29. Ведрости
Монолог
Ведрост на креативниот дух-ведро лице. Ведрост од љубов-ведри лица. Ведрост со игра-ведро време. Ведрост во живот-ведро чекорење кон своја цел. Ведрост на мисла-ведри денес и утре.
Ретко ведро лице или нигде такво, исто дење и ноќе, значи дека ведроста на креативниот дух е поразена од грижи,а може врз неа да навалиле големи и тешки обврски, лични и заеднички проблеми.
Ретки ведри лица или нигде такви од љубов, бидејќи од неа не почнува не за да заврши, туку за да се зацврсти и рашири споделувањето. Едновремено таа-љубовта станала и ваква и онаква; искрена и лажна, рамнодушна и огнена, со неповторливи и неменливи навици, во спокој и неспокој.
Ретко ведро време со игра кога се чека, а никако да дојде, па се игра сè што е игра како довик, надеж и исчекување.
Ретко ведро чекорење кон своја цел оти е догледна, животворна и е дел од животот, и е цел живот. Несопирливо, стамено, доследно и достоинствено. Своја цел која може да биде најблиска или најдалечна од на сите други, слична со на некој друг или на некои други, различна од сите знајни и незнајни.
Ретки ведри денес и утре со ведрост на мислата. Со некаков таен товар од минатото и некаква негова двосмисленост. Не оти минатото е минато, па треба да е зад човек во свет врз кој навалува сомнението, ами оти на мислата на денес сосе утре опитноста и знаењето мора да ѝ бидат не противни, а еднакво вредни.
Ведроста на креативниот дух, вредноста од љубовта и вредноста со игра се пред сите други. Без нив ликот човечки е бледникав, замрачен, може збрчкан, може нажален. Од таков се узнава дека со човекот и луѓето околу него завладеале безволие, рамнодушие, предаденост на минливоста.
На човек со игубен ведар лик креативниот дух му е премален, сокриен во немост. Сè што создал како да не е од него, како да не е негово, и е немоќен што било да почне да создава.
Без ведроста од љубов човек не споделува ни миг на самопрегор. А тоа значи дека таа не е, ниту може да се случи ненадејно и првично, па потоа да ја надмине замисленоста на пример или грижата на пример. Напротив, трае следејќи ги стаменоста и гордоста.
Ако ја нема ведроста со игра, човек ни како дете ни како старец со истрошена снага од години не научува да ја восприма жизнено светлоста на денот и спокојно мрачноста на преживувањето. Особено пред живот и по живот, особено пред смрт и по смрт. Или помеѓу сите нив.
Дијалог
Прва ведрост:
-Многу малку ведри лица среќавам кога сум меѓу луѓе. Најмногу ме погаѓа тоа што од нив најмногу се на деца и на понекој во многу години. Па ме вчудовидува кога меѓу средовечните ќе здогледам лице од нешто задоволно, од нешто исполнето, од нешто израдувано. Или, на пример, со денови не заборавам лице кое оддава самодоверба, верување во себеси, искажува решителност и доследност.
Втора ведрост:
-Што мислиш, зошто тоа?
Прва ведрост:
-Не знам…Се обидувам да си одговорам, а некако најповторливо ми се наметнува заклучокот дека има сè помалку ведри лица меѓу луѓе затоа што тие сè помалку си веруваат на себеси, а веќе немаат ни најмала доверба во ближни или познајници. Мислам дека многу меѓу нив се бледникави, набрчкани, натажени, па и намуртени по порази.
Втора ведрост:
-Состојбите и собитијата го прават своето. Но, јас сметам дека најпрвин има сè помалку ведри лица како последица на секојдневната борба за побогата, но не и поквалитетна живеачка. И бесперспективноста како нејзин постојан придружник.
Прва ведрост:
-А што е според мене дури трагично, не само што среќавам сè помалку ведри лица, туку особено меѓу средовечните виѓавам болни и претсмртни…Што мислиш, може ли човек да го сокрие своето лице со маска на ведрост кога е во луѓе?
Втора ведрост:
-Како да не! Зарем не забележуваш дека во последно време сегде се организираат маскенбали, балови под маски, свечености под маски? Зарем не си чул за љубов под маски?
Прва ведрост:
-Се разбира дека и сум забележал и знам. Не мислам на маскирањето од забава, за сеопшта веселба и смеа. Мислам на маска на ведрост која нема да ја препознаеш како ретка и да се загледуваш во неа…Мислам дека нема затоа што ведроста сама по себе е природна и му прилега на човек кој е како јас и ти. Кој не дозволува да го навалат безидејноста, безалтернативноста и бесцелноста. Кому вредностите му се пред сè.