Потребно време за читање: 3 минути

102.

Добар сум со здравјето. Со оглед на годиниве, многу сум задоволен. Стојам исправен и цврсто на нозе, во психофизичка рамнотежа. Спокојот ми е во многу поголема мера одошто возбудата, нервозата, стресот. Самоконтролата ми е завидна. Сѐ уште заборавам неважни нешта, а се случува да ми треба малку време да се сетам на нешто важно во конкретна ситуација или дејствие. Додуша  одвреме-навреме, во последно време почесто ме болат коските, особено колената (не сум метеопат), но болката лесно ја поднесувам. Внимавам да не го забрзувам чекорењето и да не се преморувам при прошетките низ Сиднеј.

Мојата Госпоѓа води еднаква грижа за редовноста, составот на оброците, за ритамот на моите дневни активности, како и навременоста на одморите помеѓу нив. Понекогаш претерува, ми пречи, па некогаш не успевам да се воздржам. Пламнувам, а таа со молк успева да одбегне караница. Најмногу ми пречи тоа што се обидува да наметне ред во часовите на моето време, дури во минутите. Како да е можно тоа, особено кога е збор за она што ме интересира, на што ги посветив сиве мои години на старост-моите истражувања на огништето и огнот како суштина на опстојот на човекот од една, и трагите, знаците, културите, традициите, јазиците, наодите, археолошките артефакти и сѐ друго непосредно и посредно поврзано со идентитетскиот опстој на древните цивилизации. Нејзе најмногу ѝ пречи кога во доцни ноќни часови просто се повлекувам во себе, се изолирам од сето опкружување, од неа, од син ми, од надворешниот свет.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

Зошто јас пак за моето здравје? Не ми се случува често, ама зошто сега? Поради син ми. Чудно? Не, воопшто не е. Во последно време тој сѐ почесто, по неколку пати во денот ме прашува како сум, добро ли сум, да не ме боли нешто, како се чувствувам, дали нешто ми фали и слично. А на моите прашања зошто прашуваш, на што мислиш конкретно, забележуваш ли нешто на мене што те загрижува, тој одговара дека само се грижи за мене како мој син, особено со оглед на моите години…

Еден негов одговор што прво ме замисли, но потоа ме изнасмеа и ме предизвика да се обидам да му објаснам:

-Не велам дека си забегал, си се откачил, тамам работа, ама  веќе не ја разбирам твојата посветеност на истражување на древни цивилизации, на македонската, на огништето и огнот, на личниот и националниот идентитет…Што ти теба сето тоа? Да, интересно е, не поради некакви врски, поуки и аналогии кои не се ни обидуваш да ги поставуваш или застапуваш, туку зашто постојано истакнуваш дека нашиов живот со сите форми и содржини, смисла и бесмисла, мора да го докажува континуитетот на опстојот на човекот; инаку, во спротивно, згаснува без трага, во бестрага. Мене ме загрижуваат твоите пренесувања, како преселувања, доживувања и преживувања во дамнешните времиња. Тоа нема врска со сериозни научни истражувања, самиот велиш дека немаш такви амбиции, туку со…

Прочитај и за ... >>  ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Го пресеков во кажувањето поставувајќи му едно прашање како неколку:

-Мислиш дека ти не можеш, и секој друг кому му се еднакво важни минатото, сегашноста и иднината? Секој што знае дека е тоа суштествено за егзистенцијата во свое време и одбраната на идентитетот во сета негова комлексност?

Не го оставив да ми одговори, туку му ја раскажав мојата неодамнешна средба со неколкумина Бриги, притоа нагласувајќи дека тие ми ги потврдиле не само денешните сознанија за нивното постоење, туку и нивниот одговор зошто им е сотрено името:

-Нивната територија на Балканот била голема, се простирала од планината Пангај, на исток од реката Вардар, до Албанија, Епир, охридската област и Пелагонија. Нивното учество во етногенезата на неколку балкански народи, меѓу нив и на македонскиот, е суштествена. Еднакво кога е збор за културните и лингвистичките влијанија. Осознаена е и потврдена блискоста помеѓу бригискиот и јазикот на Македонците и Пајонците.

Најстариот од нив, со набрчкано лице и сончев зрак во зениците, згрбавен и гол, со невообичаено бавен, длабок и екотен глас ми раскажа дека додека траела Тројанската битка живеел во јужна Албанија, потоа неколку децении живеел близу до Лихнидското езеро и најсетне трајно се населил крај реката Еригон. Можно е да беше некој мој предок? Сѐ е можно. Мои ближни ми имаат кажувано слично за нашето семејно стебло…

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Се изнасмеав, се изнасмеа, па се обидов да му објаснам. Мислам дека успеав:

-Мене лично не ми значи толку етимологијата на името Бриги односно Фриги; дали е или не е поврзано со гора, планина, врв. Многу повеќе ми значи колку, зошто и како исчезнало. Од истиот старец слушнав за паметење: дека сѐ именувано исчезнува со преименување, особено кога е збор за народ и простор на кој живее со милениуми. Тоа најбрзо се случува со небранети лични имиња, ојконими, ороними, хидроними и астионими.

Син ми пред некој ден пак ме праша за здравјето. Му одговорив дека лесно не им се предавам на годиниве. Не им дозволувам да ми дотежнат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here