МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 22

Потребно време за читање: 3 минути

22. Будења

Монолог

Осознаено е многу и малку за будењето. Тоа  се наметнува повеќе како доживување одошто состојба, секогаш кога е на некој начин предуслов или предлошка на будноста. Будењето пред сè како процес, будноста пред сè како внимателност, подготвеност, мобилност. Будењето повеќе за, будноста повеќе со и поради.

Сега за будењето и ние:

Се будиме рано, прерано, предвреме. Се будиме совреме, во вистинско време, во наше време. Се будиме задоцнето, подоцна, предоцна. Сè најмногу поврзано со сонувањето по одмор или умор. Добро е да се разграничат, секое да биде со осознаена причина и без ненадејна последица.

Се будиме рано, прерано и предвреме расположени и подготвени за нов ден. Во кој ќе продолжиме нешто од порано или ќе почнеме нешто ново, веќе предвидено. На пример што? На пример, нешто што зависи едновремено од сонцето, земјата, водата, климата и нас. Може и од семето, плодот, може и од коренот. На пример, нешто поврзано со здравјето и природата, со рамновесјето меѓу нив. Се будиме рано по навремено заспивање и спокојно спиење, сеедно дали сами или со сплотени тела во љубов.

Се будиме совреме, во вистинско или во наше време затоа што нешто зависи само од нас, нешто што не може ни да започне ни да продолжи без нас. А за да го ослободиме, да го осамостоиме, да му дадеме сила, да го подготвиме за соочување со  она допрва, кое ни претстои. Овие будења се во најголема мера поврзани со заедништвото, опстанувањето, со нас и нашите современици, со нас и нашето потомство.

Се будиме задоцнето, подоцна или предоцна повеќе уморни одошто одморни. Најчесто поради недостиг на свое време проследено со преголем и претежок товар. Најчесто поради премаленост на телото, умот, поради преокупираност на свеста. Задоцнето будење, подоцна или предоцна во однос на што? Во однос на она што ни е важно, неопходно, без кое сосем не може и нема да ни биде исполнет денот. Во однос на она што нè исполнува, ни ја потврдува суштината. Која не е, ниту може да биде ниту почеток на љубов, ниту нејзино продолжување, ниту нејзино траење.   

Сонувањето по одмор или умор е клуч што ја отклулчува вратата на самосвеста. Без оглед во која фаза сме го прекинале или нешто го предизвикало неговиот крај. Сепак, кога е збор за нашиот мозок, телото и физиолошките процеси, од четирите негови фази (почетната-заспивањето-меѓу сон и будност; втората-лесен сон и подготовка за подлабок; третата-длабок сон-одмор и обновување на телото; четвртата- интензивно сонување, учење и паметење), третата е за нас, во љубов беспримерна и непорочна, најпридвижувачка, дури егзистенцијална. Особено за веројатноста на нашите соништа.

Дијалог

Прво будење:

-Јас и ти во сон и на јаве…Будни сме?

Второ будење:

-Да, будни пред заспивање…А нашето будење?

Прво будење:

-По ноќ, во ниедно доба на ноќта, во љубов огнена…Во оган на нашава љубов…Јас се разбудив порано од тебе.

Второ будење:

-Будни или будење во ниедно доба?!…Не ти, јас се разбудив порано од тебе и те гледав како спиеш. Како дишеш спокојно, како се припиваш до мене, се превртуваш…Како ти играат очите…Мене ли ме гледаше, ме следеше во твојот сон?

Прво будење:

-Како да не! Мислиш дека ни на сон не можам без тебе?…Хахаха…Сериозно, ме замислуваш со твоето чудење за будноста и будењето во ниедно доба на ноќта…Ми се случува тоа…Да не можам да заспијам, а како да спијам, па спијам не знам колку време, па се будам…Тебе не ти се случува?

Второ будење:

-Како не. Се разбира дека ми се случува…Тоа не е од умор. Од одмор и смиреност е. И опуштеност и исполнетост…И задоволство…Да, и љубов…

Прво будење:

-Јас како прво будење сум во исто време почеток и продолжение на нашата дејствителна стварност. Како подготведност и подготвка за нова игра со нови задолженија. Како  животворност…Како творечка енергија…      

Второ будење:

-Доволно, доволно…Хахаха…А јас како второ будење сум траење од ден во ноќ…Одбрана од сомненија, брана меѓу нас и какви било неизвесности…Придвижувач на стварниот и заумниот свет…Би можел да бидам јас прво будење, а ти второ. Кога, на пример, пробдејуваме ноќ во која сме заедно со нашите предци и нашите потомци…За жал, тоа се случува сè поретко. Најмногу затоа што не сме доволно будни.