Потребно време за читање: 2 минути

Станува збор за индоевропски народ кој околу 2.000. година пр.н.е., заедно со Лувијците и Палајците, продрел во Мала Азија, завладеал со староседелците Протохати и во Анадолија основал моќна држава која неколку века била светска велесила и играла важна улога во политичките односи на тогашните сили. Главен град бил Хатуша (денес Богазкале).

Од Протохатите односно Хатите, Хетите го презеле името.

Основач на тн. стара хетитска држава (од околу 1.600. г пр.н.е. до 1.490. г.пр.н.е.) бил Лабана, па неговото име е земено како титула (Муршили) на сите подоцнежни владетели. Неговиот син Хатушили I војувал во северна Сирија, а внукот Муршили I во Вавилонија. По неговата смрт уследил 200-годишен период на нестабилност, а потоа започнал нов подем на државата. Во тоа време Хетитите под своја власт цврсто ја држеле Сирија, а обидот на египетскиот фараон Рамзес II да го отстрани хетитското влијание од Сирија не успеал.

По внатрешните нереди, узурпаторот Телепину (околу 1.460. г. пр.н.е.) се обидел да ја зацврсти кралската власт, која не станала апсолутна: со кралот власта ја делел парламент на благородници. По кус период на анархија, Тудхалија II ја основал тн. нова хетитска држава (од околу 1.440 г.пр.н.е. до 1.200. г.пр.н.е.), чиј најистакнат владетел бил Шупилулиума I (околу 1.375. г.пр.н.е. до 1.340. г.пр.н.е.), кој својата власт им ја наметнал на земјата на Митанците и на северна Сирија. Неговиот син Муршили II ја освоил земјата на Арзавите, а неговите наследници воделе чести борби со Египет за поседување на северна Сирија.

Прочитај и за ... >>  На секои две недели исчезнува еден јазик

Хетитската држава пропаднала околу 1.200. г.пр.н.е., за време на големите преселби и упади на „луѓе од морето“. Во северна Сирија се одржале уште неколку века помалку релативно самостојни кнежевини со хетитски владеечки слој.

Глинените плочки, испишани со клинесто писмо, се најважните споменици на хетитскиот јазик, кој самите Хетити го нарекувале нешили (според градот Неш). Тој јазик е најстар познат јазик кој содржи индоевропски елементи, а спаѓа во групата на кентум-јазици. Неговата гласовна реконструкција е мошне отежната со тоа што најобични зборови се пишувани со идеограми кои немаат фонетска паралела. Освен индоевропски, содржи и елементи на други јазици на Предна Азија.

На подрачјето на хетитската држава освен хетитски се зборувале и други јазици, чии споменици се делумно сочувани како интерполации во хетитските, претежно ритуални текстови. Се работи за тн. хатили јазик, кој го зборувале староседелците Протохати, како и за јазиците сродни на хетитскиот (лувиски, палајски; јазик на хетитските хиероглифи).

На хетитските пишани споменици се употребуваат два вида на писма. Некои текстови применуваат знаци на вавилонското клинесто писмо. Други пишани споменици во Мала Азија и северна Сирија употребуваат сликовно писмо (хетитски хиероглифи); тоа е во употреба местимично покрај клинестото писмо уште во 14. век пр.н.е., а исклучиво со него се служеле во северна Сирија по пропаста на големата хетитска држава.

Прочитај и за ... >>  Каква ќе биде средбата со вонземјаните?

Знаците имаат претежно слоговна вредност.

Хетитската архитектура и пластика покажуваат силни хуритски, протохатски и вавлионски влијанија. За познавање на нивната архитектура значајни се спомениците во Богазкале (тврдина, горен и долен град, ѕидини, палати и храмови) и во Алац Хујук; остатоците од архитектурата во Сенцирлија се нешто помлади (10. в.пр.н.е.).

Во пластиката е јасно нагласено поврзувањето на вавилонски и египетски елементи (сфинги и лавови во Богазкале; релјефи со ликови на богови, луѓе и животни во Јазиликаја и Сенцирлија; стели од Мараш и Каркемис). Ситната пластика во бронза, фигури на луѓе и животни, делумно се развива уште во протохатското доба, а мал број на убави примероци („божица на плодноста“, во музејот на Харвардскиот универзитет) има и од хетитското време. Керамиката во многу елементи покажува поврзаност со егејското подрачје на бронзеното доба.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here