85. Питомина
Тивок, смирен, спокоен
предел,
жив, игрив, распеан;
сончев, месечев, ѕвезден
предел,
жизнен, делотворен;
предел
во кого оти има раѓачка
има и умирачка.
86. Леснина
Паднало семе од небо
лесно, весело, грижно
на педа плодна земја
меѓу два камена.
Трпеливо чека
некоја вода,
може извор, може река,
може дожд
за да пушти `ртулец.
87. Со стишен глас
Те будам со стишен глас
во ниедно доба наша
сами,
предадени еден на друг.
За љубов и бдеења
плотски,
дри зора не зазори.