МАРИЈА И ЈАСЕН, роман

Потребно време за читање: 2 минути

Всушност, претходниот сон беше
преодна фаза за нова состојба.

Нов момент: едното дете! Неговата смрт!

Не мислев да ти ја откријам. Прости, му рече Марија Имотска.

Чие дете?, ја праша со спокоен глас оти таа очекуваше возбуда.

Не, не е тоа никаква тајна. Само малку подзаборавена рана, Јасене Виорски. Со време.

На небото надојдоа темни облаци со ветар. Се замрачи. Луѓето брзаа да се сокријат. Почнаа молњи.

Ова е неверојатно! Ваква брза промена на времето! Не ќе е на добро, Јасене Виорски. Не е здраво! Го пореметува расположението на луѓето.

Почнувај!, извика Јасен Виорски. Неговиот извик страотно одекна во неа, како да ја пресече наполу со нож.

Упорно прекопуваш по моето минато. Се однесуваш дури непристојно. Како да сум виновник. Виновник за сопственото време! Немаш право и нема да дозволам да ме разголиш докрај. Моето Јас е доволно силно да се дочува самото.

Почнувај!

Твоето рационално Јас се повлекува пред емоциите. Тоа не е в ред, Јасене Виорски. Ја напушташ концентрацијата. Или таа тебе те напушта.

Почнувај!

Па добро, ќе почнам. Но, апсурдно е да очекуваш нешто необично…Детето ми беше од него. Секој остава нешто зад себе. Нели?

Ти реков веќе, Јасене Виорски, живеевме заедно. Можеби имаше и љубов, и чувства меѓу нас…Се случи откако загина тој. Не беше како што ти раскажав. Обично менување на времето. Не знам како. Сакав да ме снема…Ми умре на раце…Беше болно…Се исуши…Му падна косата. Имаше златна коса…Не знам…Остави ме на мира…Сакав да ме снема.

Од темните облаци се истури дожд, но солзите на нејзиното лице не успеваше да ги разлее. Правеа длабоки бразди.

Замолче. Замолче и тој. Нова празнина меѓу нив. Ќе може ли да ја совлада Јасен Виорски?

Можеби морало да биде така, Марија Имотска. Можеби морало!…Прости, не знаев. Не можев ни да претпоставам.

Бев млада мајка. Јас сум виновна. Не знаев да го дочувам…Не насетував, а се жалеше на болки. Многу плачеше…Кој да помисли.

И сега?

Сега ништо. Продолжи, Јасене Виорски. Продолжи ти.

Гледај во мене и не мисли на ништо. Само на деталите! Едноставно, прифати дека и таа смрт била само дел од некој наш сон.

Едноставно, велиш. Не знам, може и да е така. Смртта е едноставна. Запира здивот, запира животот. Спомените полека ги заменуваат други. Се бришат, се топат. Секојдневјето навистина уништува сè.

Да продолжиме, Марија Имотска?

Да продолжиме.

Leave the first comment