НА МОИ ГОДИНИ, Почетни песни, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

21. Застрашености

Застрашености
иделе од дамнина
и идат во сегашнина
од сите страни
кон мене
за да ме премалат,
за да ме струполат
наземи
на моиве години.

Едни се ветришта
што развеваат
семиња и корени,
не даваат
плодови да созреат,
животи да заживеат,
што земја исконска
запустуваат.

Други облачишта
надвиснати
над моите траги
и над моите знаци
опстојни,
сите мои извори
жизнени
во мрачнина
да ги секнат.

Трети се секавици
што се нафрлаат
на мои коски
мигум да ги согорат,
па да ги расфрлаат
низ пустелијава
пред мојот стамен
светоглед.

Четврти огнови
распалени со заборав
од паметења
на мои предци
кои навалиле
домашни огништа
да пеплосаат
за никој повеќе
да не може одново
да ги заживее.

Петти се зборови
од тишини безмерни,
многузначни,
кои допрва треба
да ги откривам
како дел од говор
древен
што повеќе никој
никогаш не ќе може
со злости и злокоби
да го заградува.

 

 

Leave the first comment