Нов пресврт. Динамиката на промените
веќе тешко се поднесуваат.
Ти не поднесуваш многу луѓе собрани на едно место, Марија Имотска. Зошто?
Затоа што можат да покажат сила. Можат да ме нападнат! Се мислат моќни. Можат да ме фрлат наземи, па да се нафрлат на мене! Како диви животни, Јасене Виорски.
Но во театар, пред секоја претстава тие се спокојни. Посматраат, разамислуваат. Такви се секаде кај што те носам.
Колективна концентрација. Тоа и ништо друго. Можеби и халуцинантна состојба во извесна смисла. Или можеби еден вид психотерапија. Тогаш се во состојба да скротат и диви животни.
Очигледен е твојот сарказам, Марија Имотска. Ги преценуваш другите, а се потценуваш себеси. Јас знам дека ти не си таа!
Не употреби точен збор. Обична самоиронија.
Да ти раскажам еден сон.
Не сонуваш често, Јасене Виорски. Не бар во последно време.
Добро, како дел од стварноста. Морам да ти го раскажам. Ме мачи!…Ние сме во пустина, никаде крај. Очите ни се полнат со песок. Ни влегува и во устите и во ноздрите! Полека се оддалечуваме еден од друг. Наеднаш нè опфаќа силен ветар и нè крева високо. Се држиме за раце и се оддалечуваме еден од друг. Рацете ни се издолжуваат, ни се тенчат, и најпосле наеднаш нè нема.! Што значи тоа, Марија Имотска?, ја праша.
Го загледа молчејќи, како да размислува.
Можеби некакво претчувство. Знам што може да се случи и оти знам не сум многу загрижена. Сè прифаќам како логичен и очекуван ред. Сè со очекуван крај!
Оној ден се собраа многу луѓе на плоштадот, продолжи тој. Извикуваа пароли, креваа тупаници над главите. И мажи и жени. Потоа дојдоа оклопници на коњи и ја растурија толпата. Незадоволството од материјалната состојба беше општо. Глад им извлекуваше извици од грлата. А никаква свест за уништената духовна егзистенција!
Сценарио на нова драма?
Не знам. Можеби, доколку настанот го развијам во неизвесно време.
А патувањата, Јасене Виорски?
Се разбира. И тие како пресврти.
Каква е оваа слика? Со што ќе го оправдаш нејзиното присуство во собава?
Да, таа ми е уште од детството. Моја е. Детето сум јас, а старецот дедо ми. Знаеш, тоа е само епизода. Дедо ми ме сакаше многу. Веруваше во мене. Беше реален и конкретен. Тоа секогаш ми се наметнува како заклучок кога размислувам за него. Го паметам. Ист како на сликава. Малку подгрбавен, со бела брада, чибуче меѓу усните. Тие суви и испукани. Шапка на главата, костум од чоја, бели волнени чорапи и гумени опинци на нозете. Го паметам таков…Беше весел човек. И многу молчеше. Знаеше со денови да не прозбори ни збор. Сега помислувам дека често беше во некаква трансцедентна состојба!…Сликава е од една игра во паркот. Си игравме криенка, а тој како дете се занесуваше во играта. Еднаш го барав цел час. Тој се сокрил во трње и чека ли, чека. Одвај го пронајдов. Лицето и рацете му беа крвави од трњето.
Ех Јасене, Јасене Виорски. Постојано им докажуваш не нам, туку на други дека јас ќе патувам многу. Тоа ми е во крвта, велиш. Така ми било пишано.
Ќе патуваш, Марија Имотска, многу ќе патуваш. Како и јас. Заедно со мене. Само ако не нè достаса времето. Знаеш, дедо ми и за мене го велеше истото. Така ми било пишано. Немирен дух. Никогаш нема да се скраси на едно место. Постојано ќе бега за да го заборават, за никој да не го памети. Никој да не го познава!, велеше. Така велеше и им докажуваше на други. Никој не можеше да го разубеди. Беше сигурен.
Козјнае, можеби имал право, Јасене Виорски, констатира Марија. Можеби имал право.
Биди сугурна дека ќе патуваш и ти. Да, заедно со мене. Само да не нè достаса времето!
Што ти значи тоа, Јасене?
Ми значи дека никој и ништо не ќе може да нè раздели. Ќе бидеме заедно до смртта и во неа и по неа. Патувањата…Тоа ќе бидат мигновени доживувања и преживувања на стварниот како заумен свет и заумниот како стварен. Зашто сме, и допрва заедно ќе бидеме посилни од нив.
Ноќта натежнуваше сè повеќе.