Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите се огласи со допис до јавните гласила во врска со написите на акад. Љупчо Коцарев објавени во весникот „Нова Македонија“. Во реакцијата, Претседателството ги отфрла наводите поврзани со законитоста на донесените одлуки и сомневањата за финансиски малверзации, изразува поддршка за претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов, и наведува дека работењето на Академијата се одвива согласно постојната законска регулатива.
Во дописот се посочува и дека државната ревизија, повикана од актуелното раководство, се очекува да изврши надзор во текот на 2026 година. Поради јавниот интерес за ставовите и состојбите во највисоката научна и уметничка институција во Македонија, во продолжение го објавуваме документот во целост, во неговата оригинална форма и без редакциски интервенции во содржината.
Допис до јавните гласила во врска со написите на акад. Коцарев во весникот „Нова Македонија“
Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите ги разгледа дописите од Љ. Коцарев објавени во весникот „Нова Македонија“ кои содржат инсинуации во врска со законитоста на донесените одлуки и сомнение за финансиски малверзации, како и клеветење и омаловажување на претседателот и на членовите на Претседателството на МАНУ и ги отфрли со индигнација неоснованите наводи. Претседателството на МАНУ дава целосна поддршка на работата на претседателот акад. Живко Попов и повторно изразува загриженост дека ваквите дописи ги омаловажуваат одлуките на Претседателството на МАНУ и го нарушуваат угледот на МАНУ и на неговите членови.
Претседателството на МАНУ нагласува дека работењето на МАНУ се одвива стриктно со почитување на постојната законска регулатива, за што ќе има можност да се произнесе и државната ревизија која беше повикана од ова раководство и која се очекува да изврши надзор во текот на 2026 година. Неизјаснувањето на МАНУ во детали не претставува молчење на институцијата, ниту избегнување на нејзината законска обврска за транспарентност, туку почитување на институционалниот начин на комуникација и на законски утврдените постапки.
МАНУ останува отворена за сите надлежни институции и лица кои можат да вршат проверка на овие неосновани наводи, како и за прифаќање на сите аргументирани предлози кои можат да придонесат за унапредување на дејноста во процедура која е утврдена со постојната законска регулатива и со интерните акти на МАНУ.
Од Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите










