1. Прва епизода
Амбиент:
Сала за состаноци во визбата на една Кула вавилонско-протомакедонска, изградена на средината на една матна река што тече помеѓу два брега, а има две имиња затоа што извира во една локална заедница, а се влева во една добросоедска држава: Вардар и Аксиос ; говорница со еден микрофон.
Лица со гласови:
-Трпе Трајчевски, најнезависно-објективен новинар во Обединетата локално-самоупрана држава Протомакедонија, епизоден најавувач и пренесувач на состаноците на Советот на Кулата вавилонско-протокмакедонска;
-Д-р Крале Марковски, авторот;
-Црвенко Државнички, Претседавач на Советот на Кулата;
-Македон, главен, носечки лик на дејствието односно процесот на евро-атлантското интегрирање на Кулата;
-Европа, главен, втор носечки лик на дејствието и брачно-вонбрачна содружничка на Македон;
-Александро Филипов Македонски, граѓанин и најистакнат член на мнозинската и немнозинските заедници во Кулата, кој во текот на целото дејствие критички и самокритички реагира, пренесува лични и сожителски животни и работни искуства, а со цел конкретизација односно илустрација на тезите, фактите и аргументите.
Трпе Трајчевски:
Драги мои, на почетокот од почетокот на овој научно-политички труд под овој латинско-протомакедонски назив му давам збор на неговиот автор, многупочитуваниот и во светски рамки признат доктор по сатирично-хумористични науки, Д-р Крале Марковски. Од неговата автобиографија само ќе ви го прочитам следново: неговата докторска дисертација на тема „Значењето и улогата на сатирата со доза на хумор во минатото, сегашноста и иднината на едно здраво меѓунационално општество и модерна мултиетничко-мултикултурна држава“ ја има одбрането на престижниот „Александров приватен универзитет“ во БЕДЕ- Бивша европска данајска држава, која, како што ви е познато, од неодамна, со успешно надминување на недоразбирањата околу нејзиното име со нејзиниот сосед, што од самото прогласување на нејзината независност се постави како меѓународно-билатерален спор, веќе не постои.
Повелете, Докторе Крале Марковски.
Д-р Крале Марковски:
Благодарам
Почитувани, пред да почне првата епизода од мојава убаво најавена научно-политичка сатиралија, чувствувам мала обврска да објаснам некои ноторни нешта, а во врска со вашите исчекувања и очекувања.
Колку што ми е мене лично познато, во локалните самоуправи на мнозинско-немнозинските заедници во регионов и пошироко досега не се појавил некој како мене, со таков научен труд како овој. Се разбира, тоа ме прави многу среќен, но и обврзан некои работи навреме да ги поставам на своите вистински места.
Како прво, терминот „сатиралија“, можете сами да претпоставите, ми дојде од општопознатиот творечко-писателски жанр сатира. Мислам дека е посоодветен, од причина што трудов не ми е писателски, туку научен. Од друга страна, верувам дека ова ви е доволно познато, сатирата, за разлика од хуморот и хуморо-сатирата, речиси воопшто нема за цел некого да изнасмее до солзи, да свитка до земја од смеење. Ниту, пак, да расплаче како да го заболело нешто. Напротив, таа е успешна само ако благо или кисело потсмее некого со иронизирањето или сатиризирањето, а може и со памфлетизирањето на некои или на нешта. Кога, пак, станува збор за научно-политичка сатиралија, со која многумина за првпат се среќаваат, дури ни тоа не е важно. Научно-политичката фундираност ги содржи теоретските сознанија и практичните искуства во врска со актуелни состојби и проблеми, како и конкретни ангажмани на тие планови.
За полесно и поконцентрирано да ги следите епизодите што следат, на стартот од секоја ќе се јавувам со збор-два. Не за да ве воведам во дејствието, туку да ве подготвам за сериозно следење.
Некои мои колеги, доктори и научници, велат дека прв услов за пишување на што било е читањето. Јас, напротив, мислам обратно. Прво треба да напишеш нешто, а потоа да почнеш да читаш. Ако не друго, барем да го читаш она што самиот си го напишал.
За да ви биде појасно она што го реков досега, дозволете ми да ви раскажам една приказна:
Си биле еден маж и една жена. Мажот и жената си живееле заедно во една приватна куќа, речиси викендичка, и многу си се сакале. Притоа е многу важно како и каде се сакале, дури поважно и од главниот настан.
Мажот и жената се сакале природно. Кога ќе влегле во сексуални односи, обично ги јадела совеста. Си се прашувале: „Што ли ќе мислат нашите идни деца ако ги имаме? Да не помислат дека сме сексуално загрозени? Да не нè осудуваат? Како ли не им е срам, да не велат?“ И, мажот и жената си се срамеле.
Велам, мажот и жената си се сакале природно. Тој ја сакал и гола и облечена, а така секако го сакала и таа. Сè помеѓу нив течело природно. Онака како што тече природно сакањето помеѓу сите мажи и жени на овој убав свет.
А каде се сакале? Па, се сакале секаде кај што ќе се најделе и ќе стасале. Дури и пред луѓето, да. Ќе се најделе со некои луѓе, познати или непознати, и ќе изјавеле: „Знаете, луѓе, ние многу си се сакаме. Природно. Сосема природно си се сакаме. Ништо неприродно нема во нашата љубов“.
Се сакале дома, се сакале надвор, а нормално, најмногу се сакале во природа. Таа, природата, ѝ давала душа, нежност, топлина, длабочина на нивната љубов. Затоа често оделе во природа и таму си правеле сакање. Навистина голема била нивната љубов.
Ама едно време во нивната љубов се случил еден голем настан. Главниот настан во приказнава. Мажот сретнал една друга жена и ја засакал. А некако во исто време се случило и жената да сретне друг мажи и да го засака. Почнале да се срамат уште повеќе, и…знаете кој им бил крајот нели? Хуморно? Сатирично? Нема врска! Сатиралично? Секако да.
Ви благодарам на вниманието.
(Завесата се спушта односно удираат три гонга)