НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

24. Здив од заборавена војна

Крај самотен пат
меѓу две соголени планини
од огнови и ветришта,
на жештина во прашина,
по порои  во кал,
стојат два корена сплотени,
вкочанети,
со последен здив,
речиси без воздив и издив,
и со вперени погледи
во многу години назад
нивни,
како момчаци и моми
за лет со птици леснокрилни.

Пред нив некој открил
мермерна црна плоча
со бело писмо и цртеж
на дете во ридание;
си ја пресекло играта
детинска, безгрижна
и се загледало
во пепел и сува крв.

Таа со рака кон изгрев
и чисто небо,
а тој со кренато чело
како решен да продолжат
по самотниот пат.  

Тивок огон помеѓу нив,
ко заборавен, ко преболен,
фрла искри што ги земаат
в раце
и ги ставаат во сѐ уште
од нив неизречен збор.

За да се искачуваат
кон дозбор во сон.

Leave the first comment