9. Деветта епизода
Амбиент прв:
Во визбената просторија за состаноци во Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска.
Амбиент втор:
Апартман во хотел во еден од европските центри. Судејќи според кулисите, најверојатно во Брисел.
Лица:
Д-р Крале Марковски, Македон, Европа, Младоженецот, Младоженката, Мајката, Таткото.
Д-р Крале Марковски:
Во продолжение на дејствието на мојава научно-политичка сатиралија ги поканувам самите Македон и Европа да кажат што мислат за свадбата како таква. Пред тоа уште еднаш да подвлечам дека тие, како што веројатно самите заклучивте, се забрачија по скратена постапка. Едноставно, зедоа под рака двајца сведоци, отидоа во Матичното, и си рекоа меѓу себе „Да“. Немаше никакви дилеми, размислувања и двоумења ниту кај него, ниту кај неа. Како што вели народецов наш, што се мора не е тешко. Потоа си организираа свечен ручек за најблиските роднини и пријатели, и тоа беше сè. Свршија работа и се успокоија.
Ама, се случи Македон првата вечер да се разочара многу длабоко. Толку длабоко, па затоа што свадбата им беше ептен едноставна и скромна реши брзо да ја заборави како да не била. Причина за тоа беше што случајно на телевизија загледа и догледа една богата свадба. Просто му падна ептен криво.
(Три гонга)
Македон:
Беше тоа свадба од богата побогата. Богати домаќини, богати гости, богато јадење и пиење, богати младоженци. Една жена, веројатно мајка на младоженката или на младоженецот, постојано подвикнуваше и потскокнуваше од радост, а другите седеа околу долгата, бескрајна маса и јадеа, пиеја, пиеја и јадеа. Сè според редот и планот. Дури се случи, според коментаторот на телевизијата, младоженецот и младоженката да се вљубат меѓусебно и да си пронајдат заеднички точки. Потоа заминаа на медена месдечина со огромен бел автомобил накај осум метри долг и приватен возач. Веројатно не биле сигурни дека со сателит ќе успеат да стасаат до неа.
Продолжението го проследив следната вечер. На младоженците на медената месечина им течеше мед и млеко, а на своите мили, сакани и многупочитувани родители, како што си е евро-балканскиот ред и обичај, им се јавија по телефон:
(Пренесување во апартманот во хотелот најверојатно во брисел. Македон и Европа во брачен кревет полулегнати. Гледаат во малиот голем телевизиски екран.
Дејствието на телевизискиот екран почнува со телефонско ѕвонење.)
Младоженецот:
Ало, мамо, тато, вие ли сте?
Мајката:
Да, ние сме мили гулабчиња. Како ви е на медената месечина?
Младоженката:
Сè ни оди подмачкано, ни течат само мед и млеко. Жива штета што не сте со нас. Требаше да си направите и вие уште една свадба.
Таткото:
Како се снаоѓате сами? Не ви е тешко?
Младоженецот:
Се снаоѓаме некако. И дење и ноќе, а особено ноќе.
Мајката:
Само да ви е среќен бракот, тоа ни е најважно. За ништо вие да не берете гајле. Ние сме родители и како такви секогаш ќе ви се наоѓаме. И во добро и во зло.
Младоженката:
Сè си мислиме, мили, сакани, многупочитувани драги наши родители, дека не требаше толку голема свадба да ни направите. Сите видоа на телевизија и позавидоа.
Таткото:
Ако, ако, мили наши гулапчиња. Што оти видоа? Требаше да видат.
Младоженката:
Многумина ни се јавија да ни кажат дека ни завидуваат.
Таткото:
И треба! Треба да се знае кој е кој, што е што во нашиов закапитализиран свет. Кој им е крив што не ги бидуваше како нас, па не станаа прекуноќни бизнисмени?
(Магарешко рикање-30 секунди.
Претоп-бавно враќање од вториот во првиот амбиент.)
Македон:
И така, и родителите и забрачените, ги покажаа на телевизијата како стопени од среќа. Треба да потенцирам дека свадбата се случи во денешно време, а на мене и на Европа ни се причини дека нешто во свадбата и околу неа не беше в ред. По кусо размислување и премислување заеднички констатиравме дека е во прашање квалитетот на телевизискиот канал, конкретно одвреме-навреме заматување и снег на екранот. Откако направивме куса прошетка по којзнае колкуте на број телевизиски канали, проценивме дека е тоа очигледна последица на медиумската зависно-презависна констелација.
(Ѕвон на воловско ѕвоно.
Претоп-бавно враќање на првиот во вториот амбиент.)
Европа:
Македон, се праша ли колку чинеше свадбата? Или не ти текнува зашто не ти беше важно, а и сега не те интересира?
Македон:
Како можеш, Европо моја, тоа да ме прашуваш? Како да не сум се прашал? И сум си одговорил. Сакаш да знаеш? Нас не нè чинеше ништо, ама ептен им чинеше на моите бидејќи немаше твои. Ми текна, ги прашав, а тие само ми рекоа дека тоа не било важно; само е важно ние да сме среќни, весели и радосни, и што побрзо да си ги зацврстиме брачните односи. Со други зборови, што побрзо да почнеме да пливаме во брачните води спокојно и без опструкции…Се разбира дека ми е важно колку се потрошија. Ама штом тие велат не е важно, тогаш не е. Во тој контекст мене ме интересира нешто друго, на кое би можела само ти да ми одговориш: дали ти, како развиена и модерна, искусна и возрасна, да не речам во тој однос стара, мислиш дека не треба да им направиме рекапитулација и ребаланс? Јас лично сум сигурен дека тие одамна не се рекапитулирале, а нивниот биланс одамна не е корегиран и во приходната и во расходната страна. И тоа пред евентуалните први брачни бури, молњи и сончеви периоди, а непосредно пред првата брачна ноќ. Што велиш?
Европа:
Па, во однос на рекапитулацијата сметам дека е нужно да се промени општото мислење, што го наметнаа поединци од најблиското роднинство и пријателство: дека се работи за нова или обновена капитулација на твоите. Нужно е повторно согледување и анализа на сè што се случуваше во свадбарскиот процес. И тоа детално, за да се види што суштинско од таквите како нив треба да се промени за да се овозможи не луксузно, туку стандардно ниво на истиот од прекудневни бизнисмени, па дури и од несиндикализирани работници. А што се однесува на ребалансот, да, тој треба да се спроведе под итно. Притоа, мислам дека поголем акцент треба да се стави на приходната отколку на расходната страна…Знаеш, во светот на бизнисменската евро-атлантска унија односно натоалијанса и свадбата како таква мора да биде профитабилна. Тоа е предуслов за успешен брак, меѓу другото.
Македон:
И што да правиме со фактот дека билансот на моите е, напротив, целосно расходен?
Европа:
Треба да се обидеме да помогнеме при ребалансирањето за што полесно да го поминат периодот што следува-нашата брачна и вонбрачна адаптација. Значи, без дилема е нужно максимално зголемување на нивниот буџет преку подносливо, а масовно даночно оптоварување на сожителите во Кулата локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска.
Македон:
Се плашам дека тоа нема да оди баш лесно бидејќи свадбата не беше колективна, сожителска, туку семејна. Може да претставува придонес за продлабочување на односите помеѓу мнозинската и немнозинските заедници, особено помеѓу мнозинската и најмнозинската од немнозинските, ама тоа зависи само од нашата брачна стабилност во иднина. Не од трошокот за организирање на нашата свадба. Таа имаше елементи на општонародна веселба. Се сеќаваш? Оние од власта во тој контекст дуваа и пуштаа европски балони на плоштадот…Па сепак…
Европа:
Мислам дека можеме да ја олесниме работата со притисок од наша страна за искрен политички дијалог помеѓу власта и опозицијата, за учество односно поделба на власта на сите. Макар потоа опозицијата да стане и максимално конструктивна.
Македон:
В ред, ја имаш мојата прва брачна согласност.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)