Јазиците на светот приопштуваат од едни луѓе на други искуство и сѐ што ги опкружува. Јазичната разновидност не се само дијалектите и јазиците распоредени едни до други во просторот од еден до друг крај на населениот свет. Имено, во рамките на една иста говорна заедница, со различна возраст, пол, работна и секаква друга групираност односно определба се говори препознатливо различно, а таа постои и низ времето: стари јазици се развиваат во нов, едни изумираат, а од други се раѓаат мноштво нови-нивни потомци.
Обично се вели дека всушност има јазици колку и луѓе, затоа што секој јазик е според нешто специфичен и поинаков од јазикот на секој друг човек, дури и од оној што ѝ припаѓа на иста јазична заедница. Следствено, никој не наследува јазик готов, туку мора на некој начин да го создаде за себеси учејќи го од други.
Она што е битно во тој процес на прифаќање и (пре)создавање е дека во секојдневната јазична комуникација посебните, „личните” јазици, тн. идолекти, поради потребата од меѓусебно разбирање нужно се изедначуваат во заеднички, еден, „групен”. Освен изедначувањето односно заедништвото на поединечните (во рамките на семејството или населбата), истиот процес се случува на ниво на просторно пошироки, бројно посилни заедници (во најстаро време на родови и племиења, а потоа на држави и народи). Напротив, слабеењето на човечките врски кои ги држат заедно членовите на една животна средина, а со тоа и проретчувањето на нивните внатрешни допири со говорот, секогаш доведува до разедначување, „раслојување”, па и маргинализација на јазичниот развој.
Древното предание според кое на почетокот морал да постои само еден народ и еден јазик, ја инспирирала прастарата египетска приказна за потрагата на фараонот Псаметих по претходникот и прајазикот на сите човечки јазици, што ја забележал Херодот, како и библиското тврдење дека на почетокот „сета Земја имала еден јазик и зборови исти” (Пост. 11,1), а историски посведочената многујазичност на светот е казна за човечката горделивост и градбата на Кулата вавилонска.
Науката за јазикот знае за многу примери на распаѓање на единствени прајазици на често мошне разгранати семејства на сродни јазици. Застапниците на моногенетското гледиште за настанокот на сегашната јазична разновидност на светот претпоставуваат дека на тој начин, значи со разгранување од еден јазик како од некое заедничко стебло, се развиле сите постоечки јазици, а не само оние негови одделни групи кои докажано создаваат јазични семејства. Од друга страна, досегашното размислување за настанокот на јазикот воопшто, за тн. глотогониски прашања, ја допушта и можноста јазикот, поради слични човечки потреби, да се развил на повеќе места независно. Според тоа полигенетско гледиште, човекот проговорил на повеќе различни места и издвоено, па многујазичноста е стара колку и самиот човечки јазик.
Сепак, за јазичната разновидност се многу позначајни две прашања: колку има јазици на светот и како нивната ни малку прегледна множина може прегледно да се нареди во помал број на попрегледни јазични групи.
За бројот на човечките јазици постојат само приближни проценки. Тие најскромно говорат за 2.000 јазици, а оние најсмелите за 20.000. Најчесто е збор отприлика за 5.000 јазици на светот. Разликата помеѓу тие проценки е преголема за да бидат веродостојни. Всушност, проблемот е во тоа што нема одговор на прашањето за тоа што треба да се брои како еден јазик, а што само како наречје-дијалект на некој јазик. Современата јазична наука нуди одговор (можен) со учењето за три темелни идентитети на секој јазик: описен, вредносен и родословен.
Имено, како посебен јазик најнапред се брои секој јазичен систем кој со обележјата на својот строеж се разликува од секој друг јазик. Потешкотијата е во тоа што слични црти на јазичен строеж често се јавуваат во мноштво инаку различни говорни подрачја, па само со слободна проценка може да се одреди дали е збор за два различни јазика или, пак, за две наречја на ист јазик. Немерливиот и спорен впечаток дека два инаку слични или описно речиси идентични јазика во пописот сепак мораат да се земаат како два различни описни идентитети, може многу пати да се поткрепи со податокот дека два несомнено различни народа ги чувствуваат како свои посебни јазици, на кои имаат свои посебни книжевности, и оти ги викаат секој со свое име. Во такви случаи описниот идентитет на два јазика е ист или мошне сличен, но тие се вредносно различни јазици (на пр. данскиот и норвешкиот riksmal).
Не можејќи точно да се препознаат и пребројат сите поединечни јазици на светот, јазичната наука настојува да утврди сѐ што нивната разновидност на некој начин ја намалува, а тоа се некои строежни црти или одделни надворешни околности кои се заеднички за одделни делови од вкупното јазично мноштво. За мерило обично се земаат само својствата сметани според нешто позначајни, за така добиената класификација што повеќе да кажува за јазиците врз кои се применува. Најчесто се работи за нивната улога во општеството, односно општественото ниво на нивната употреба, потоа нивната припадност на исти простори (историски или географски заокружени), а во поново време и на исти државни тгворби, како и сличноста на нивниот внатрешен строеж. Од сите нив врз судбината на јазиците најмногу влијае употребата на ниво на државата.
Државен или службен јазик (или јазици) мора да има секоја држава. Општ стремеж на современите држави, особено на оние со изразито концентрирана управа, е да бидат барем службено еднозначни или да имаат само онолку службени јазици колку што е неопходно. Тоа се редовно стандардизирани, што значи дека формата на употреба е уредена со различни прописи, односно дека имаат граматики, општи речници, речници по струка, правопис, пропишан изговор и сл. Во повеќејазични заедници службениот јазик ги истиснува другите јазици од повеќе важни подрачја на јазична употреба и така ја ограничува можноста за нивна полна стандардизација, односно нивно оспособување за сите подрачја и за сите нивоа на јазична дејност.
Интересно е што ист јазик во разни држави има различна положба и улога. Така на пример, германскиот е национален со најширока можна употреба во Германија и Австрија, додека неговата положба е значително поинаква во Швајцарија, Лихтенштајн или Луксембург, а особено во „јазичните острови” на германските малцинства низ источна Европа, во Италија, Франција или САД. Во друга држава, пак, може да се стекне признание на варијанта на ист книжевен јазик, како што е тоа случајот со англискиот во разни земји на светот.
Класификацијата на јазиците според бројот на говорниците или општественото ниво на употреба, потоа според припадноста на некој географски простор или држава, значи да се групираат според одредени надворешни околности на нивно постоење. Други начини ги занемаруваат тие околности, имајќи ги предвид само сличностите на внатрешниот строеж на два или повеќе јазици.
Сите јазици кои, како латинскиот и германскиот, потекнале од заеднички прајазик се сметаат за сродни и се групираат во јазично семејство, а кое потоа се дели на гранки и огранци. Најпознато и најмногу проучувано е индоевропското јазично семејство.
Секој јазик може да се замисли како збир на три видови обележја. Едни од нив им се својствени на сите јазици на светот зашто нема, на пример, јазик без заменки, во сите постојат самогласки и согласки. Според други обележја, секој јазик е несводливо различен од сите останати-тие се темел на неговата посебност и идентитет. Трети, пак, не се ниту поединечни, ниту сеопшти, туку и се својствени на некоја јазична група и се нарекуваат типолошки.
Денес типологијата е мошне важна гранка на јазичната наука. Таа јазиците ги опишува и групира според што поточни мерила и применувајќи мошне прецизно дефинирани постапки. На пример, не се утврдува само дека некои јазици се „самогласнички” или „претежно самогласнички”, а други „согласнички” или „претежно согласнички”, туку се наведува точниот број или процентот на гласови според нивните видови, како во системот на јазикот исто така и во неговото остварување со говор во форма на запис на одреден опфат.
За државните односно службените јазици мошне важен проблем или потенцијална опасност е судирот помеѓу јазиците кои лесно може да се изроди во судир помеѓу народите. Поради тоа демократските земји во светот во своите законодавства задолжително вградуваат и одредба за целосна рамноправност на сите застапени јазици во нив. Се разбира, во рамките на тоа општоприфатено начело останува доволно простор за мошне спротивставени однесувања спрема јазичната разновидност. Некаде властите не ги жалат трошоците што во заедничките работи на државата ги наметнува уважувањето на секој јазик, па прават се тоа да го задржат барем во затекнатиот опфат. Во други, пак, се задоволуваат со спроведување на јазична рамноправност според словото на законот и со спречување на отворени јазични судири, додека стварните односи помеѓу јазиците им ги препуштаат на нивната нееднаква сила и владејачките општествени текови. Тие ниту во одделни држави ниту во светски размери никако не им одат на рака на помалите и малите јазици кои со поголемите од себе си ја делат политичката, економската или културната целина на некој заеднички простор.
Доколку јазикот се смета само за орудие на спогодување, не е недоследно да се тврди дека преносот на информации во државата е подобар колку што има помалку различни јазици. Меѓутоа, оние на кои јазикот им е подеднакво важен и во своите други улоги, особено во улога на носител на одредени вредности, им се придружуваат на движењата за зачувување на загрозените и обнова на изумрените јазици и наречја, односно на борбата против јазичната „унитарност”.
Се чини дека јазичната разновидност на светот уште долго ќе се развива според законите на ауксологијата (наука за растот на ниво на подрачја на живот): поголемите јазици ќе стануваат сѐ поголеми, малите се помали, а најмалите најчесто и ќе исчезнуваат. Некои таа појава ја нарекуваат јазичен империјализам на големите и глотофагија.
Ако денешниот свет битно се измени, ако се потисне премоќта на секоја, а особено на силните и унитаристички држави, ако се запре индустриското производство исклучиво во служба на оплодување на капиталот, тогаш навистина би можеле да исчезнат сегашните услови и форми на соживот на луѓето на кои многујазичноста и културната разновидност на светот најмногу им пречи. Меѓутоа, ако се има предвид пред сѐ глобализацијата…
Без оглед на наведените тешкотии за утврдување на точната бројка на јазиците во светот, најчесто се прифаќа бројката од 7.000, но поголемиот дел од населението употребува само 83. Лингвистите велат дека на многу од останатите им се заканува гаснење. До крајот на овој век би можеле да исчезант дури половина.
Дејвид Харисон, од англискиот Институт за загрозени јазици, вели дека е збор за огромна криза која неговиот институт настојува да ја предупреди.
„Работам со последните познавачи на загрозени јазици. Кога ќе седнам со некој старец во Северна Австралија, Индија или Сибир, свесен сум за значењето на таа снимка. Во некои случаи тоа е прва снимка на тој јазик и затоа се трудам да биде чиста. Во други случаи, тоа е можеби последна можност да се сними говор на тој јазик. Ова е најголем зафат за зачувување на јазиците. Не сакам да го намалам значењето на зачувувањето на живите суштества и екосистемите, но јазиците се во поголема опасност”, вели тој. „Побрзо се гаснат, иако содржат некои од тајните на човечкиот опстанок и адаптацијата на нашата планета”.
Во својата книга „Кога јазиците умираат”, Харисон вели дека во поголемиот дел од светот се зборува еден од 83 доминантни јазици и оти секој 10- ти ден губиме по еден домородечки јазик:
„Половината од сите јазици-околу 3.500-се зборуваат во една десетина од населението. Тоа значи дека огромно количество на колективна човечка мудрост и знаење се наоѓа во јазиците на кои говорат мошне мал број на луѓе и оти тие јазици се опасно загрозени од страна на светските јазици и глобализацијата”.
И наместо да ја поттикне светската јавност да дејствува, предвидувањето дека до крајот на веков 90% од јазиците би можеле да исчезнат како никого да не го интересира, предупредува францускиот лингвист Клод Ажеж:
„Повеќето луѓе воопшто не се заинтересирани за проблемот на исчезнување на јазиците. Доколку не се загрижиме поради начинот на кој се шири англискиот, еден ден тој би можел да ги уништи повеќето други јазици”.
Помеѓу најзагрозените се јазиците на некои индијански племиња во Северна и Јужна Америка кои ги говорат помалку од 5-мина луѓе, а јазикот Бакиа во Камерун го зборува само едно лице.
„Тешко е да се обезбедат точни податоци, но се наоѓаме на пресвртница. Ќе има сѐ повеќе јазици што ќе исчезнат”, изјави за Би-Би-Си Пол Луис, уредник на американската организација „Етнолог” која поседува база на податоци за јазиците во светот.
Наведува дека во светот 94% од луѓето говорат 6% од сите јазици, додека преостанатите 94% јазици ги говорат сенасе 6% популација.
„Она што го губиме е во суштина огромно културно наследство…Јазикот е и сведоштво за човечките заедници и е мошне драгоцен зашто го одразува она што другите заедници се во состојба да го изразат”, вели Ажеж.
Етнологот Луис смета дека поради блиската поврзаност на јазикот и идентитетот, доколку луѓето почнат својот јазик да го сметаат за бескорисен, ќе почнат така да гледаат и на сопствениот идентитет. Тоа доведува до пореметувања во општеството, депресија, самоубиства и наркоманија. А ако родителите повеќе не им го пренесуваат јазикот на своите деца, врските помеѓу децата и нивните баби и дедовци се кинат, а традиционалните вредности се губат.
Но, и покрај тоа расте бројот на заедници кои одлучуваат да го отфрлат својот јазик. Многумина луѓе сметаат дека нивните јазици немаат иднина и оти децата нема да стекнат соодветни квалификации ако ги учат племенските јазици.
Од друга страна, постои и тренд на оживување на јазици, што дава надеж дека сепак не е се изгубено. Оживувањето на велшкиот јазик во Велика Британија или на маорскиот на Нов Зеланд покажува дека јазиците можат да се спасат и од ивицата на пропаста. Ажеж го наведува примерот на хебрејскиот, кој на почетокот од 19. век бил мртов јазик, но со „силна волја” на Евреите во Израел е вратен во секојдневна употреба. Денес тој е повторно несомнено жив јазик. Во Велика Британија корнволските интелектуалци, инспирирани токму од оживувањето на хебрејскиот, успеале да го оживеат наизглед мртвиот корнволски јазик кој во 2002. година е официјално признат како малцински.
Најмногу „говорници” имаат три јазици: мандарински кинески-845 милиони, шпански-329 милиони и англиски-328 милиони, додека 133 јазици говорат по помалку од 10- мина луѓе.