19. Дребнави и дребнулии
Познавам многу дребнави чиј свет е исполнет со недоброј и секакви дребнулии. Што ги красат или ги грдат нивните домови; обесени на ѕидови, поставени во агли на соби и ходници, под прозорци, крај врати. Што ги употребуваат секидневно, во кој било дел од денот и ноќта или во точно утврдено време; во фиоки, шкафови, витрини, на полички. Што се неупотребливи од којзнае кога или отсекогаш; добиени како подароци на прослави, радости, бележити настани или купени како спомени од патувања, престојувања, времени живеења. Што се непотребни во живеачка, помин, при работа, создавање или бездејствување; не се ни случајни ни намерни, не се забележливи; но се случува да попречат, па лесно, без помисла се фрлаат вон допир, се отфрлаат дека никогаш не биле потребни. Што се скапи, што се евтини бидејќи се дел од лична потрошувачка која не била контролирана, не се сакало или не се можело да се сведе на неопходното.
Познавам многу дребнави во чиј свет недоброј и секакви дребнулии се единствени. Во кој освен нив нема ништо со што може да им се препознае, да им се докаже како вреден за прифаќање. И во кој се сами и доволни на себеси. Мене отсекогаш ми биле и ми се проблем не дребнулиите, тие сум во состојба воопшто да не ги забележувам, ами дребнавите сами и доволни на себеси. Со кои сѐ потешко воспоставувам каква било релација. Најтешко ми е со нив да станам присен. Не затоа што сум на некакво повисоко рамниште или дека во мојот свет исто така нема секакви дребнулии, па и единствени, па и неопходни, најмногу за секидневна употреба. Напротив, и јас речиси не ги забележувам. Како да се составка на мојата егзистенција. Најтешко ми е поради неизлегувањето од него, макар повремено. Поточно поради одбивањето да запознаат друг, поинаков свет од нивниот, со други, поинакви дребнулии, со други, поинакви значења, улоги и функции.
Од поодамна познавам двајца дребнави, сопружници, на кои им идам одвреме-навреме, ги посетувам во нивниот дом, влегувам во нивниот свет со недоброј и секакви дребнулии. Сѐ уште сме на познанство, иако и јас и тие се обидуваме, настојуваме да станеме пријатели. Трајан и Надежда се луѓе во години, без пород и род. Сами, но не можам да речам и доволни на себеси.
Идам кај нив, ги посетувам во нивниот дом зашто имаат нешто што не сум видел и не сум сретнал кај ниедни други. За мене мошне привлечно, а за нив просто незабележливо; дребнулија како секоја друга.
На централниот ѕид од нивната дневна соба, спроти ѕидот преполн со стари фотографии во рамки, шкаф со книги и телевизор, е обесена репродукција од сликата на Клод Моне „Импресија, изгрејсонце“. Само таа на ѕидот. Познатиот морски пејзаж, почетокот на импресионизмот. Со речиси невидливото сонце, неговиот одблесок во водата и бледнеењето на светлината. Пристаништето во Хавр речиси невидливо.
Трајан и Надежда воопшто не ја забележуваат. Паметат дека им ја подарил близок кој ја купил од уличен сликар.