18. Осумнаесетта епизода
Амбиент:
Визбена сала за состаноци на Советот на Кулата вавилонск-протомакедонска.
Лица со гласови:
Црвенко Државнички, Европа, Александар Филипов Македонски, Д-р Крале Марковски, Македон, станари како публика.
Црвенко Државнички:
А сега ѝ давам збор на Европа која, како што ми најави, сака да се обиде да ја протолкува нашата народна поговорка „Не умри магаре до зелена трева“.
Европа:
Благодарам, претседавачу.
Почитувани другарки и другари, Дами и Господа, овој мој обид е поттикнат од една работа која кај мнозинството предизвикува сомнеж, неразбирање, дилеми, па и недоверба во однос на реалните шанси за евро-атлантско интегрирање на Кулава вавилонско-протомакедонска.
Имено, сè почесто слушам коментари дека вам, сожителите односно припадниците на мнозинската и немнозинските заедници, со акцент на најмнозинската од нив, ви се давале сè некои ветувања, а истовремено постојано ви се поставувале нови услови и критериуми. Ветувањата се во смисла дека брзо напредувате на колективен план, но и на индивидуален тоа сигурно ќе почне да се случува наскоро. На пример, дека ќе напредувате во работата, на вашите работни места, дека брзо ќе се изборувате и за некоја функциичка во зависност исклучиво од способноста и квалификациите. И можеби најголемото: платите ќе ви се зголемат, стандардот нема повеќе да ви паѓа. Што е можеби најважно, штом ќе се интегрирате во мене однапред и одзади, ќе почне да се цени вашата работа, залагањето, свеста и совеста. Сето тоа со едно единствено образложение кое ќе го цитирам од еден предизборен говор на ваш истакнтат политичар:
„Нашите ветувања се израз и одраз на нашата доверба во вас. Што би правеле ние без вас, особено откако помина времето кога можеше да се избере друг народ ако не чинеше државата?“
Дозволете ми да бидам лична и конкретна:
Ќе дојдам од работа, исцрпена од моите заложби за ваша што побрза интеграција, и на мојов Македон ќе му кажам што сè сум чула како ветување тој ден, а тој секогаш и секогаш само повторува како папагал: „Не умри магаре до зелена трева“.
Еднаш му скокнав, му се разлутив:
„Како тоа не умри магаре?! Јас магаре? Меѓународниот фактор магаре? ЕУ и НАТО магариња? Каква зелена трева?!“
Брзо се разјаснивме. Не мислел на мене и на моите, оти никој од нас не дава ветувања, туку бара решавање на прашања и проблеми односно исполнување на критериуми од оние што ги давале ветувањата.
По едно ниедно време на длабоко размислување, успеав да ја протолкувам таа ваша народна поговорка. Која, морам да признаам, ми се допаѓа сè повеќе зашто се работи за магаре, а не за некое диво животно. Но и поради фактот што во неа се афирмира еколошката свест, конкретно цената и почитувањето на зелената трева. Значи, ја прифатив со вакво толкување:
Магарето се поттикнува да издржи, да истрае, да не умре од глад додека не најде или не му дадат зелена трева. Дотогаш не смее да си го смени ниту карактерот, ниту родот. Мора да остане магаре, што значи да биде и натаму тврдоглаво и упорно.
Како што е добро познато, воопшто не е лесно да ветиш, па од таа гледна точка искрено ги разбирам и жалам вашите политичари оти подолго, дури мислам предолго време се на големи маки. Зошто е уште потешко, веќе станува најтешко да го исполниш ветувањето.
Бидејќи, да го потенцирам тоа што веќе го реков, магарето е познато како мошне тврдоглаво и упорно животно, би додала и бескрајно трпеливо, тоа сигурно нема да умре до зелената трева, како што не умрело досега.
(Аплауз)
Црвенко Државнички:
Ви благодарам, Европо. Мислам дека по ова толкување на нашата народна поговорка на сите многу ни олесна. Има уште некој да се јави?
Александро Филипов Македонски:
Има претседавачу, јас.
Црвенко Државнички:
И вие ли, Господине Филипов Македонски сакате да ни раскажете или прекажете односно цитирате нешто за сеопшта релаксација?
Александро Филипов Македонски:
Се разбира! Зошто да не?
Црвенко Државнички:
Не реков не. Повелете.
Александро Филипов Македонски:
Јас ќе ви раскажам една приказна за Снежана и седумте џуџиња. Да де, како онаа за деца.
(Еден гонг)
Александро Филипов Македонски (почнува):
Јас лично и персонално, а верувам и сите вие, паметам многу приказни за деца што сум ги прочитал или ми ги раскажувале татко ми, мајка ми, баба ми и дедо ми пред спиење, уште во детството. Ги паметам и оние што сум ги прочитал неодамна, до вчера да речам, во моево сериозно, зрело доба.
Знаете, и сега како голем, созреан, дозреан, по малку и презреан, сакам да речам ептен полн со животно искуство, си читам приказни за мали, а многу повеќе за големи деца.
Најмногу ја паметам онаа за Снежана и седумте џуџиња. Не според нејзината убавина, содржината и пораката, а ниту поради Снежана, ниту поради седумте џуџиња. Ја паметам на свој, автентичен, оригинален, творечки и симболичен начин. Според нешто искуствено, се разбира.
(Два гонга)
Александро Филипов Македонски (продолжува):
Значи, си била една Снежана. Била млада, убава, во бело облечена, како невеста. Била созреана, комплетно подготвена за љубов. А си биле и седум џуџиња. Тие биле мали како џуџиња, ама мошне умни. Постојано гледале и мислеле перспективно.
Се случило Снежана да го освои светот со својата убавина, па тој решил да ја промовира во претставник на нежниот пол. Снежана во прво време рамноправно се носела со машкиот пол. Таа ги слушала сите негови претставници, но во крајна инстанца ја слушале тие неа.
За да нема недоразбирање, малку ќе го модернизирам амбиентот. На пример, претпоставете дека приказнава се случува во еден наш преработен колектив.
Дошло време на сцената да стапат седумте џуџиња. Тие стапиле во право, вистинско време, кога Снежана почнала да си го расте авторитетот, па постоела опасност да завладее матријархатот во колективот. Седумте џуџиња ја сакале Снежана, не сакале да ѝ нанесат болка на душата и срцето, па нашле оптимално решение. Нашле еден принц кој веднаш се вљубил во убавата Снежана. Ја зашеметил, ја занел, па полека, сакала таа-не сакала, почнала да се враќа во стариот колосек.
Љубовта пак ѝ останала најголема слабост во животот. Била подготвена дури и да си го жртвува авторитетот, дури и рамноправноста на својот нежен пол.
Така џуџињата одиграле улога на спасители на машкиот пол. И пак сè си тргнало по старо.
Овде приказната завршува, а наравоучението сигурно ви дојде само како заклучок: дека нема ништо посилно од љубовта.
(Два гонга)
Александро Филипов Македонски (продолжува):
„Приказна за деца“, те слушнав, соседу катен седнат до моето столче, како ми опонираш и не ми веруваш. Не знам зошто. Добро, нека ти биде. Впрочем, и сам реков на почетокот дека е и за големи деца, како ти на пример.
(Бурен аплауз)
Црвенко Државнички:
Добро, за денеска ни останува пред нас да настапи уште Доктор Крале Марковски. Тој како познат ловџија ќе ни ја расчисти дилемата зошто некој рекол дека човекот е волк, а волкот нечовек. Во тој контекст од него очекуваме да ни раскаже една ловџиска приказна.
Д-р Крале Марковски:
Благодарам, претседавачу, што ми укажувате таква обврска и чест, што ми давате можност да ви помогнам со своето ловџиско знаење и искуство. Не знаев дека ме знаете и како ловџија. Ама нејсе, не е важно во контекстов.
(Еден гонг)
Другарки и другари, Дами и Господа, дали се сеќавате на онаа латинската што ја научивме на час по латински уште кога одевме на школо? За да ја запомниме, прво ја научивме во превод, по нашински, а после лесно научивме и да ја читаме на латински напишана со кирилица:
Хомо хомини лупус ест.
По нашински тоа за нас значеше ова: Човек на човека му е волк. Поконкретно: Човекот на
волкот му е нечовек. А најконкретно: Човекот и волкот не се луѓе кога ќе се најдат еден наспроти друг. Човекот е човек, волкот е волк, па следи логичен заклучок: помеѓу нив не може да се изроди пријателство. Со други зборови, се сака да се рече дека помеѓу луѓето обично има и волци. И не само што се сака да се рече, туку е и точно да се рече.
Да, има! А зошто да нема? Ако има јагниња помеѓу нив, мора да има и волци. Едноставно нели, не е природно тие да егзистираат едни без други.
Мислам дека ќе се согласите со мене оти басната за волкот и јагнето одамна ги суредила и ги расчистила тие меѓучовечки, односно волковско-јагнешки односи.
Прво и прво, волкот без јагне не може, а ни јагнето без волкот. Во таа меѓусебна меѓузависност јагнето секогаш има предност. Тоа значи дека човекот-јагне е многу поактуелен од човекот-волк. Но, и волкот си има своја истакната улога во животот на човекот. Особено ако некој човек, освен што е волк и јагне, е уште и ловџија.
Дали ви е познато, другарки и другари, Дами и Господа, дека има уште многу волци во нашите планини? Дали ви е познато дека тие се јавуваат најмасовно кога ќе дојде зима, кога ќе падне снег? Имено тогаш, како што нè учеа старите и искуството, тие се гладни. Немаат доволно храна, речиси никаква можност да избираат, немаат каде, па слегуваат кај луѓето. На тој начин полека, човекот на човека му станува волк. Значи, најчесто и најмасовно тоа се случува зиме.
Меѓутоа, како што ви реков веќе, помеѓу луѓето има и ловџии. Најголем успех во една ловџиска кариера е да отепаш волк. Тоа, се разбира, може да му се случи на секој ловџија. А кога ќе се случи, бидете сигурни дека тој постигнал најголем успех во својата ловџиска кариера. Ќе отепа еден волк и ќе си направи кадро со него, за спомен и долго сеќавање, а потоа ќе го одере и кожата ќе ја постели во собата или ќе ја обеси на некој нејзин ѕид, само за да си го потврди високограѓанското ниво на својата живеачка.
(Два гонга)
Д-р Крале Марковски (продолжува):
Еден мој познајник, ловџија по слободна професија како мене, еднаш отепа волк. Му се случи сосема случајно. Тој, волкот, беше навистина голем нечовек. Не се срамеше да украде сè што ќе начекаше, сè што ќе му паднеше в раце, под раце, на раце. И немаше никакви обѕири спрема другите луѓе. Велам, крадеше и на суво и на мокро. Никој не можеше крајот да му го фати. Додека крадеше, си живееше на висока нога, мошне спокојно. Другите луѓе ги гледаше од високо.
Мојот познајник, ловџија по слободна професија како мене, значи еднаш конечно му го најде крајот. Му намести стапица, го чекаше до ниедно време, и го начека.
„Треба да се биде чесен во животот“, му викна и го отепа.
Настрада сиромавиот, му згаснаа денот, ноќта и кариерата.
А тамам убаво му беше тргнала работата. Само уште малку, па ќе стасаше до евро-доларски милионер. Со други зборови, до Господин волк.
Но, во меѓувреме се случи нешто и за мене и за нашата средината и околина сосема неочекувано: другите волци, неговите колеги, пријатели и верни другари намирисаа дека настрадал сиромавиот волк. Му ја намирисаа крвта и…тргнаа по неговиот пат.
На мојот познајник, ловџија по слободна професија како мене, толку му се заарни отепувањето волци што сега ништо друго не гледа, ниту го интересира во слободното време. Оди во лов и само волци отепува.
И да знаете, добро запомнете: ептен е зафатен.
Уште нешто како порака или поука до вас. Слушам дека сте имале донесено закон за заштита на волците. Демек, сте ги заштитиле од отепување како и мечките, бидејќи кај вас тие биле ретки ѕверки. Добро, за мечките е некако прифатливо, кога се со луѓето тие играат пред нив како што им свират, а во ова наше модерно време сè помалку има потреба да заигра мечка на туѓи прагови. Зашто таквите се сè поретки, а и нивниот зимски сон има мошне важна улога во развиениот капитализам. Ама кога се работи за волците…Можеби треба тој закон уште еднаш да го поставите на дневен ред и да го европеизирате. Зашто во евро-атлантските земји, нашава Европа ќе ви го потврди тоа, волците што ги отепува ловџијата за кого ви раскажав се речиси испотепани или општествено максимално маргинализирани.
(Аплауз)
Д-р Крале Марковски (продолжува):
Простете, другарки и другари, Дами и Господа советници, но морам да си земам слобода во продолжение на приказнава да продискутирам за феноменот на нашево модерно време, во овие наши бескрајни транзициско-првобитнокапиталистички процеси, што се вика кражба.
(Ѕвон на воловско ѕвоно)
Не знам вие, ама јас сè повеќе и сè почесто си го потврдувам и си го зацврстувам уверувањето дека времето ни е феноменално! Сакам да речам, преполно ни е со феномени и феноменални луѓе. Тој збор-феномен во говорот ни дојде како нешто обично, секојдневно.
Колкупати во денот си го поткаснувате јазикот откако некому ќе му речете:
„Па ти си бил феноменален. Таков феномен како тебе не сум сретнал досега“?
Тоа ни дојде како најлесен начин на тој некој да му доделиме комплимент оти гледаме дека му треба на човекот. Ова нема апсолутно никаква врска со талентот, па ни со генијалноста. Логиката ми вели вака: едно е да си талентиран или генијален за нешто, а сосема друго да си феноменален за сешто!
Меѓутоа, во последно време забележувам и такви што се поинакви. Сакам да речам, и такви и онакви: талентирани и феноменални. Како мајка да не ги родила, туку некој друг. Можеби мајката Природа?…Ги среќавам во сите катеогрии и професии. Се разбира, таквите феноменални и талентирани луѓе својата работа многу лесно ја прават феномен.
На пример, кражбата како работа. Само, има една битна разлика кога е таа во прашање: крадците не сакаат така да ги нарекуваме, ниту така да викаме по нив! Тоа ги навредува мошне длабоко и широко! Полесно им е, па дури и некако пријатно им доаѓа да ги нарекувам одземачи на општествен или приватен имот. Може и присвојувачи.
Разликата е очевидна: не е исто да крадеш и да одземеш, односно присвојуваш. Кога крадеш, не си должен да враќаш, ама притоа е и тешко да те фатат, можеби по извесно неизвесно време. А кога одземеш или присвојуваш, ем не мора да враќаш, ем тешко да те фатат. Ако те фатат, нема да те фатат како крадец, туку како одземач или присвојувач.
Крадецот како таков, и талентиран и феноменален, има мошне сложена психологија. Мене лично полесно ми е да го наречам така, крадец, отколку одземач или просвојувач. Некако ова второво не ми е многу прилежно, не ми легнува, а и малку ми е нејасно. Како сложена психологија, крадецот тешко може да го протолкува и обработи дури и психијатар. Полесно му е да крене раце од него, како сите ние другите.
Тој, на пример, нема апсолутно никаков страв дека ќе биде откриен и фатен. Ако случајно му се случи тоа, тогаш останува како случај и обично го третираме само како таков и никако поинаков. А краде и на живо и на мртво. Пред очи сите нас нè краде. Јасно и гласно.
Ќе влезете во една продавница, ќе купите нешто, а подоцна гледате како продавачот ви наплатил повеќе отколку што треба. Се враќате назад и остро протестирате:
„Господине, Вие ме покрадовте на здрави очи!“
Господинот прво ќе се навреди, после ќе се налути, а пред да ве избрка од продавницата ви подвикнува:
„Како си дозволуваш да ме навредуваш? Јас крадец?!…Не ти е срам! Ќе те пријавам на Судот на честа“.
Во последно време забележувам и нешто друго во неговата професија. Освен тоа што обично живее на висока нога, а рацете му стануваат сè подолги, уште малку па може да му се деформираат во пипала на октопод, стекнува смисла и за колективна кражба. Тој, крадецот, сè помалку краде индивидуално, а сè повеќе колективно. Индивидуално, научил во меѓувреме, многу полесно може да се открие.
(Еден гонг)
Околу феноменот кражба и околу крадецот во нејзиниот контекст сакам уште ова многу важно да го речам:
Голема грешка се прави што се краде и на големо и на мало, и дење и ноќе. Зошто и на мало? Зарем малку е големото?
Ај да предложам нешто: индивидалните и колективните крадци нека нè крадат само дење, не и ноќе. На видело, пред очи. Да се гледаме, брате, очи в очи. Да си се познаеме!
И: макар сонот да ни го остават на мира!
Што? Не можеме со толку крадци да се надеваме на евро-атлантската интеграција однапред и одзади? А има уште такви, што се надеваат?
(Аплауз)
Црвенко Државнички:
Е, по овие настапи, другарки и другари, Дами и Господа, дозволете ми јас да дадам завршен збор.
(Два гонга)
Црвенко Државнички (продолжува):
Како што најавив на почетокот од состаноков во продолженија, без оглед што успеавме Кулава да ја направиме насреде рекава, помеѓу двата брега, надевајќи се дека ќе играме стабилизирачка улога на планот на мултиетничноста и мултикултурноста, односно рамноправниот соживот во сите области, за жал, меѓународниот фактор оцени дека натаму не можеме да функционираме како целина. Затоа, колку што ме информира Европа, ќе мораме да се реорганизираме по катови, по неколку ката за секој ентитет, а патничкиот и товарниот лифт да ни користат како заеднички и поврзувачки елементи. Како шпто веќе реков, во таа смисла ќе мораме да го поделиме и Советов на повеќе дела, а некакво заедничко, конфедерално тело ќе се грижи за состојбата, заштитата и развојот на скалите пред предната и задната заедничка влезно-излезна врата.
Како што веќе спомнав, претседателите на главните политички сили во наредните денови заедно со нивните експерти ќе имаат обврска да седнат и да се договорат како сето тоа да биде најдобро направено и да не губиме многу време околу тоа прашање. Веќе имаме солидно искуство со склучување на рамковен договор, еден инкорпориравме во нашиот Устав, па сум сигурен дека ќе нема никаков проблем да направиме уште еден.
Не се согласувам со некои ретроградни сили во Кулава дека ова не води никаде, дека може да предизвика нови сложени ситуации и компликации, дека се губи секаква перспектива, и така натаму и така наваму. Напротив, мислам дека, откако ќе се поделиме по катови, уште повеќе ќе ги продлабочиме нашите односи. Нашиот соживот ќе добие нов квалитет, особено на планот на соработката. Што е можеби најважно, на тој начин ќе добиеме повеќе мнозински и помалку немнозински заедници. Можеби и без потреба од акцентирање на најмнозинска од немнозинските.
Впрочем, ако тие ретроградни сили имаат право, нека ни одговорат зошто стотина метри подолу по рекава, исто така среде неа, помеѓу двата брега, се планира да се гради нова Кула, и тоа со кредити и донации од ЕУ и НАТО. Ако мислат дека тоа значи оти никогаш нема да се интегрираме во унијата и алијансата, можат слободно да ја прашаат Европа зошто се забрачи со нашиот Македон. Вистина е дека тоа го направи врз европски брачно-вонбрачни принципи, ама сепак се забрачи.
(Еден гонг)
Црвенко Државнички (продолжува):
Што се однесува на мене лично, јас и натаму ќе ве водам и раководам преку Советот како претседател, а кога ќе се формираат новите нема да одбијам евентуална понуда од вас да застанам на чело на новото конфедерално тело, со оглед на искуството што го стекнав во изминатиот период.
Морам да признаам дека јас по малку, не многу, се плашам од една друга работа: не дали рекава ќе издржи уште една кула како нашава, локално-самоуправна, туку да не во меѓувреме удрат силни дождови, па да надојде и да нè однесе заедно со неа по нејзиното течение, сè до нејзиното влевање в море. Ја градевме сигурно, безбедно, ама не речи двапати…
(Магарешко рикање 15 секунди. Потоа се спушта завесата, салата се затемнува, па се осветлува, а публиката аплаудира крената на нозе и полека, без турканици, излегува.)