3. Трета епизода
Амбиент:
И во оваа епизода амбиентот е ист како во претходните две. Значи, дејствието се случува во салата за состаноци која се наоѓа во визбата на Кулата вавилонско-протомакедонска, што е изградена на средината на матната река со двојно име-Вардар и Аксиос. Говорницата е со еден микрофон. Пред неа на дрвени столчиња испоседнати мнозинство од жителите и сожителите.
Лица:
Александро Филипов Македонски, Црвенко Државнички, Европа.
Александро Филипов Македонски:
Како што ви е добро познато, другари и другарки, дами и господа, во последно време како да им минува модата на камењата-темелници. Како тие да ја губат својата популарност. Зошто, како не знам, но знам нешто друго: лично јас не ја следам модата интензивно, па следува логичен заклучок дека не сум премногу модерен; од што следува дека малку ми заостанува чекорот со модата. И уште нешто знам: јас сè уште не сум, а м ислам и дека досега не сум бил човек на функција. Не сум барем сега, во овој момент, па како таков треба да ме имате предвид.
Еден мој пријател, од една подалечна од нас локална заедница, познат како човек за кого секојдневноста не е несекојдневна, реши да постави еден камен-темелник во потесен семеен круг. Истапи со ваков конструктивен предлог пред неговата сопатеничка.
„Ама што ти е тебе, човеку?! Што ти станало?“, се изненадила таа со отворена уста. „Да не си се мрднал?! Каков камен-темелник?“
„Полека, не брзај, сопатеничке моја“, веднаш презел тој смирувачки чекори. „Чекај да ти објаснам. Мислам да си поставам еден убав камен-темелник. Имено, познато ти е дека стандардот не ни е којзнае колку напреднат, ама мораме да вложиме напори да си направиме една мала викендичка. Тоа е пред сè и над сè корисна инвестиција. Дали ќе ни успее? А се прашуваш ли како им успеало на многумина досега да направат? Како тие, така и ние!“
„Не знам како им успеало на тие што успеале. Стварно немам поим. Нејсе. Тие успеале како успеале, ама ние не можеме! И не е точно тоа што го тврдиш во врска со корисноста и некорисноста на таквата инвестиција. Викендичка е непроизводна инвестиција“.
„Ај сега да не полемизираме. Ќе си поставиме цврсти рокови за изградба и таа нема да ни биде промашена инвестиција. Ти гарантирам“.
Неговата сопатеничка се изначудила, па после почнала трезвено да размислува:
„Ние, како што ти е добро познато сопатенику мој, одвај истеруваме секој месец до крај. Одвај се крпиме, одвај издржуваме. А ти, ни две ни три, камен-темелник за викендичка. Ти се молам не се занесувај, мажу мој златен. Не шетај си го умот угоре -удолу“.
„Не си го шетам, женичке драга, не се занесувам. Сè сум испланирал. Најважно е да го поставам камен-темелникот. Сè друго после лесна работа“.
„А колкав мислиш да ни биде рокот?“
„Три, четири, пет години. Ни ден помалку, ни час повеќе“.
„Јас не стапувам во никаков договорен однос со тебе. Ниту содружнички, ниту јавен или приватен. Не сметај на мене!“, изразила јасен и децидиран став сопатеничката на мојот пријател.
Му олеснало на човекот. Патот до викендичката му бил отворен. Ќе си постави камен-темелник, па после нека биде што ќе биде. Свечениот чин на поставувањето го закажал во еден неделен ден.
Дошол тој ден. Ден за празник и празнување. Историски за неговиот потесен семеен круг. Датум што сигурно на кругот ќе му стане јубилеј. А згора на сè, таа недела била некако весела, ведра, распеана, разиграна. Како да се подмладила. Полна со дух и елан. Вистински празничен ден за одмор и рекреација.
На парчето земја, што му останала како дедовина еден дел, а како бабовина друг, се насобрал многу свет да присуствува на свечениот чин.
„Другарки и другари, драги роднини и пријатели! Ова е голем чекор напред во напредокот на нашето семејство“, му се обратил на светот со лопата в раце. „Овој камен-темелник нека биде симбол на уште една наша работна победа. Симбол на решеноста да продолжиме решително да го растеме нашиот стандард…“-и така натаму. Говоранција сè во тој стил.
Кога го поставил камен-темелникот сите му аплаудирале. Тој, пак, каменот бил навистина темелен. Одвај го поставил. Раце му капнале.
Пред некојден проверив: сè уште стои кај што го поставил. На парчето земја што му останала како дедовина еден дел, а како бабовина друг. И само тој стои. Сакам да речам, минаа години, мина еден, мина друг, веќе почна да му тече и третиот утврден рок за изградба на викендичката. Сè нешто го принудува да одлага, сè нешто му наметнува пролонгирање. А најмногу тој-стандардот. Не знам зошто. Веројатно затоа што му паѓа без никаква намера да му стане.
Ама знам дека ќе дојде време кога ќе му успее да ја изгради. Кога-тогаш! Важно е дека е поставен камен-темелникот кајшто треба. Важно е и дека семејниот круг си го празнува денот како историски, како јубилеј.
Црвенко Државнички:
И што ти беше поентата на примеров?
Александро Филипов Македонски:
Не разбра? Оптимизмот, другар претседавач. Оптимизмот! Дека треба да бидеме непоправливи оптимисти уште на стартот. Како на овој. На нашиов!
Црвенко Државнички:
Добро, ај да го завршиме состаноков.
Европа:
Само момент, другар односно Господин Претседавач на Советов на Кулава локално-самоуправна, вавилонско-протомакедонска.
Црвенко Државнички:
Што сакаш па сега ти, Европо, на крајот?
Европа:
Тоа што го сакам на крајот ќе дојде како почеток. Туку, јас како Европа, лично и персонално, сакам да најавам, да ме пишете уште сега, дека на новозакажаната седница уводното излагање ќе биде од мене на тема љубовта и верноста помеѓу забрачени и недобрачени, како и прозаичниот живот во тие рамки.
Црвенко Државнички:
А од кај знаш кој ќе биде дневниот ред на точка, та уште сега да пријавуваш уводно излагање на тема?
Европа:
Нема што јас да знам. Кај мене се знае сè, сè е максимално транспарентно. Би требало така да биде и кај вас. Сè по ред. Ако вие, другар Господин Претседавач не знаете, а и овие другарки и другари, дами и господа не знаат, имате сите доволно време да дознаете и да научите како е по редот во пролетната интеграција на вашиот соживот и мултиетничката, што подразира и мултикултурна толеранција на микро и макро план.
Црвенко Државнички:
Не те разбрав баш најдобро.
Европа:
Ништо чудно воопшто да не ме разбра, камо ли баш најдобро. Имено, секоја сезонска интеграција на нечиј со живот со мене како Европа и со сите со мене како дел од мене си има свој ред и редослед. Тие во секоја сезона се различни. Вие сте пред пролетна, а таа се разликува главно според блискоста, да не речам интимноста. Што од друга страна значи блискост, искреност, споделување, па и љубов и односи во секоја смисла. Уште ако се има предвид едновремена ионтгеграција на соживот и мултиетничка, што посдразбира и мултикултурна толеранција на микро и макро план, тогаш мораме и јас и вие и сите ние добро да се подготвиме за неа.
Црвенко Државнички:
Добро Европо, в ред, ти се прифаќа интервенцијата и упатството за учењето. На крајот сме, па конечно објавувам крај.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)