17. Гласови и знаци
Секакви гласови и знаци
околу мене, па во мене
откога имам сè помалку
зборови за состојби
што ме допираат
или ме рамнодушат
дење-ноќе сè повеќе.
А сè уште почнувам
игри со нив како дете,
со намисла ниедна
да не завршам докрај;
без последен збор
смислен,
кој би ме покажал,
кој би ме искажал
на близок или далечен
како некој што знае
дека својот свет може
да го споделува
со секој вкоренет
во години за дела
бележити.
Секакви гласови и знаци
околу мене, па во мене
за прибирање, сонење,
за откривање, таење,
може за одгатнување,
може за премислување.
А сè помалку состојби
што ме беспокојат
и рамнодушат.