Потребно време за читање: 8 минути

Пишуваната книжевност во Јапонија ја добива својата востановена форма дури на почетокот од 8. век, кога ширум земјата проширената кинеска писменост почнува да ги фиксира плодовите на древната јапонска народна лирика.

Помеѓу најстарите сочувани текстови на јапонската книжевност спаѓаат „Fudoki“, опис на разни краишта пишуван помеѓу 713. и 733., како и шинтоистичките ритуални молитви „Norito“.

Двете најстари јапонски хроники, „Kojiki“, од 712., и „Nihongi“ од 720. година, содржат повеќе народни песни uta, кои потекнуваат уште од 4. и 5. век. Најстарата збирка на лирски песни, „Manyo Shu“, собрана во 8. век, содржи околу 4.500 стилизирани песни waka, од кои многу се вистински ремек-дела на лирската сензибилност.

Меѓутоа, уште многу пред овие запишани книжевни дела, постои долга традиција на усмена книжевност. Нејзинитите потекла можат да се следат само преку митологијата, историјата на религијата, уметноста и театарот, како и други историски записи.

Во јапонската клнижевност се препознаваат повеќе периоди:

Ранокласичен период

Многу песни од збирката „Manyo Shu“, како и долгите и кратките песни во делото „Nihon Shoki“, содржат кодекс на етиката на древниот општествен систем воспоставен во 7. век. „Kojiki“, освен тоа, содржи и митолошки елементи, легенди, народни песни, балади, па дури и театарски елементи. „Manyo Shu“ е претежно збирка на лирски песни на одделни поети, икако во неа се вклучени и некои групни песни. Помеѓу поетите во тоа време се истакнуваат: Kakinomoto no Hitomaro (околу 622-710), Otomo no Tabito (665-731), Yamabe no Akahito (умрел во 736.), Otomo no Yakamochi. Помеѓу најстарите забележани песни се разликуваат подолгите naga-uta и пократките waka. Waka станува основен жанр на поезијата „Manyo Shu“, за кој е карактеристично изменување на петосложни стихови со седмосложни. Waka се јавува во две форми: кратки песни, tanka, кои опфаќаат 5 стиха со 31 слог (5-7-5/7-7) и нешто подолги, choka, кои имаат поголем број на алтернации на петосложни и седмосложни стихови. Кратките форми на поезијата waka се одржуваат во текот на целата историја на јапонската книжевност, се до денешни дни.

Хрониката „Kojiki“ е обид за изразување на идеолошко, политичко и филозофско единство. Тоа е хроника на Јапонија, која ја поврзува традицијата од митолошките времиња до историските личности, пропагирајќи го божественото потекло на јапонската царска династија и поддржувајќи го авторитетот на владејачкиот слој.

Освен наброените дела, значително е и влијанието на книеската книжевност од периодот на династијата Хан. Во 751-ва година се објавува „Kaifuso“, прва збирка на поезија со кинески стил, наречена kanshi. Монахот Kukai пишува есеј за поезијата со кинески стил, а Fujiwara Hamanari се обидува да ја пренесе теоријата на кинеската поезија на јапонската tanka во делото „Kakyo Hyoshiki“ (772.). Исто така се јавува и првата збирка на раскази во кои се застапуваат будстички гледишта (почеток на 9. век).

Доцен класичен период

Раниот класичен период трае, може да се каже, до преселувањето на престолнината во Кјото, кон крајот на 8. век. Потоа настанува доцниот класичен период, кога книжевноста е врзана за животот на образованата аристократија на дворот. Овој период се поклопува со периодот Хеиан (794-1192), кога стопувањето на автохтониот шинтоизам со прифатениот будизам доведува до осамостојување на јапонскиот културен живот. Во овој период се развиваат жанрите на поезијата kanshi и waka, па monogatari (долги наративи во вид на романса), nikki (дневници) и setsuwa (легендарни раскази). Kanshi, поезијата во кинески стил, извесно време е главна струја на јапонската поезија, а во овој жанр се истакнуваат поетите Ariwara no Narihira и Sugawara no Michizane, кои кон крајот на 9. и на почетокот од 10. век создадоа лирска поезија со врвен стил, популарна се до најнови времиња. Во жанрот на поезијата waka, на почетокот на 10. век Ki no Tsurayuki и неговите соработници собраа низа на песни од кои во 905. година ја направија збирката на лирика „Kokin Waka Shu“ („Збирка на стари и нови waka). За разлика од „Manyo Shu“, што се одликува со мажествена динамика и животна сликовитост, „Kokin Waka Shu“ е полна со женствени, префинети чувства, естетски слики и интелектуална структура. Така веќе од најстари времиња во јапонската поезија се јавуваат две традиции: „Manyo Shu“ и „Kokin Waka Shu“. Во предговорот на збирката „Kokin Waka Shu“, Ki No Tsurayuki пишува за теоријата на поезијата и теоријата на книжевноста, поставувајќи ги така основите на јапонската книжевна критика.

Прочитај и за ... >>  Новиот „интерен човек“ и нормите на животот

Новиот жанр на јапонската проза, nikki, се јавува од 10. век. Тоа се низови од анегдотски раскажани настани во форма на дневник; еден од најистакнатите претставници на тој книжевен вид е Ki no Tsurayuki, автор на „Tosa дневниот“, во кој го опишува своето тајно патување од покраината Tosa во главниот град, во 935/936-та. Други значајни дневници пишуваат главно дворски дами, помеѓу кои Musaraki Shikibu и Michitsuna no Haha.

Во прозната книжевност е значаен развојот на жанрот monogatari. Најстаро дело е „Taketori Monogatari“ („Расказ за собирачот на бамбус“), фантастична приказна за самовила од месечината, која на своите земски стројници им задава неисполнувачки задачи. Потоа доаѓаат „Ise Monogatari“ („Раскази од Ise“), анегдотски приказ на љубовни авантури, „Ochikubo Monogatari“, расказ за јапонската пепелашка, „Utsubo Monogatari“ („Расказ за Utsubo“) и др. Овие дела го намалуваат влијанието на кинеската книжевност и придонесуваат за создавање на автохтон јапонски стил. Ги пишувале главно образовани дворски дами. Една од нив, Murasaki Shikibu (околу 975- околу 1013) од владејачкото аристократско семејство Fujiwara, е автор нма прочуениот роман „Genji Monogatari“ (@Расказ за принцот Genji“), првото големо белетристичко дело пишувано со чист јапонски јазик. Овој роман реалистички го опишува раскошниот и декадентен живот на дворот, и ги поставува основите на естетскиот принцип на подоцнежната јапонска книжевност.

Во областа на историската проза се развива жанрот „историски расказ“, како и легендарната книжевност која го достигнува својот врв во делото „Konjaku Monogatari“ („Раскази од сегашни и од древни времиња“; се состои од 31 том со 1065 приказни). Спектарот на легендите е мошне широк, од јапонски народни приказни до кинески легенди и индиски будистички легенди.

Нешто подоцна се развил и прозниот жанр zuihitsu. Тоа се кратки белешки со најразновидна тематика, а настанале под впечатокот на некое доживување или моментна инспирација. Помеѓу авторите на zuihitsu истакнато место заземаат Sei Shonogon, Kamo no Chomei (го напишал делото „Hojoki“- „Белешки од тесната ќелија“) и Yoshida Kenko.

Средновековна книжевност

Таа го опфаќа периодот од крајот на 12. век. Тоа е период кога во Камакура се основа шогунатот Бакуфу и се воспоставува средновековниот феудален систем. Меѓутоа, веќе во доцниот класичен период почнуваат да се пишуваат раскази со воени мотиви, gunki-mono, кои стануваат главен прозен жанр на средновековната книжевност. Овие воени раскази настануваат во периодот на граѓанските војни и стекнуваат популарност заедно со воздигнувањето на самурајската класа. Тие го опејуваат витешкиот кодекс, животот и борбите на самураите, а се пеени во стилот на епската поезија со придружба на инструментот „biwa“. Од почетокот на периодот Камакура потекнуваат „Hogen Monogatari“ (“Раскази од времето Hogen“) и „Heike Monogatari“ („Раскази за семејството Hei“). Овие дела се проткаени со будистички мотиви и чувства на песимизам. Во „Heike Monogatari“ се зборува за борбата за превласт и пропаста на две феудални семејства, се илустрира идејата за минливоста на сите овоземни појави. Делото на сугестивен начин ги опишува борбите и менталитетот на самураите, укажува на својствата и спротивностите на јапонското општество. Според стилската беспрекорност и драматичноста на ситуациите оди во редот на врвните остварувања на светската литература.

Прочитај и за ... >>  Традиционална јапонска куќа

Во средновековната лирска поезија tanka поезијата постепено ја заменува renga, лирски венец во кој се надоврзуваат стихови на различни автори. Главните renga збирки се „Tsukuba Shu“ од 1356-та и „Shin Tsukuba Shu“ од 1445. година.

Традицијата на поезијата waka и натаму продолжува. Благородништвото продолжува да пишува waka уште од доцниот класичен период, кога е објавена збирката „Hachiadi Shu“ („Збирка на осум генерации“), а највисок степен на совршенство е достигнат во збирката „Shin Kokin waka Shu“ („Нова збирка на стари и нови waka), во која се застапени ригорозни естетски принципи.

Во средновековниот период Muromachi, од 14. век натаму, се развива јапонската лирска драма, наречена no. Овој жанр се развил од обредните и фестивалските игри и симболични пантомими со вметнување на дилјалози и хорски рецитации. Творци на драмата no се Kannami (1333-1384) и неговиот син Zeami (1363-1443). Оваа јапонска драмска уметност се одржала во својата традиционална форма до најнови времиња. Денес во Јапонија постојат неколку школи на театарот no.

Ран предмодерен период

Предмодерната книжевност паѓа во времето на шогунатот Tokugawa (од 1603. натаму), кога во Јапонија е создадена цврста централна власт, а се дели на ран предмодерен период, кога книжевното творештво главно се концентрира во околината на Кјото и Осака, и доцен предмодерен период, кога центарот на книжевната дејност преминува во Едо (денешен Токио). Раниот период го достигна врвот за време не периодот Genroku (1688-1704), а доцниот период се разви особено за време на периодite Anei и Tenmei (1772-89), кога се јавува жанрот Едо gesaku на популарната белетристика и кога се развива Едо kabuki, популарна драма со дијалози и пеење. Во предмодерниот период, освен аристократијата и монасите, во книжевното творештво учествуваат и припадници на трговскиот и војничкиот сталеж.

Во лириката се јавуваат нови школи на поезијата haikai како натамошен развој на лирскиот венец на поезијата renga. Подоцна се раѓа haiku новиот жанр на поезијата, крајно збиена лирска форма од сенасе 17 слогови со метар од 5-7-5 слогови. Називот „haiku“ доаѓа од „hokku“ или првиот стих од лирскиот венец кој се осамостоил во посебна форма на лирска поезија. Таа форма ја довел до совршенство Matsuo Basho (1644-1694), а ја карактеризира исклучителна префинетост и стилска чистота. Haiku се негува и денес како еден од најпопуларните жанри на јапонската поезија.

Во областа на драмата се јавува нов жанр joruri. Тоа се драмски текстови за театар на кукли или „bunraku“. Најславен драмски писател на овие текстови е Chikamatsu Monzaemon (1653-1725), кого историчарите на јапонската книжевност често го нарекуваат Шекспир на Јапонија.

Во белетристиката се јавува нов жанр ukiyo-zoshi- „романи за минливиот овоземски свет“. Најистакнат писател на овие романи е Iihara Saikaku (1642-1693), претставник на културата на градското население и засилената трговска класа.

Прочитај и за ... >>  Јазиците на светот и односите помеѓу нив

Во ова време се јавува и групата на книжевни историчари и теоретичари со Motoori Norinag на чело, кои ги преиспитуваат класичните книжевни дела и ги препишуваат на современ јазик, со коментари и објаснувања. Овие писатели ги поставија научните темели за изучување на националното јапонско творештво.

Доцен предмодерен период

Книжевноста на периодот Едо се одликува првенствено со развој на романот. Се јавуваат нови жанри, интересни според тоа што ја доловуваат сликата на општествениот живот и обичаите на градското население, како и според својот исклучителен хумор.

Поезијата waka во овој период е во опаѓање, додека поезијата haiku ја негуваат Yosa Buson со своите нови естетски принципи и Kobayashi Issa, кој пишува прецизна чувствителна поезија пристапна на народните маси.

Во театарот доаѓа до спектакуларен развој на драмата joruri, а исто така настанува и златното доба на игрите kabuki. Освен творештвото на градското население и трговскиот сталеж, самурајската класа исто така оставила значаен книжевен придонес во овој период, посебно во прозниот жанр zuihitsu и жанрот kanshi на поезијата со кинески стил.

Модерен период

Модерниот период во јапонската книжевност почнува од реставрацијата Meiji. Со отворањето на јапонските пристаништа за странски бродови (1854), склопувањето на меѓудржавни договори на Јапонија со низа европски велесили (1854-61), окончувањето на шогунатот (1868), прогласувањето на уставот од европски тип (1889) и брзата индустријализација на земјата, почнува брз продор на европско-американски идејни и стилски влијанија во феудалната културна средина. Тој продор предизвика на подрачјето на книжевноста револуционерни превирања, кои ниту до денес не се сталожени во јасно разграничени форми и тенденции. Посебно се видливи просветителските настојувања, а се развива и значителна преведувачка дејност. Настанува жанрот „политички роман“, во кој се пропагираат европски општествени и политички идеи. Се јавува првиот писател на модерниот стил, Futabatei Shimei, со својот епохален роман „Ukigumo“ („Пловечки облаци“, 1887). Во романот доаѓа до израз како модерниот индивидуализам и острата критика на социјалните прилики, исто така и психолошкото прикажување на индивидуални портрети, како и реалистички стил на опишување. Со тоа Futabatei Shimei ги постави основите на новиот, модерен стил во јапонската книжевност.

Бројни се критичарите кои од романот бараат објективно прикажување на стварноста. Реалистичката проза ја усовршува Ozaki Kojo (1867-1903). Како реакција на реализмот се јавува бранот на романтизам, чии претставници се Mari Ogai (1862-1922), Kitamura Tohoku (1867-1925) и Kunikida Doppo (1871-1908). Од реализмот се јавува натурализмот кој го претставуваат, меѓу другите, Shimazaki Toson, Tayama Katai (1872-1930) и Masamune Hakucho (1879-1963). Се развива и движењето на антинатурализмот, во кое најзначајни писатели се Natsume Soseki (1867-1916), Mori Ogai, Nagai Kafu (1879-1959) и Tanizaki Junichiro. Неореалисти се Kikuchi Kan (1888-1948), Akutagawa Ryunosuke (1892-1927), Yamamoto Yuzo (1887-1957) и др.

Во современиот период Showa (од 1926. до денес) се развиваат две главни книжевни струи: модернистичко-естетска и пролетерска книжевност. Најзначајно движење на првата е „нова перцепционистичка школа“, чии основачи се Yokomitsu Riichi (1898-1947) и нобеловецот Kawabata Yasunari. Знаменити претставници на пролетерската книжевност се Hayama Yoshiki, Noma Hiroshi (роден во 1915) и Kobayashi Takiji (1903-1933). По Втората светска војна се јавува „школа на повоената книжевност“. Меѓу попознатите имиња на оваа школа се Oka Shohei (роден во 1909), Dazdi Osamu (1909-1948), Ito Sei (роден 1905), Mishima Yukio (1926-1971), Abe Kobo и Kinoshita Funji.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here