Потребно време за читање: 8 минути

Со приведување на ставови на низа современи истакнати учени луѓе во светот, кои се занимаваат со нормативната култура и традиционалните навики и обичаи, се добива „синтетичка“ согледба која укажува на радикални промени во однос на семејниот круг, но и на поширокиот-на заедницата, на општествените слоеви во неа.

Тие промени во традиционалните навики и обичаи и секојдневните правила на однесување, на мода итн. се лесно воочливи, но се нагласува дека не станува збор за едноставна смена на еден нормативен систем со друг. Напротив, тоа е еден вид на збир на различни и паралелно егзистирање на специфични нормативни системи на општествени групи и слоеви.

Според повеќето автори, тие промени најнапред се огледаат во напуштањето на граѓанскиот нормативен систем на индустриското општество и постепеното преземање на контракултурни норми од страна на најшироките слоеви. Постои и тенденција на нивна посредна интериоризација, односно на поместување од „екстерниот“ кон „интерен“ човек-постојните норми не се преземаат некритички, туку поединци претходно ги преиспитуваат нивната вредност и сопствената улога во дадениот општествен контекст.

Мошне е важно да се нагласи дека постои консензус за потребата од натамошно егзистирање на државата како општествена организација, бидејќи се смета дека со неа се обезбедува нормативна рамка во која е единствено можно развивање на хуманите потенцијали.

Според Даниел Бел (Daniel Bell), основната културна контрадикција на развиеното капиталистичко општество се огледа во разијдувањето на општествената структура која, пак, е заснована на рационалност и ефикасност на техничките норми од една, и културата која е обележена со морално пропаѓање односно паѓање во хедонизам и неконтролирана потрошувачка. Се работи за раздвојување на когнитивната и емоционалната експресија што, меѓу другото, се манифестира како раздвојување на општествената улога и личноста. Притоа, тој општествената улога ја сфаќа како „сегментиран аспект на дневната активност на индивидуата“, како „збир на обрасци на вообичаено однесување дефинирани со општествената употреба“, истовремено раздвојувајќе се од „формално дефинираниот збир на службени одговорности“. Самата суштина на основната културна контрадикција, поставена како разијдување на улогата и личноста, Бел се обидува да ја објасни со се поголемата општествена мобилност до која доведува современиот начин на живот со своите безбројни можности за избор на занимања и животни стилови.

Херман Кан (Hermann Khan) укажува на експанзивната синтеза на контракултурата и традиционалните правила. Имено, традиционалното општество за него би било теза, контракултурата би претставувала антитеза, а резултат на конфликтот и/или нивната комбинација- синтеза. Во неа општеството би ги задржало моралните одлики на традиционалните општества, но со видливи слободи на полето на сексуалноста, однесувањето, афинитетот во облекувањето, како и други морални и обичајни сфери. Кан се надева дека овие слободи би им користеле само на еден слој кој го споредува со епикурејците на античка Грција, додека другиот, што му соодветствува на стоиците, би го задржал нормативниот систем на традиционалното западно општество.

Во својата теорија на „големата транзиција“, Кенет Болдинг (Kenneth Boulding) не ги спомнува нормативните системи, туку само вредносните, идентификувајќи ги „културните вредности“ со обичаите. Имено, човековиот систем на вредности тој го разложува на „примитивни вредности“, кои се генетски детерминирани, и културни кои, пак, произлегле од културата на учењето. Притоа, културните вредности се состојат од „награди и казни, кои означуваат високи и ниски вредности“, и се пренесуваат од генерација на генерација, така што во тој однос животниот век игра битна улога. Според овој концепт, во палеолитското општество бројот на хуманоидите бил мал, а нивниот животен век краток, така што не постоела можност за акумулација на знаењето. Наглите умирања на возрасните единки доведувале до губење на нивното знаење, зашто останало непренесено на следната генерација. Тоа доведувало до големо назадување во знаењето. Следните генерации морале да се враќаат на претходните стадиуми. Меѓутоа, со воведувањето на земјоделието, односно „првата голема транзиција“, бил овозможен континуитет на исхраната, а со самото тоа и подолг живот на единките, па и занењата односно обичаите се акумулирани поуспешно. Болдинг воочува дека во современите развиени општества се напуштени авторитарните методи на пренесување на нормите во корист на многу „пофлексибилни и поадаптибилни, што произведува и пофлексибилни и поподвижни личности“.

Прочитај и за ... >>  Граѓанско општество

Збигњев Бжежински (Zbignew Brzezinsky), како и Бел, во современите развиени општества го воочува трендот на човековото самоосвестување, односно судирот на внатрешната личност и општествено наметнатата улога: наместо да се прифатат себе си како нешто „дадено“, луѓето се почесто спроведуваат самоанализи на надворешните критериуми, т.е. ги преиспитуваат своите ставови, цели, можности, предности и мани. Според неговото мислење, „внатрешниот човек“, прифаќајќи ја својата спонтаност, се повеќе му се спротивставува на „надворешниот човек“, свесно барајќи своја самосвесна претстава. Овој тренд отвора многу прашања за детерминирањето на легитимноста на општествената контрола, односно на општиот однос на поединецот и неговиот општествен контекст. Тој не ги дава причините за оваа појава, но додава дека трендот ќе биде поттикнат и со растечката урбанизација која, како што вели, „ја поттикнува агресивноста спрема другите членови на заедницата“. Во истиот контекст го спомнува и меѓугенерацискиот јаз:

„Проблемот на идентитетот се комплицира со меѓугенерацискиот јаз, со интензивното напуштање на традиционалните врски и вредностите што произлегле од проширеното семејство и хомогената заедница. Дијалогот помеѓу генерациите станува дијалог на глуви. Тоа веќе не е судир во рамката конзервативци- либерали или националисти- интернационалисти. Раскинот во комуникацијата помеѓу генерациите е вкоренет во ирелевантноста на заедничката рамка на референците и јазикот; ако тој недостасува, дебатата станува невозможна“.

Бжежински не се согласува со визијата на Меклуан за „глобално село“, односно планета на која ќе владее хармоничниот поредок на примитивното село, туку предвидува растечка напнатост и нервоза, како на локален и национален, исто така и на меѓународен план. Поради тоа смета дека во светската заедница ќе бидат зачувани културните посебности, односно обичајните, моралните и другите карактеристики на малите групи, така што општествените односи ќе бидат послични на урбаните центри, отколку на примитивните села.

Алвин Тофлер (Alvin Toffler) својата теорија ја гради околу идејата дека настапил „културен шок“ кој се манифестира во дисконтинуитетот со претходниот нормативен систем, зашто радикално се промениле правилата на однесување-обичаите, модата, моралот и правото. Тој смета дека целата културна сфера, па и нормативната култура, ја карактеризира забрзување, разновидност, новост и привременост. Имено, за него овој тренд се одликува со се побрзата замена на потрошните работи, односно нивна се пократка експлоатација. Исто така, и во односот помеѓу луѓето ваквиот пристап, што Тофлер го нарекува „отфрлувачки“, станува вообичаен, така што се создава потрошувачко лице- „модуларен човек“. Објаснува дека ова се случува затоа што поврзувањето се врши на ниво на модул, односно на функционалниот дел на личноста, а не на комплетната индивидуа.

Ален Турен (Alain Touraine) ја воведува разликата помеѓу значењето на општествените улоги во статичните општества свртени кон минатото и динамичните кои се насочени кон иднината. Тргнува од тоа дека личниот идентитет е наметнат однадвор, односно ја претставува со општеството усвоената интериоризација на вредностите-зависна, хетерономна, оттуѓувачка потчинетост на одредена власт. Според неговото мислење, во општество на бавни промени припадникот на општеството е детерминиран со својата припадност на заедницата, односно со својата општествена улога. Во современите општества на брзи промени, пак, наследството се побрзо ја губи важноста, така што и општествениот идентитет ја губи својата содржина.

Прочитај и за ... >>  10 мистерии на еволуцијата на човекот

Современото општество предводено од науката прави ограничени и рационални избори за да ги „оптимализира своите предности и да изгради најдобар можен свет“. За него барањето на идентитетот во овој случај е барање на отворена и концизна стратегија на постепено прилагодување на промената. Тој, всушност, воочува два модела: либерален, во кој учесникот е одреден со своите општествени шанси за напредок, и спротивставениот модел на враќање на примарната рамнотежа и ослободување на желбите. Меѓутоа, Турен заклучува дека ниеден од овие модели не е прифатлив, зашто со идентификацијата со кој било од нив учесникот би се претворил во „општествена атракција“. Поради тоа, општествениот идентитет мора да биде акција која спојува две страни на општествена дејност: моралот и барањата на човековата природа. На тој начин Турен се определува за софистициран модел на синтеза во кој би можеле да дојдат до израз сите човечки потенцијали, но не би била нарушена ниту општествената кохезија.

Андре Горц (Andre Gorz) исто така се залага за синтеза на различните нормативни системи, при што ниту еден не би бил доминантен. Имено, тој својата дуалистичка теорија ја проширува и на нормативната култура, така што и во оваа област воочува хетерономна, државна и автономна, комунална сфера. Според неговата концепција, државната сфера би ја правел правниот систем што би ја штител државата и би обезбедувал општа легална рамка, односно „услов без кој не може да има самостојност на граѓанското општество, ниту негов развој“. Смета дека правната рамка всушност е „простор во кој плуралитетот на начинот на производство, начинот на живот и формата на корелација би можеле да бидат експериментирани според волјата на секојж“. Значи, државата ги ослободува припадниците на граѓанското општество од „борба за живот“, односно од борбата околу материјалните средства потребни за живот, овозможувајќи изразување на други хумани потенцијали.

Сепак, Горц предлага ригорозно ограничување на оваа сфера, „затоа што тоа овозможува да се ослободи сферата на целосна самостојност во која единките се здружуваат според добрата волја“. Поради тоа може да се каже дека проблемот на нормативната сфера на постиндустриското општество не е во укинувањето на државата, туку во укинувањето на доминацијата. Тој укажува дека државата не е единствен извор на доминација, односно нејзина причина. Него го гледа во општествените односи, од кои се пренесува во правниот систем, па со елиминирање на оваа аномалија конечно би било конституирано бесконфликтно општество. Меѓутоа, и Горц не дава конкретни решенија за надминување на овој проблем, туку останува на нивото на критика на постојните нормативни системи.

Може да се заклучи дека постојат извесни специфичности на основните струи на постиндустриското теоретско насочување. Имено, авторите од конзервативната струја промените во нормативната култура на современите развиени општества (пред се на САД) ги гледаат, главно, како општа општествена декаденција, при што се пледира на морална обнова на приниципите на протестантската етика и пуританизмот. Во оваа смисла најкарактеристични се секако ставовите на Даниел Бел и Херман Кан.

Земајќи ги САД како модел на современо развиено општество, Бел почетокот на процесот на морално пропаѓање го поставува во третата деценија на 20. век, кога тесни интелектуални и уметнички кругови го презеле контракултурниот систем на вредности на маргиналците. Тој потенцира:

„Младите интелектуалци во својот напад на пуританизмот и постојниот начин на живот ја проповедаа етиката на хедонизмот, уживањето и забавата-накратко потрошувачката етика; иронично, поттрошувачката етика ќе биде реализирана дури неколку децении подоцна, од капитализмот кој, без самосвест, себе си се нарече ‘нов капитализам’“.

Прочитај и за ... >>  Сингапур

Според Беловиот концепт, дури во 60- тите години овој културен стил, по пат на мас-медиумите, допре и до широките слоеви, станувајќи носител на новите системи на моралот. Така традиционалистичката одбрана на религиозноста, цензурата, стриктната моногамија и забраната на абортусот, е судрена со секуларната толеранција, сексуалните слободи и други контракултурни ставови. Значи, Бел го имплицира прогресивното културно пропаѓање на западната цивилизација, што е предводено со криза на моралот. Всушност, тој во сублимирањето на крупните морални промени ги презема ставовите на Ибн Калдун и Платон. Имено, Калдун сметал дека сите општества, во својот развој од настанувањето до пропаѓањето, минуваат низ трансформација од аскетизам до хедонизам, а на сличен начин и Платон го посматрал развојот на градовите-држави, од „здрав град“ до „трескавичен град“. Меѓутоа, Бел не смета дека во овој случај се работи за пропаѓање на целото општество, туку само на културната сфера, што во контраст со науката предводена од општествено-економската сфера доведува до основна културна контрадикција. Сепак, тој посочува дека токму оваа контрадикција може да доведе до слабеење на општеството, па во таа смисла пледира на морална обнова, односно на реставрирање на пуританскиот морал и системот на вредности заснован на протестантската етика.

И Кан како и Бел, смета дека моралното пропаѓање, што ја карактеризира културната сфера на современите развиени општества, почнало од повисоките општествени слоеви, за потоа, со имитирање, да се прошири на целата популација. На тој начин контракултурните ставови ги потиснаа моралниот пуританизам и протестантската етика врз кои беше изграден западниот свет. Меѓутоа, за разлика од Бел, тој смета дека спротивниот процес е веќе започнат, односно дека има навестувања на контрареформација која упатува на враќање на традиционалниот христијански морален систем. Притоа, односот на контракултурата и контрареформацијата тој го гледа како заемно меѓусебно дејствување, така што од силата на акцијата на контракултурата зависи силата на реакцијата на контрареформацијата.

Од друга страна, авторите кои во литературата се означуваат како „утописти“ не се залагаат за враќање на традиционалниот нормативен систем заснован на протестантската етика. Имено, тие, главно, актуелните промени на нормативната култура не ги посматраат како морален пад и општествена декаденција, туку како доказ дека постојниот општествен систем го достасал врвот, па е потребно со една широка општествена акција да се овозможи премин во нова развојна етапа во која повеќе би дошле до израз хуманите потенцијалите на индивидуите.

Сепак, иако имаат различен пристап кон актуелните промени во нормативната култура на развиените општества, може да се заклучи дека постиндустриските автори, главно, се согласни оти не станува збор за едноставна смена на стариот систем со нов, туку дека трансформацијата се движи во правец како на синтеза на различните нормативни системи, исто така и на нивно истовремено паралелно егзистирање. Меѓутоа, исто така, консензус постои и за потребата од натамошно одржување на нормативната рамка каква што е државната организација, зашто се смета дека со тоа се обезбедуваат примарните предуслови за функционирање на општеството и развивање на хуманите потенцијали.

Освен тоа, согласноста помеѓу постиндустриските теоретичари може да се воочи и по прашањето за начинот на интериоризација на нормите. Имено, овие автори укажуваат на поместување од „екстерниот“ кон „интерниот човек“, односно на се поизразената индивидуалност која станува една од основните карактеристики на „размасовеното“ општество.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here