Веќе одамна не сум го побарал Аристотел, еден од моите најблиски пријатели. Добро, за тоа сум најмногу виновен јас самиот, а најмногу се обвинувам себеси зашто не знам ни дали е уште жив како дамна жив, како што тврдеше мошне убедливо, или е дамна мртов како жив, аргументирајќи го тоа со делата на Аристотел, најмногу со неговото учење за етиката.
Се изненадив, да не речам се запрепастив кога го најдов стар и болен, како пред умирање, во пештера на Голиот рид, над градот, на кој секој викенд се искачуваат млади и стари, здрави и болни за да подишат чист воздух и да си ги раздвижат телата. На граѓаните им е позната таа пештера, не многу длабока и широка како некои други во близина и подалеку, а не знам дали знаат дека во неа живее (од кога ли заживеал?) Аристотел. Дали знам само јас, и тоа намерно, барајќи го да се видиме како пријатели (мој најблизок, а јас негов не знам каков)? Тоа е сеедно? Не би рекол. Но добро, нека биде.
Седнавме на влезот еден спроти друг, на две камени клупи (ми се пофали дека самиот ги изделкал; ги делкал многу денови до самраци), со недоискажлива радост дека сме заедно по многу време. Беше очигледно дека е расположен за разговор.
Почна:
-Веќе неколку години ја изучувам филозофијата на Аристотел. Се разбира, не можев да ја пренебрегнам Платоновата, но јас сум Аристотел и е сосем природно Аристотеловата да ми е стожерна.
Се изнасмеа гласно, па продолжи замислено:
-Знаеш, драг мој пријателе Јас или Тој и Тој или Јас, според мене не е никакво прашање дали реалноста го надминува физичкото јас или е таа илузија. Знаеш и самиот, мене најмногу, да не речам единствено ме интересира суштината на личноста; имено, дали нејзината природа е непроменлива, како што тврди Платон, или, пак, таа се менува постојано, како што аргументираше Аристотел.
Реагирав малку нервозно:
-Чекај малку, драг мој пријателе Аристотел, уште не сме се порадувале дека се гледаме по многу време, а ти веднаш за Аристотел и неговото учење. Прво кажи ми како си. Гледам, жив си пред мене, но дали си здрав? Што правиш дење? Им дозволуваш ли на луѓево, кои се качуваат на Голиов рид за да подишат чист воздух, да влезат во пештерава или, пак, си заживеал во неа како да е само твоја?…Сега се сетив: остана ли до ден-денес сам или во меѓувреме си најде друшка?
Аристотел се загледа молчешкум во мене некое време, па одговори со спокоен глас:
-Имаш право. Извини. Знаеш како е. Сиот сум вдаден во изучувањето на учењата на Аристотел, па…Се разбира дека пештерава не е моја. Немам право да ја присвојам само за себеси…Заживеав во неа, а луѓето, на кои воопшто не им пречам да влезат, да навлезат до нејзиното дно, не ме ни забележуваат. Мислам дека немаат поим за мене…Додуша, јас внимавам и се трудам да биде така. Штом ќе забележам дека некој се доближува, со намера да влезе, се тргам настрана, се сокривам во некој нејзин мрачен агол. Знам дека би му било непријатно да ме види вака испостен, брадосан и со набрчкано лице. Ај тоа, но мене ми стана одбивно да објаснувам кој сум и што сум, дали воопшто постојам или никогаш не сум постоел, исто како да сум едниовремено жив и мртов. Сигурно би ме сметал за налудничав…До ден-денес сум сам, немам и не сум ни побарал друшка. Не ми треба…Туку…А ти како си? Што правиш? Зошто не ме побара толку време?
Јас:
-Добро сум, немам никакви проблеми. Работам, од поодамна сум во бизнисот како менаџер на една светска роботска компанија…Зошто не сум те побарал? Па…Стварно не знам. Знам дека нема да прифатиш оти немам време, се согласувам дека е недозволиво да се нема за најблиски пријатели…Но, да го оставиме тоа…Што те предизвикало толку да ги изучуваш учењата на Аристотел и Платон за суштината на личноста?
Аристотел се насмеа, како да се зарадува дека го вратив на неговата тема:
-Ти добро знаеш дека отсекогаш ме интересирало тоа. Ти отсекогаш тврдеше, а и сега си убеден дека не случајно се викам Аристотел.
Јас:
-Тоа е несомнено. Напросто не може да биде случајно. Но, не како ученик на Платон.
Аристотел, откако се изнасмеа екотно, свртен кон пештерата:
-Да, да, како Платонов колега на Академијата што тој ја основал. Белки не си останал на вообичаеното гледиште дека филозофијата на Платон е апстрактна и утопистичка, а Аристотеловата емпириска, практична и разумна.
Јас како подналутен:
-Тамам работа. За што ме мислиш ти мене? За површен филозоф? Се разбира дека ги знам разликите меѓу нив: на нивните теории за формите, за Платон совршени односно идеални типови на својства и видови во светот, како апстрактни објекти кои постојат целосно надвор од просторот и времето, а кои се познаваат само преку умот, не преку сетилното искуство; според Аристотел, пак, формите не постојат независно од нештата-секоја форма е форма на нешто, значи тие се воведуваат во некоја ствар кога е таа направена или може да се стекнат подоцна; потоа етиката, од неа за обајцата централниот проблем-постигнувањето среќа, и тоа не како пријатна состојба на умот, туку како добар човечки живот, живот со човечки процут; и политиката-од една страна републиката како утопија на Платон и законите, односно мешаниот устав во кој тој вклучува елементи и на монархија и на демократија, а од друга Аристотел со „човекот е политичко животно“, односно дека човечките суштества природно формираат политички заедници; државите ги класифицира според бројот на нивните владетели и интересите во кои тие управуваат, притоа потенцирајќи дека во практиката најдобрата форма на владеење е политиката.
Аристотел ме ислуша внимателно, па со кажипрст ме предупреди да се концентрирам на она што ќе го зборува:
-За што најмногу сме расправале јас и ти? Јас како Аристотел, а ти како Јас или Тој и Тој или Јас?…Најмногу за суштината на личноста и неговата среќа. Што јас осознав во меѓувреме, би рекол од нашите дамнешни средби до денешново видување? Дека платонистите учат оти јас сум што сум, а вие сте што сте, и тоа го поттикнува социјалното поврзување; создава социјални врски преку заеднички идентитет. Со право се забележува дека тоа неизбежно води до внатрешни и надворешни групи и конфликт. Аристотелците, пак, нагласуваат дека социјалните врски ги поврзуваат луѓето во различни сфери на животот, на неговото подобрување и напредок. Луѓето се движат низ растење и промени, се среќаваат и развиваат доблест, знаење, просветлување и љубов.
Му го прекинав за миг кажувањето со забелешка:
-И ти како Аристотел и јас како Јас или Тој и Тој или Јас секогаш сме се залагале за идентитеска самосвест на човекот, за нејзино затврување и активитет во животот, а најважна и најрационална е расудувањето; која, пак, е водена од доблестите. Баш аристотеловски.
Тој продолжи како да не ме слушна:
-Аристотел ги препознал и интелектуалните доблести, главно мудроста и разбирањето, и практичните или моралните доблести, вклучително храброста и воздржаноста.
Мој заклучок:
Доблесен е оној индивидуум што постојано го надградува и облагородува својот индивидуален идентитет, едновремено постојано надградувајќи ги и облагодорувајќи ги, но суштински не менувајќи ги колективните.
Оценив дека беше доволно:
-Така е…Туку, да те прашам дали некој друг освен јас знае дека си заживеал во пештерава? И до кога мислиш да останеш во неа?
Аристотел:
-Не можам да ти се изначудам! Ти, кој во сите создадени дела и во кое било дело што го создаваш постојано користиш метафорички амбиент или симболи на динамички дејствија, а за да го продолжиш во сублимно време без простор, пештерава ја прифаќаш како даденост и неменливост?! За мене и за нас?…Немој да ми кажеш дека и Голиов рид е гол, а во другите многубројни помали и поголеми пештери инсистираш да живеат испоснички луѓе, знајни и незнајни, кои како мене истражуваат и промислуваат некои прашања посредно или непосредно поврзани со човекот и неговиот опстанок во светот.
Го прекинав подналутено:
-Јас тебе не можам да ти се изначудам! Како можеш воопшто да се посомневаш дека сега сум отстапил од инсистирањето на вонвременското во кое било и какво било создадено или дело во создавање?! Особено по откривањето на неговите вредности наспроти минливостите и маргиналностите?…Те прашувам како Аристотел кој како „свој“ човек го има и Аристотел меѓу луѓето во светот познати и непознати, кои ги знаел, ги знае или за кои знае понешто, кои никогаш лично не ги запознал…Не ми одговарај! Следниот пат заедно ќе заживееме во пештерава и ќе поживееме во неа до ниедно доба на една ноќ.
Во самрак заедно слеговме од Голиот рид во од неодамна запустениот град.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ РОМАН ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман 24