Потребно време за читање: < 1 минута

26. Во името на градот
Говорам во името на нашиот,
а не на твојот, мојот, неговиот
или на нечиј град;
за да не биде ничиј,
за да се памети некој збор
од мене доречен за него.
Кога нејзините гради,
на мојата љубов до небо,
преродија пролетен мирис,
моите раце почнаа да крадат
чист воздух;
па бев сигурен дека беше
само моја
во градот обграден
со спокоен сон.
Кога нејзините дланки,
на убоста во копнеж,
од страв да не ја изгубам
за сите времиња
пресекоа ден во моите очи,
јас ѝ ги црвенев бесрамно
колковите
со бол и пребол;
а таа знаеше да биде
само моја
во градот без одбрана
од ветрови, од темни облаци
и од оган помеѓу нив.
Кога нејзините нозе,
на песната без издив,
за да не запре додека сум жив
газеа есенска трева,
моите прсти следеа
суви патеки
сѐ до изгревот на сонцето;
дека мораше да остане моја
во градот на два брега
со матна и длабока река.
Кога во молкот,
кој како студен нож
длабеше во свеста
и крвавеше отворена рана
на исчезнат народ,
налегнаа студ и мраз
како очај, како зима,
таа сакаше да ги оживеам
нејзините булевари
од подземја до надземја,
па да влезам како сенка
низ отворена порта
на запустен дом;
за пак, по којзнае кој пат,
од крајпат до среде пат
да биде моја
во името на нашиот град,
а не на твојот, на мојот,
на неговиот
или на нечиј
за да не биде ничиј.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here