fbpx

Забележливо

Пред исчезнување

Многу нешта околу, на и во неа се менуваат забележливо, но за тоа воопшто не се секира. Смета дека е така кај сите и во сите. Кај некои забавено, кај некои забрзано, напросто неизбежно. Почнувајќи од прифаќањето на нештата какви што се, па какви што не мора да бидат, сè до оние кои многу повеќе зависат од други. Ова поготово кога е збор за надежта. За која одамна си докажала на себеси дека луѓето зборуваат најрадо.

Сепак, на Цвета Илоска, жена на свои педесетина години, во последно време некако забрзано, прилично забележливо ѝ се менува лицето. Не, не се губи нејзината убавина, таа и натаму зрачи со ведрост без оглед на невремињата кои сè повеќе ја навалуваат, сè потешко ја издржува нивната тежина. Едноставно, модрината на подочниците доаѓа сè повеќе до израз, се шири; тие истовремено како да отекуваат.

Чувствува некаква внатрешна болка? Тоа е знак на некоја болест? Не. Ништо. Од пречеста и предолга будност до ниедно доба на ноќта? Добро, во последно време самата си наметнува сè повеќе, а и сè поголема грижа се нејзините ближни: двата сина со жени домаќинки и по два сина, четворицата веќе во зрело доба, како и ќерката мажена за успешен бизнисмен, со кого има син и ќерка, веќе вклучени во бизнисот на татко им. Таа не дозволува таа грижа да ѝ го нагрдува лицето…Го негува? Само колку што е вообичаено за жена на нејзини години.

Прочитај и за ... >>  Уште понешто недоречено

Зарем само подочниците го менуваат лицето на Цвета Илоска? Знае дека тие можат да се јават поради многу отрови во телото, поради кои сè потешко работат бубрезите и црниот дроб, но сè повеќе се убедува себеси дека се од долгогодишна осаменост и сè поголема рамнодушност. Веќе дамна, пред цели осумнаесет години ја напушти нејзината единствена љубов, нејзиниот сопатник во животот Славен Илоски. Отиде во неврат ненадејно една ноќ, во нивниот брачен кревет, во спиење. Таа стана цо ран утрински час, не забележа дека е веќе оладен и вкочанет, отиде во кујната да подготви појадок, а кога се врати…Се утврди дека срцето микгум престанало да му чука.

На инсистирање на нејзините синови Петар и Бојан направи детален лекарски преглед. На синовите им кажаа, а тие сокрија дека откриле неизлечива бубрежна болест. Ѝ рекоа:

„Тебе човек не може да те натера да ги оставиш цигарите и кафето. Барем обиди се да ги намалиш“.

Прочитај и за ... >>  Старата

Отиде на гробот на нејзиниот Славен и му рече тивко, речиси шепнешкум, како во близина да има некој што може да ја слушне:

„Славен мој, знам дека нашите синови нешто кријат од мене. Знаат што ми е, зошто ми се менува лицето, од што се подочнициве…Мислам дека скоро ќе ти се придружам…Пак ќе бидеме заедно…Знаеш дека тоа ме радува…Ми иде крајот на времето“.            

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 23

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено било какво преземање на делови или цели содржини, ниту во оригинал ниту како извор и преработка за други содржини, без одобрение на авторот и/или издавачот (сопственикот) на овој портал. За секоја злоупотреба-непочитување и злоупотреба на правата, издаваме фактура со задолжителна финансиска обврска.
За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.