Во секоја општа и специјализирана енциклопедија (медицинска) може да се прочита и научи следново (доволно) за менталната хигиена:
Станува збор за медицинска дисциплина која се занимава со спречување на душевни болести и пречки, чување и унапредување на душевното здравје.
Во интердисциплинарна смисла таа добива пошироки димензии-во рамките на екологијата или пошироко антропологијата теоретски и практични сознанија кои тие можат да ги вградат во својот теоретски концепт и практичното дејствување.
Во медицината е одамна утврдено дека постои врска помеѓу развојот на личноста на детето и менталното здравје. Него го развиваат и чуваат правила и стереотипи што се вградуваат во воспитанието. Исто така, одамна е затврдена идејата дека социјалната средина врлијае врз менталното здравје и болест. Сепак, најсилен поттик на развојот на менталната хигиена започнува релативно доцна, дури во 19. век.
Прв називот го употребил Вилјам Свецер во 1843. година, а системската работа на превенцијата на менталните болести е врзана за динамичните и пошироките гледишта на психијатријата како медицинска дисциплија. Менталната хигиена долго била третирана како нејзина гранка.
Интересно е дека Француската револуција со својата Декларација за правата на човекот и граѓанинот го актуализира и правото на душевниот болен. Во тоа време Филип Пинел (1745-1826) добива од Конвентот во 1792. година одобрение да ги отстрани синџирите и другите драстични мерки од постапките со душевно болните. Овој акт бил одраз на јавното мислење и просветителскиот дух кои длабоко продреле во научните и културните ставови на граѓанското општество.
Како сериозно поместување кон организирано и системско дејствување на менталната хигиена се зема годината 1908., кога Клифорд Витингам Берс (1876-1943) ја објавува својата книга „Умот кој го најде своето јас“ (Mind Thatg Found Itself), која е всушност мошне отворена негова автобиографија. Во неа тој како поранешен душевно болен ја опишува нехуманата постапка со ментално болните во разни болници и азили за душевно болни. Истата година Берс основа друштво за ментална хигиена. Првиот меѓјнароден конгрес на ментална хигиена е одржан во Њујорк во 1930. година.
Подрачјето на дејствување на менталната хигиена е првенствено насочено кон отстранување на разни патогени фактори кои им штетат на душевното здравје на поединецот и заедницата. Меѓутоа, за денешното дејствување е карактеристична нејзината работа на унапредување на здравјето, во што наоѓа врски со реалниот живот и практиката. Менталната хигиена се поврзува со културните влијанија, образованието, економиката, здравството, урбанизацијата и влегува во кругот на екологијата-во поширока смисла и антропологијата. Ова поврзување е резултат на сфаќањето дека здравјето е состојба на физичко и емоционално добро чувствување и оти создавањето на услови за тоа го унапредува менталното здравје.
Подрачјата на кои дејствува менталната хигиена можат да се групираат според човековото доба, па зборуваме за ментална хигиена во пренаталната заштита на менталното здравје на мајката и детето, проблемите во детското доба, школското доба, адолесценцијата, зрелото доба, инволутивниот период и постарото доба.
Постои и поделба според специфичностите на проблемите: телесна инвалидност, дефекти на развојот, слепило и глувост, алкохолизам, неприлагодено однесување (јувенилна деликвенција).
Најсовременото групирање се врши според клучните медиуми кој влијаат врз човековиот начин на живот и спрема медиумите врз кои човекот врши влијание: воспитание, работа, слободно време, живеалиште, рекреација, средства на информирање итн.
Методите на менталната хигиена можат да се поделат на екстензивни, групни и индивидуални. Екстензивните и групните се користат со познавање на динамичките процеси во голема и мала група, а индивидуалните се поблиски до куративното дејствување. Како теоретска база на дејствување обично се зема еден концепт на развој на личноста. Според психодинамичкиот, личноста дејствува на две нивоа на свеста: свесно-несвесно.
Денес, кога активноста и учеството во сите видови на животот се пренесува активно на секој поединец, се настојува поединецот како личност, а не само менталниот хигиеничар како професионалец, креативно да учествува во ментално-хигиенската работа. Затоа принципите на менталната хигиена се внесуваат во многу области на општествениот живот, па менталната хигиена има изразито интердисциплинарен карактер.