Потребно време за читање: 2 минути

Momentum XIV

Доаѓа првата сенка.
Ја крева раката
сите да замолчат.
Гледаат во неа.

Глас 7

Конечно сега и јас се јавувам. Веројатно нема многу да издржам оти ваква суша ми отвора рани. Помислувам дека не смеевме да дозволиме често потсвеста да фрла знаци во нашиов разговор. Се случува да заборавам некоја мудрост и да си спомнам на неа кога ги пребарувам собите од што ми е здодевно. Или дека сум нервозна.

Глас 9

Легни до мене. Може лесно да се возбудиш. Јас ќе го совладам твојот страв од инерција и рамнодушност.

Глас 10

Најдобар начин да си ја прикриеш генијалноста е да молчиш, да бидеш скромен и претпазлив.

Глас 6

Те следам и воопшто не ми е тешко да ги толкувам твоите синтагми, па не знам колку да се намерни и иронични. Или, пак, небулозни за некои површни предмети што се обидуваш да ги сознаеш.

Глас 7

Ти не ме разбра. Јас не помислив на мојата генијалност, туку на генијот кого народот ќе го слави како мудрец кој остава мошне силен впечаток со белата брада и со браздите на челото.

Глас 8

Па што оти ти не си ти или тој не е тој? Колку е тоа важно во овој разговор? Логиката има свое оправдување само ако ние изведуваме сентенции директно од предметите и појавите. Но, бидејќи не признаваме почести аналогии, а дозволуваме први асоцијации, главно е да сме гладни. Традиционалните обичаи предвидуваат прво љубовни игри, па вино, а на крајот пресудата дека ја откривме вистината: совршенството единствено ние знаеме да го замислиме или, ако сме уморни, да го измислиме.

Носиме дрвени чевли
за да ја продолжиме
љубовта кон природата.

Ништо со сила!

Прочитај и за ... >>  MOMENTUM II, Преобразби што ќе ги постават настаните во логичен ред, поетска инсталација

Треба да се пеат големи теми,
да бидеш важен, да те мисли народот,
да излезеш надвор и да го прашаш
дали е гладен,
има ли студена вода наутро,
кога ќе се разбуди,
или лицето си го мие со топла
за да не му настине.

Да го прашаш што јадел вчера,
дали се најал или е уште гладени,
добро ли спиел,
може го мачела киселина
во грлото.

Кај родните ниви има чад,
чади планина!
Некој ни подготвува ручек
или вечера со наказ.

Треба да се пеат големи теми,
да бидеш важен и да те мисли светот.

На пример, зошто реките
веќе немаат риби,
којзнае дали што било живо.

Дождов е многу топол ова време
и паѓа наличен во сон.

Ништо со сила!

На пример, пустината расте,
како да се обидува да ни покаже
дека идното време ќе биде поважно,
па е добро совреме
со роса крв да го навлажиме.

А кај родните ниви има чад,
чади планина!
Некој ни подготвува ручек
или вечера со наказ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here