fbpx Прескокни до главната содржина

Двајца пријатели

Навнатре и однатре

Тие се одамна пријатели. Од пред цели пет децении. Колеги на работа, додека работеа во исто градежно претпријатие, и пријатели пред и по работата.

Тие одамна не се ни сретнале ни виделе. Немаат никаков контакт, не знаат ништо еден за друг. Само знаат од нивни блиски дека е сè во ред, живи се и здрави колку што може на нивни години. Обајцата се во осмата деценија. Исто како да се заедно? Се разбира, не е баш исто. Си признаваат на себеси дека одвреме-навреме си недостасуваат еден на друг, но веќе рамнодушно ги прифаќаат состојбите во кои се: сместени во одделни, оддалечени старечки домови, на еден и друг крај на градот; обајцата снеможени, во инвалидски колички.

Како тоа немаат никаков контакт, не знаат ништо еден за друг?! Зарем во ова време на глобализација, непречена и постојана комуникација меѓу луѓе, меѓу светови, од еден до друг крај на светот? Во ова наше совремие на Интернет, социјални мрежи, портали, мобилни телефони, компјутери? Зарем е можно, зарем е дозволиво тоа меѓу двајца пријатели цели пет децении?!…Како знаат еден за друг дека се уште живи?!

Прочитај и за ... >>  Необичен

Спасе и Игор се одамна пријатели. Нивното пријателство за нив значи: вистинско, длабоко, искрено, чисто, трајно. И несподелено со други. Само нивно.

Што се случи пред минута-две ненадејно, непреболно?!

Спасевата негувателка му даде мобилен соопштивајќи дека се јавува, го бара негувателката на Игор, од старечкиот дом на другиот крај на градот. Има да му соопшти нешто многу важно

Женскиот глас:

-Дали е тоа Спасе?

Спасе потврди.

-Ви се јавувам во врска со вашиот пријател Игор. Успеавме некако да Ве пронајдеме. Игор не знаеше каде сте, ни дали сте уште жив….Утрово почина…со Вашето име на усните. Го повторуваше меѓу последните воздиви…Ќе го погребаме утре, па ако можете…

Му падна мобилниот на подот. Лицето му го облеаја солзи.  

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскзи/ескизи, 15

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено било какво преземање на делови или цели содржини, ниту во оригинал ниту како извор и преработка за други содржини, без одобрение на авторот и/или издавачот (сопственикот) на овој портал. За секоја злоупотреба-непочитување и злоупотреба на правата, издаваме фактура со задолжителна финансиска обврска.
За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.