Потребно време за читање: < 1 минута

20. Во соба пред слика со твои бои

Кожата во која ме облекле
додека сум сновел
од една рана до друга измама
ми бара да стегам страв,
да бегам до пепел и прав
пред нова брана
крената од оние
што со судни маки пробаат
да станат, да се кренат јаки.

Водата може в миг
сосе болен крик
да го изгори твоето тело
изложено на предолго сонце,
преуморна жено
со мене во родено
одамна одродено дно.

Ти имаш очи што говорат
тажни изреки
за излеани реки од тага,
од солзи;
како да се мои по години
веани, та одвеани
сосе твоиве бои.

Стари пријатели стануваат
од детски игри
како од време длабоко,
заборавно
за без престан да ти кажуваат
легенди и бајки,
моја студна рано.

Слушам или наслушнувам
дека некој те бара,
а не сум јас, а не знам кој;
во дупките на споменикот
неразбран од никој
ко со времето скаран
и оставен, растурен
во далечно, блиско,
дамнешно, неменливо
минато
во мермерни плочи
со екот без почин.

Прочитај и за ... >>  СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, СЕМОЖЕН И НЕМОШЕН, XII

Ти насликав јазик
со слободен стих
за да го говориш
слободно,
без немост, бестрашно;

за дури збориш,
за дури думаш,
за дури сечеш јазли
за дури молчиш
над моите тегобности.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here