fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Невестата што не умеала леб да месит

Невестата што не умеала леб да месит

Една млада невеста не умеала леб да месит. Секое месење ќе го призатуткаше и ќе го испечеше, Господ да го умножит, како кал; нито арно месен, нито арно печен.

-Мори невесто, мори душко,-ѝ рекол свекоро-вака не се месит леб со мрза, лебот месење знаиш како сака? Да го месиш, месиш, дури да се умориш и пот од челото да ти избиет и под опашка, да ми простиш што ќе ти речам, оти сум стар чоек. Туку од ошто ми јет мака да гледам, да не ја абиш маката, да од тоа те учам. Уште еднаш ако не го месиш убав, од глаа ќе ти го удрам. Вака да знаиш, разбра, невесто, ќерко, али не разбра, што ти велам?

Од пусти страм невестата ни црна, ни бела не одгоорила. Арно ама, ја кладе на ум науката од свекоро је и кога кладе да меси лебот, коа го меси многу, вати да се обидуат со рака на чело и одзади. Меси, обидуј се, меси, обидуј се, до најпосле беше се испотила арно и на чело и одзади. Скиснал и го клала в црепни, та го испекла. Коа го изваила, да ти е мило да го гледаш, за убаина, како некоја папајца. Ставила младата невеста да вечерат и го зел свекор е лебот да го кршит. Му се пулит на погачата, беше пораснала една педа наугоре.

-Хе, еве што викаат леб, невесто, еве сега леб си месила, како некоја папајца, еве сега да ми ти ет алал, еве вака го сака лебот секоаш да го нагодуаш за да бидит арен!

-Е, вистина, бре татко, излезе лебот убав, туку десетпати сум се обишла со рака на чело и кај газо. Да ти е бел образ, да од тоа се испече олку убав, а татко! Оти ако не се обидов дали сум испотена на двете места, брго ќе се испечеше ваков убав; ама не ет вака, татко?

-Така е, ќерко, туку глеај секоаш да го месиш вака, немој сѐ горе еднаш и после пак да го месиш како плочка, да и ако не се обидиш одзади,-ѝ рекол свекоро.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.