Култура со извонредна хранлива вредност: спанаќ

Потребно време за читање: 4 минути

Спанаќот е мошне раширена култура во сите земји од умерениот појас. Се одгледува и кај нас за пазар, а во поново време и за конзервната индустрија.

Посебното прехранбено значење на оваа култура е во тоа што успева во време кога друг зеленчук има малку.

Спанаќот е познат како „крал на зеленчукот со хлорофил“ оти изобилува со минерали и витамини, а листовите содржат големо количество на хлорофил. Само во 100 грама спанаќ има околу 1400 милиграми минерални состојки. Тој е најбогат зеленчук со магнезиум (56 милиграми) и железо, а содржи и калиум, калциум, натриум, фосфор, бакар, цинк, јод и кобалт. Од витамините најмногу има Ц (60 милиграми), сите витамини од Б групата, а каротинот го обезбедува и провитаминот А. Може да се консумира во неодредени количества бидејќи содржи многу малку белковини (2,2%), јаглеродни хидрати (3,9%) и масти (0,3%).

Што се однесува на фолната киселина која ја содржи, поради неа спанаќот има значајна улога во создавањето на црвените крвни зрнца.

Предупредување: тој содржи оксална киселина, чии кристали може да ги затнат бубрежните канали, па затоа луѓето кои имаат проблеми со бубрезите треба да го избегнуваат. Нејзиното дејство може да се ублажи доколку се подготвува со млеко или павлака-се врзува со калциумот од млекото и создава нерастоплив калциум оксалат што се излачува од организмот.

Препорачливо е спанаќот да се консумира свеж, како салата со малку маслиново масло и лимон. Зготвентреба да се консумира веднаш по термичката обработка. Не е препорачливо да се јаде наредниот ден, а уште помалку да се подгрева, зашто при подгревање се создаваат нитрити кои со дејствувањето на бактериите во дебелото црево се претвораат во нитрозамини што дејствуваат канцерогено. Не е препорачливо да се подготвува како вариво со брашно, на маст од животинско потекло, затоа што може да предизвика сериозни здравствени тешкотии (пролив).

Попај морнарот од истоимената серија на цртани филмови со право јаде спанаќ во енормни количества и потоа бицепсите му се зголемуваат многу брзо. Имено, по многу истражувања научниците докажале дека спанаќот навистина има стероиден ефект. Според лабораториските тестови, јадењето на спанаќ го зголемува производството на мускулни протеини за 20%. Тоа се должи на стероидните хемиски фитоелементи. Секојдневното конзумирање на големи количества на спанаќ може да ја стимулира мускулната сила. Притоа треба да се изедат во просек околу 1 кг спанаќ на ден за да се постигне забрзан раст и развој. Меѓутоа, и само 50 грама спанаќ на ден би биле многу корисниза здравјето и би им помогнале на мускулите да растат побрзо.

Забележани интересни резултати од неколку истражувања:

-Го чисти организмот-присуството на целулоза (620 милиграми) го прави спанаќот драгоцено растение за варење и чистење на организмот. Често се користи и против обстипација (тврда столица).

Се земаат 5-10 гр. семе од спанаќ и се варат 20 минути во 2 дл. вода. Потоа се остава покриено да се олади. Се цеди и се пие 3 пати на ден по јадење;

-Го враќа видот-научниците развиваат техника со која ќе може да се екстрахираат пигменти од спанаќот во нервните клетки на рожницата. Се верува дека тие, задолжени за апсорпција на светлината, може да помогнат во лекување на некои облици на слепило или барем делумно да го повратат видот;

-Заштитува од рак на простата-каротиноидниот пигмент што се наоѓа во спанаќот успешно се бори против ракот на простата, и тоа на два начина: еден каротиноиден облик под името неоксантин влијае врз раковите клетки на простатата на тој начин што го стимулира нивното самоуништување, а од друга страна, неоксантиот со метаболните процеси во цревата дополнително се претвора во неохроми кои, пак, го инхибираат растот на клетките на ракот.

Научниците откриле 15 различни флавонски соединенија во спанаќот, кои се јаки антиоксиданси. Мнoгу од нив се корисни за превенција на ракот. Тоа бил доволен мотив за да се изолираат во чиста форма одделни соединенија од спанаќот и со нив да продолжат испитувањата. Различни студии покажале дека тие состојки го забавуваат растот на малигните клетки на кожата, но и на малигните клетки на желудникот и на дојката.

За исхрана се употребува младото лисје на спанаќот. Тоа содржи фосфор и калциум.

Спанаќот е едногодишно дводомно растение од семејството Chenopodiaceae. Најнапред се формира лисна розета од која потоа израснува цветоносно стебло. Тој има мошне кратка вегетација. Раните сорти формираат лисна розета 30 до 35 дена по никнувањето, а доцните по 45 дена.

Оптималната температура на порастот му е 12-14 степени Целзиусови, а интензивно расте во текот на топлите зимски денови. Мошне е отпорен на мраз и добро ги издржува нашите зими. Во јужните краишта вегетира речиси во текот на целата зима.

За спанаќот е најповолна умерена влажност на земјиштето и воздухот. Високата температура и сушата го влошуваат квалитетот на листот и го забрзуваат растењето на цветоносното стебло. Добро успева само на плодни и добро наѓубрени земјишта.

Од сортите најпознати се матадор и вирофлеј, а во помала мера и други.

Кај нас спанаќот се одгледува главно како зимски посев, кој се сее кон крајот на август, во септември или доцна наесен (предзимска сеидба). Со помалку успех тој може да се одгледува и со сеење во рана пролет.

Земјиштето треба да се обработи непосредно по жетвата на претходниот посев. Доколку претходната култура не е ѓубрена со шталско ѓубре, добро е под спанаќ да се заораат 30-40 т/ха со ова ѓубриво. Пред сеидбата треба да се растурат 30-40 кг/ха N, 50-60 кг/ха P2O5 i 60 кг/ха K2O. Ако не е ѓубрено со шталско ѓубре, нормите на минерални ѓубрива, особено азот, треба да се значително поголеми.

Спанаќот се сее на меѓуредно растојание од 20-30 см и на 3-4 см длабочина. Треба да се посеат 20-25 кг семе по хектар. Парцелата по сеидбата треба добро да се фрезира.

Бербата на спанаќот почнува кога растенијата ќе формираат 5-6 добро развиени лисја и трае додека не потераат во семе. Посевот од предзимската сеидба обично доспева во март и април, а од пролетната во април и мај. Спанаќот се бере рачно, со кинење или отсекување на растенијата до земја. Големите површини се жнеат со комбајни или косачки.

Посевот од есенската сеидба дава принос 15-20 т/ха, а од пролетната 9-10 т/ха.

Leave the first comment