Потребно време за читање: < 1 минута

13. Враќање

Заминал одовде одамна,
се вратил неодамна,
та легнал на гола земја
и потонал во спокоен сон.
Негови ближни чекаат
да се разбуди додека
се тие живи.

14. Дрво без срцевина

Среде пат по кој одамна
никој не одел
легнало дрво без срцевина,
од молња соборено,
од негов оган во корен
изгорено.
А еден ластар на него
сведочи
дека е уште живо.

15. Што да ти кажам?

Не знам што да ти кажам
за нас во дамнешно време,
а не знам ни дали паметиш
дека некогаш сме биле
заедно макар во еден миг,
макар на едно наше небо.