Потребно време за читање: 4 минути

Реформата на нашето образование трае, ту позабавено, ту позабрзано, а никако да заврши. Некои сметаат дека станува збор за континуирана реформа, што е само по себе нонсенс бидејќи во својата суштина реформата, како промена а не развоен процес, не може да оди во недоглед. Таа секогаш и секаде има почеток и крај.

Круцијално прашање е: дали може да се дефинира, а потоа и оформи модерно училиште, во сета негова комплексност?

Стручњаците наведуваат два основни предуслова: одделенијата не смеат да имаат повеќе од 20-мина ученици, поради можност за индивидуален пристап и работа, и должностите, правата и обврските мора еднакво да се однесуваат на учителите-наставниците, учениците и родителите, но и на надлежните институции. Во сегашните училишта состојбата се сведува на: учителите-наставниците имаат должности и обрски без права, а учениците само права без должности и обврски.

Притоа се нагласува дека во современото постиндустриско општество професионалната улога на учителот-наставникот ќе биде изменета и тој нема да биде службеник со задача да остварува туѓи идеи и упатства, туку да биде професионалец кој ќе биде креативен и критички ориентиран на постојано истражување, а училиштето ќе биде заедничко место за учење на деца и возрасни.

Модерното училиште се дефинира како: училиште на знаење, на книжевност, на уметност и училиште на спортот.

А еден пример од далечните 60-ти години на минатиот век сѐ уште може да користи во реализацијата-завршувањето на реформата на основното и средното образование кај нас, односно во формирањето на модерно училиште, примерено на нашево сегашно и идно време.

Имено, двајца норвешки гимназијалци, Јун Лун Хансен и Кнут Бу Ќелан, незадоволни од гимназијата во која учеле, го прекинале школувањето по првиот клас. Знаејќи дека со традиционалната гимназија се незадоволни и многумина други ученици, поттикнати од педагошките идеи на Платон, Русо, англискиот педагог Еј Си Нил и Норвежанецот Улав Стурстејн, дошле до идеја да започнат иницијатива за основање на една гимназија од нов тип, кајшто учениците и професорите ќе имаат исти права, кајшто ќе нема оценки, ниту задолжително присуство на наставата, кајшто професорите и учениците заедно ќе ја утврдуваат наставната програма, техниката и планот на работа, кајшто ќе има „повеќе место за индивидуалност, развој, толеранција и конструктивност“.

Прочитај и за ... >>  Менталното здравје

Благодарение на нивната иницијатива, прифатена од страна на многумина ученици, нивни родители и наставници, во 1966. година е основана Експериментална гимназија во Осло.

Мосе Јоргенсен, првиот управник на оваа гимназија, објави книга за настанокот, развојот и перспективите на оваа необична школа и за проблемите на демократското, авторитарното и креативното образование.

Од оваа книга, под наслов „Школа што ја основале учениците“, ги пренесуваме завршните заклучоци кои сигурно ќе го предизвикаат вашето размислување за состојбите и перспективите на нашиот образовен систем:

„Луѓето се производи на средината многу повеќе отколку што мислиме. Ако во неа нешто измениме, можеби ќе можеме да ги измениме и нивните ставовои. Помислете само како се менуваат ставовите кога од клупите ќе прејдеме на катедрата.

Во секој случај, во редовните школи може да се направи многу и без промена на законот и без поголеми издатоци. Еве неколку предлози:

  1. Да се именуваат одбори, составени од ученици и наставници, кои треба да предложат мерки за воведување на демократијата во школата;
  2. Да се одржуваат собири…(на кои- Љ.Д.)…управата на школата ќе може да го чуе мислењето на учениците, наставниците и останатите припадници на школата и да им ги изнесат оние прашања што се однесуваат на нив. Дирекоторт на школата може да ги земе предвид изјавите и одлуките на собирот. Тој може и непосредно да комуницира со претставниците на извршната власт на школата и да дискутира со нив;
  3. Да им се допушти на групи на ученици да учествуваат во одредени области на управувањето со школата и за тоа да му поднесуваат извештаи на собирот;
  4. Да се децентрализира донесувањето на најголемиот можен број на внатрешни одлуки и да им се пренесат на одделенијата или групите. На пример, одлуката за времето на одржување на пробите;
  5. Да се воведат курсеви за наставниците од техниката на соработката и групната динамика, за тие да се оспособат подоцна да водат такви курсеви за учениците;
  6. Да се овозможи развој на наставничката соработка со одвивање на неколку часови неделно за таа цел, за кое време учениците ќе работат сами;
  7. Да им се отвори на учениците канцеларија и наставничка сала;
  8. Да им се допушти да ужинаат со наставниците;
  9. Да се одбегнува соработката и контактот со родителите во отсуство на учениците;
  10. Да им се допушти на учениците сами да ги уредат и наместат училниците. Да се побара од општините да отстапат од модернизација и евентуално скапи новоградби;
  11. Да не им се затвораат на учениците школите ни навечер;
  12. Да им се допушти на учениците и наставниците во групи да соработуваат во разработката на наставните методи и предлози во врска со стручните експерименти за кои е потребно да се бара дозвола;
  13. Да се направи обид наставните методи значително да ја сведат улогата на наставникот на периферна. Пример: групна работа, самостојна работа. На наставникот му се нуди можност да се концентрира на активирање на пасивните ученици и помош на учениците на кои таа им е потребна;
  14. Да се вклучат учениците во давањето оценки;
  15. Да се воспостави врска помеѓу светот вон школата и наставата со делумно изведување на оваа вон школата и со вклучување на родители и други воншколски лица во наставата;
  16. Со самостојна работа на учениците постапно да се укинува обврската од нивно присуство;
  17. Да се даваат претходни оценки засновани на такви проверки на знаењето кои предизвикуваат што помалку нервоза- на пример, во рамките на самостојната или групна работа;
  18. Да им се пренесе на учениците кои тоа го сакаат одговорноста за овладување со одделни предмети овозможувајќи им големата матура да ја полагаат приватно;
  19. Да се искористи колку е можно личен контакт помеѓу наставникот и ученикот што ја нудат соработката во оценувањето и менторската работа, доколку ученикот работи самостојно;
  20. Да се воведе во наставата актуелна општествена расправа, во која ќе се тргнува од најекстремните мислења. Да се става школското градиво на постојана критика;
  21. Да им се овозможи на групи ученици во време надвор од наставата да ја користат школата за учење што нема врска со градивото. Тежиштето треба да биде на творечката дејност, посебно на драмската уметност;
  22. Да се поттикнува политичката активност;
  23. Да се основаат групи на ученици и наставници кои ги проучуваат педагошките идеи и ја вреднуваат школската практика според нив. (Тоа не би смеело да стане најважно затоа што тогаш, веројатно, не би се ни одело натаму.);
  24. Да се воспостави врска со постојните експериментални гимназии;
  25. Да се дополни овој список и со други идеи“.
Прочитај и за ... >>  Играта

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here