Momentum XVIII
Сцената е полна со гласови
од стари мудреци
и со раце.
Во заднината големо огледало.
Сцената малку осветлена.
Глас 3
Напрегни се да ме слушаш. Спуштањето со јаже во гласот е наједноставна работа, особено кога си вака елегантно облечен. Костумот треба да ти остане чист, испеглан. Дланките не ти се доволно стегнати, па може лесно да паднеш и да си го скршиш глуждот.
Глас 9
Ја знам твојата радост оти мечот добро го измисли како симбол на двобојот што ќе биде на крајот. Малку ќе те разочарам- не е многу оригинално. Сети се на Хамлет. Сепак, кај тебе засега како Дамоклов. Но, не заборавај дека прапочетокот на вселената и на маската е во кругот од оган или со огномети што најавуваат свечености. На почетокот, колку што се сеќавам, имаше и конзерви.
Глас 4
Тоа не беше предзнакот дека сме ја започнале борбата за универзална човечност. Ние овде само седиме, разговараме, се честиме со вино. Има и некакви јадења. А за да ни биде интересно, слушаме избрани високоумни инструкции и деструкции за времето и коњите, за делфините и папагалите.
Глас 7
Гавранот кога ќе обели го летаме пред човекот дури велиме: човекот е мост што ги поврзува земјата и галаксијата; мост на заемно разбирање, комуникација, пријателство и соработка помеѓу народите.
Глас 5
Ти сега со полно право можеш да замолчиш, па никој од нас да не знае што треба уште да говори. Сепак, некои делови од нашите текстови требаше да ги научиме напамет. Не само вака да седиме на сценава како имитаџија и декор на нешто што не се случува.
Какофонија.
Несклад во боите на гласот.
(Abassimento di voce):
Тие до нас не можат
да си го допрат слухот,
па говорот им ги кине
браните и морето
со кои секавично
ја плашат климата;
да не ја открие тајната
дека не е сѐ без збор
ако не друго,
барем јазикот е тој
што ги напрега
мускулите во грч
легнати во соба
полна со треви
и сокови од цвеќе.
Се случува некогаш
да сонуваме
доволно долго
како ab initio,
а да не разбуди некој
притисок во вените;
мислам дека е тоа
нашата моќ
што ја собиравме
во простори
напластени со очи.
И така многупати
да нѐ здоболи
како кога пиеме вода
оти не знаеме
како да го кажеме она
што бега во грлото.
Ние во таква состојба
броевме муви некогаш
и мачкавме автомобили
измешани со слатко
од сливи
на парче сув леб
за појадок,
сеедно gladius ли е
или gyrus.
Си ги свиткуваме
половините
по некоја чудна аритмија
во нервите.
Ридовите ги доближуваат
оние што останаа живи
за ако се оддалечат многу
едни од други
да не си ги чувствуваат
здивот и забите,
па да следат внимателно
друго движење на устата
со оган на пример.
Omni jure и со omen
ги менуваме предметите
во собата;
да фрлаат сенки и шари
на ѕидовите
дека ги собираме во ред
и за корен
во песна со човек.