МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 31

Потребно време за читање: 3 минути

31. Два живота

Монолог

Човекот од раѓање од смрт не живее само еден живот, туку најмалку два, па и три. Притоа, треба да се има предвид простотата и сложеноста, тежината и леснината, неодговорноста и одговорноста, нерешителноста и решителноста, непредвидливоста и предвидливоста, несвесноста и самосвесноста. И уште многу други едно и друго. Два живота, па и три во голема мера зависни од годините и природната средина и околина. Не треба да се пренебрегне и личниот нарав.

Исто како светот со човекот и во човекот. Човек од раѓање до смрт не е само со еден свет и нема само еден во себеси. И едниот и другиот се два, па и три. Тоа најмногу зависи од животната определба. Но, секогаш треба да се има предвид опкружувањето сосе минливоста на времето. Со други зборови: два, па и три света со човекот се за различно изразување, докажување, напредок и различни расположби, а два, па и три света во човекот се непосредно поврзани со ритамот на неговото секојдневје, еднакво со животворноста на внатрешната енергија. Конкретно: два, па и три света со човекот идат едни по други во различно време на деноноќието, тоа значи дека и тој-човекот е различен, се разбира не сосем, а два, па и три света во човекот иницираат или наметнуват пројавени различни расположби, обично од него строго детерминирани. При што е најважно дека во нив се влегува тешко, можеби невозможно или, пак, ги споделува со ближен, искрен, добродетелен.

Кога е збор за два живота, исто како два света со човекот и во човекот, некако само по себе се наметнуваат разграничувањето и препознавањето. Имено, кога е збор за човекот тие немаат идентични почетоци. Исто како што немаат идентични завршетоци. Многу почетни и завршни моменти или собитија просто се прелеваат еден во друг, истовремено излевајќи се од нив. Од друга страна, разграничувањето и препознавањето се предуслов за неговата постојаност, достојност и доследност. На крајот на краиштата, токму од нив најмногу зависи докажувањето на сопствениот идентитет.

Едноставно:

Човекот живее еден живот од раѓање до созревање, а друг од осамостојување до самоостварување, самодокажување, па сè до завршување на животниот век. Постои меѓник или станува збор за природен континуитет? Да, постои затоа што во созревањето на едниот живот нужно влегува друг. Кој, пак, донесува, поточно внесува со себе други, свои. А што во суштина значи можеби не целосен дисконтиунитет, пресврт, но секако во голема мера.     

Препознавањето е најмногу обусловено од самосвесноста. Едниот живот, исто како светот или световите на човекот, до созревањето се препознава како растеж, извишување, неретко изблик на енергија, а другиот живот, исто како светот или световите во човекот, е согледлив со благодати, лични дела и траги во свое време.

Дијалог

Прв живот:

-Мене ме преокупира не прашањето колку животи човекот одживува во еден живот, туку вредноста на секој во него одделно. Наспроти безвредноста, а со неа минливоста и маргиналноста. Два, па и три животи како два, па и три света во таа смисла. Со вредносна содржина. 

Втор живот:

-Се согласувам, но откако ќе се утврди и прифати дека се два, па и три. Но, и оти тие не се одживуваат едновремено и наспоредно…На пример, мојот прв е од кога сум почнала да се осознавам и откога се знам себеси до почетокот на нашата љубов. Вториот, пак, ми е сегашниов, заедничкиов, со тебе. А знам дека третиот ќе ми почне со нашата прва рожба и почетокот на мајчинството.

Прв живот:

-Јас таа би ја нарекол физичка или, попрецизно, психофизичка делба. И би ја врзал најмногу со обврските и одговорностите. Од тој аспект, најсложен од твоите три, па и најтежок е вториот живот. Особено кога е нужно да се воспостави некаква рамнотежа и хармонија меѓу секојдневните обврски и одговорности од една, и создавањето вредности заедно со животворноста.  

Втор живот:

-Просто речено, нашиов, заедничкиов живот мораме да го живееме споделувачки за да не си ги загрозиме личните животи. Меѓу другото, затоа што е тој дел од природната даденост од една, и рамноправноста и рамномерноста од друга страна.

Прв живот:

-Ме збунува твоето поистоветување на вториот живот со нашиов, заедничкиов. Јас го промислувам токму личниот живот не како еден, а како два, па и три. Кога е збор за заедничкиот, споделувачкиот со на друг, мислам дека повеќето такви животи, повеќе и од три се во најголема мера поврзани со егзистенцијата, животниот стандард, полнотата, квалитетот на животот и неговата перспективност. Во  многу помала, можеби и во најмала мера со вредностите и животворноста.

Втор живот:

-Согласни сме дека само непорочната љубов ги сплотува многуте животи на човекот во еден. И тоа од раѓање до смрт. Независно од близоста или далечноста. Колку што е со вредности, колку што е во нив и колку што е животворна.