22. Човек, жена и семе на ветер
Eднаш се случи да ги видам
заедно лични
во рано утро пред сонце.
Тој до неа, таа пред него,
како во спокој, како голи,
а меѓу нив семе на ветер
што паѓа и почнува
да се извишува.
Што се случуваше
тешко да може
да се раскаже,
да се прикаже,
освен како бесцелна
и безгрижна игра,
можеби
како животна судбина.
Човекот имаше лице
испиено;
не од ноќ, ами од многу дни
минати во самотен молк.
Жената, пак, прозрачна,
росна,
разбудена по ноќ
со беспрекорна тишина.
Семето на ветер
штотуку почнуваше
да ја открива стварноста
и да дише за ново време.
Човекот, жената
и нивното семе
беа со корени
од раѓања и умирања
длабоко во свеста,
а над нив суша,
а пред нив
каменит предел
што ги повикува
да го завладеат
пред оган да почне
да фрла луто небо.
Во меѓувреме
семето на ветер
го научи говорот
на слободата,
па почна
да го бара, да го открива,
да го осознава и докажува
сопствениот идентитет.