ми помагаат син ми и мојата Госпоѓа. Не ми остана уште многу и се ближи времето. На пример, не знам зошто одбегнував досега, но конечно морам да ги изнесам своите согледби, промислувања и ставови за актуелните сѐ подраматични состојби во Македонија, што ги следам катадневно и внимателно. Или за неразбирањето дека сегашноста е онолку непореклива колку што е длабоко минатото со протолкувани знаци на очекувана и надежна иднина.
А и друго, кое инаку ме поттикнува најмногу: континуираноста и надоврзувањето. Почнувам да откривам, осознавам и истражувам, па никако да завршам, да престанам. И тоа без оглед на времињата, на временската и просторната дистанца.
Еве конкретно: Бригите. Му ја раскажав на син ми мојата неодамнешна средба со неколкумина Бриги и што сѐ тие ми изнакажаа за постоењето на нивниот народ, неговата територија, неговото суштествено учество во етногенезата на неколку балкански народи, најмногу на македонскиот; потоа за блискоста помеѓу бригискиот и јазикот на Македонците и Пајонците, како и она што ми го кажа стариот за паметење: дека сѐ именувано исчезнува со преименување, особено кога е збор за народ и простор на кој живее со милениуми. Во наредните денови и ноќи излезе дека е тоа само почеток. Имено, од неколкумина македонски и странски реномирани учени прочитав и сѐ уште читам статии за Бригите, нивната поврзаност со Македонците, со многу конкретни укажувања и докажувања.
Директни потомци на Бригите се Бругаските, потоа Македонците и Ерменците. Всушност, Ерменците биле бригиски преселници од територијата на Македонија во Мала Азија (во 13. век пред нашата ера; во 6. век пред нашата ера ги разоруваат Кимеријците, но го преживеале и римското време во Анадолија, сѐ до 7. век од нашата ера), потоа во Ерменија и Индија. Ерменската преселба е рана, а индиската или бругаската уште порана.
Целосно се согласувам: невозможно е на каков било начин да се менува чија било вистинска историја, а вистинските историографи во нејзина одбрана денес користат документи, археолошки артефакти, преданија. Во еднаква мера сознанија и проучувања на генетиката, геофизиката и палеолингвистиката.
На пример, при докажувањето на врските помеѓу сегашните словенски јазици на Балканот со бригискиот (старомакедонски и пајонски). Особено ако се има предвид дека во науката за старите Индоевропејци е непорекливо утврдена поделбата на најголемиот дел од јазиците разгранети по 6 000 г. п.н.е. од првобитниот јазик на овие народи-санскритот, во нивната татковинска Црноморско-Касписка степа (на источна-сатем група, западна-центум група и средна група меѓу овие две, која ги опфаќа бригискиот, тракискиот, илирскиот јазик, балтословенските јазици и др.).
Наведени конкретни примери: Античките Македонци ги употребувале зборовите „пешадер“ за пешак во војска, „илјаду“ за бројот илјада, „челнику“ за челник, водач на воена единица. Зборот „скоп“ го користеле со значење на планина, а водата ја нарекувале „ведес“. Во санскритот и во други дијалекти во Индија „ум“ значи ум односно интелигенција, „дева“ значи божица, „дива“ значи сјајна, „сила“ значи дисциплина, „агни“ значи оган, „стан“ значи простор, место, „вар“ значи бел, „вардари“ значи течење на вода, „дар, дарја“ значи дар и река, „вардар“ значи бела река, „софра“ значи маса, софра, „девер“ значи девер-брат на сопругот, „џет“ значи зет-сопруг на женска роднина, „сабајле“ значи сабајле, т.е. утро.
Го изделувам зборот „убав“ кого некои го сметаат за најзначаен бригиски. Тој доаѓа од името на врховната бригиска божица мајка и божица на убавината Кубела, Кубаба.
За словенското наследство во македонскиот јазик се имаат искажано бројни учени. Може да се рече дека е тоа темелно проучено, со нагласка дека Македонија е лулка на словенската писменост со великите Кирил и Методиј, Климент и Наум. Несомнено е дека основниот лексички, морфолошки и деривациски фонд на македонскиот е словенски, но во него е докажан и јадрен бригиски слој. Синтаксата и дел од морфологијата се бригиски: губењето на падежите, развојот на постпозитивниот троен член, категоријата засведоченост, промени кај преодноста, губење на стариот инфинитив (конструкциите со да), развој на перфектните глаголски конструкции со има (веројатно со ароманско посредство), удвојување на објектот, глаголска именка, засилена префиксација. Има и триесетина основни заемки од бригискиот или од нему сроден јазик.
По доаѓањето на Словените во Македонија повеќе векови бригискиот и словенскиот се зборувале подеднакво, а преминот од бригиски во словенски бил побрз во рамнините и градовите одошто во планинските предели. Има индиции дека бригискиот бил во контакт, и тоа без трансформација со прасловенскиот во постарата историја. А со преводот на светите книги, старословенскиот станал престижен. Бригискиот постепено се менувал, синтаксички го трансформирал словенскиот јазик и некаде околу 12 век исчезнал, но оставајќи длабоки траги.
Го продолжувам исказов. Не е важно кога и каде ќе запрам.