fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

ИМА ЛИ СМИСЛА ДА СЕ ЖИВЕЕ СКОПЈЕ? Го живеете ли Скопје?

ИМА ЛИ СМИСЛА ДА СЕ ЖИВЕЕ СКОПЈЕ? Го живеете ли Скопје?

Често ме прашуваат: има ли смисла?

Ме прашуваат за работата, за проектите, за идеите, за упорноста, за времето што го трошам на нешта од кои можеби никогаш нема да имам некаква конкретна корист. Ме прашуваат дали вреди толку да се давам, дали понекогаш не е попаметно да си ја гледам сопствената работа, да се поштедам од непотребни нервози и да престанам да се занимавам со работи што, според нив, и онака нема да се променат.

Обично им одговарам со една навидум едноставна реченица: штом има мисла, има и смисла!

Ама денес сакам да ја поставам таа реченица во малку поинаков контекст. Да пренесам мои ставови за смислата на живеењето во Скопје. Не за преживувањето во него, не за административното постоење на адреса запишана во личната карта, туку за вистинското живеење на градот. Како град. Па и како главен град.

Затоа што, ако ме прашате дали денес има смисла да се живее во Скопје, најпрвин ќе ве прашам нешто друго: а вие, всушност, го живеете ли Скопје?

Педесет години во еден град се доволни за да престанеш да веруваш во изговори

Педесет години го живеам Скопје. Сведок сум на неговите промени од 1976 – се менува, расте, кско се разубавува но и како се огруби, како пропаѓа во и не така пусти делови. И како повторно се обидува да застане на нозе. Сум искусил различни градоначалници, различни власти, различни урбанистички визии и уште повеќе ветувања за подобар живот. Попатно и администрации кои управувале со мојата локална заедница – т.н. месна па сега урбана, ама и рурална.

ЖивееВ и во подобро Скопје од денешново. И во полошо Скопје. Но вакво Скопје, во кое толку многу нешта истовремено не функционираат, а толку малку луѓе чувствуваат одговорност за тоа, не паметам. Оу да! Градот убав пак никна, ама плодот го претворивме во скапаница. Смешно е прашањето – кој е крив?

Остај ѓубрето, јавниот превоз, сообраќајот, загадувањето или урбанистичкиот хаос. Тоа се последиците кои ние ги креиравме. Ти и јас, и сие со нас. Да, да! Ѓубрето не никнува од земјата ни убава и плодна, го создаваме ние. Ние го фрламе таму каде ќе ни текне. Не не – не се расфрлува од кученцата и мачињата, од нас е тоа. Вака ли е?

Ќе речеш – не, не. Јас тоа не. Дргуиот. Е да де! Другиот – ама се е другиот! Не само ѓубрето. Ај да набројам: другиот пљука на улица, другиот пуши и фрла пикавци, другиот срмди во автобус, другиот не почитува доделени места за паркирање на јавна површина, другиот не ја вади тревата, другиот де! Другиот! Ама не ти!

Мене многу повеќе ме загрижува она што стои зад нив: постепеното исчезнување на чувството дека градот е наш! Дека е тоа нашиот дом! Не е така? Ај подразмисли. И не шири мисли надвор од твоите 500 метри во населбата во која живееш. Само заврти си ја главата во круг и све што ќе видиш помисли: кога јас ќе…, како ќе беше ова поубаво. Кога ќе се разбудев наутро, и со насмевка ќе ги видев комшиите пријатели и ќе си кажевме добро утро и по некоја сецка-закачка, и убав ишарет за парфемот и дотеранките девојчиња и момчиња, …. Како ќе ми беше мене убаво?“ Си рече: Ехх…. Нема смисла. Ама чекај, кога има мисла, има и смисла, нели?

И кога ова го споделувам со мои сограѓани, ми велат: Абе Горан, кај живееш ти? Ало – кај може тоа. Ти мислиш ова Швајцарија е…. А мојот одговор е прост: па ти си Швајцарија комшија. Штом вака ми одговараш, потврдуваш дека другиот е а не си ти…“ И имам реторика во која објаснувам често во разговорите што е што… Но во последно време, си ќутам. Бидејќи така сум си поматен. Или подобро речено – не можеш ропак опинок кој во својата глава не дава ниту мисла ниту смисла за лична промена, надградба, раст на својата култура и свесност за богатството кое го има со тоа што е во град, во Скопје, да му насадиш нова мисла која ќе му има смисла!

Денес речиси секој има објаснување зошто Скопје не функционира. Имам јас. Но сум еден од поретките кои ги познавам кој тргнува од себе си, а не од другиот. Еј, алергичен сум веќе на „Кој е крив?“ и автоматскиот одговор – тој/таа е, не сум јас. Колку е тоа погубна мантра – самоуништувачка!!!

Ајде, сега да мантрам. Жителите на Скопје (те молам граѓаните не го употребувај како збор ниту квалификација – за да употребиш „граѓани“ треба да се заслужи!) велат најчесто, по ново: Орце е крив, Соте е крив, Боби е крив, … И Сите други градоначалници се криви. А тие пустите, во својот број нанижани со по 150-300 луѓе, кој за хигиена, кој за урбанизам, кој за косење трева, кој за дрва, кој советник, кој маркетинг… Ама тие 150-300 – не се тие криви, градоначалникот е! У бре мајката!!!

Градската администрација ја обвинува централната власт. Таа е крива. Е***и премиерот, министерот – каква Влада е ова. Криминалци. Нема развој. Нема…

Еј – чукни си ја мислата!

И централната и локалната власт, го уредуваат, управуваат, контролираат, насочуваат…. – нашиот живот, нас. Тоа не се марсовци или донесени изроди од друга нација, раса, држава – тие сме ние! Епа – ако се тие тоа што сме ние, тогаш – какви се тие такви сме ние! Брутален сум? Не не – само резонирам просто. Кога ќе направиш дете, кога ќе се роди, и кога ќе порасне, тоа си ти и твојата држава во која си го пораснал, системот кој му дал образование, знаење, воспитување. Ти си му насадил домашна култура, резон, основни човекови вредности – темелот, над кој тоа дете расте и се надградува. И пораснал, и дораснал за да е дел организација која ја креираме за да управува со нас. И – ќе речеш – не сум јас, тој е… Има ли смисла?

Е, а ако централната и локалната власт се од различни партии (колации де…) тогаш централната власт ја обвинува локалната. Општините го обвинуваат Градот. Градот ги обвинува општините. Граѓаните ги обвинуваат сите, а кога ќе дојде ред да ја преземат сопствената одговорност, најчесто се повикуваат на истата реченица што ја слушаме од администрацијата: не сум јас, другиот е крив.

И така, во град со близум милион жители, речиси никој не е виновен за ништо. А ништо не функционира како што треба. Не сакам да помислам ни што ќе е кога ќе станеме 2-3-4 милиона. Немам мисла за да смислам на што тоа ќе личи, кога уште на неполни милион – личиме на депонија со еден тон насадена некултура, непочитување, неодговорност, без љубов кон комшијата, кон населбата, кон градот. Без благодарност што имаме можност да сме – Скопјани.

Неверојатно достигнување на колективната неодговорност!

Дали Скопје е единствената адреса на која може да се живее?

Со децении создававме претстава дека Скопје е единственото место во Македонија во кое човек може да се образува, да најде пристојна работа, да напредува професионално, да започне бизнис, да има културен и општествен живот.

Не е чудно што луѓето доаѓаат. Чудно е што државата толку долго дозволуваше развојот да се концентрира во еден град, додека другите постепено ги губеа своите економски, образовни и културни перспективи.

Не ги обвинувам луѓето што се доселуваат во Скопје. Напротив, секој човек има право да бара подобар живот таму каде што мисли дека може да го создаде.

Но градот има ограничен капацитет, а неговиот развој мора да ја следи динамиката на населувањето. Кога бројот на жители расте побрзо од инфраструктурата, кога новите населби се градат без соодветни училишта, градинки, паркови, јавен превоз и комунални услуги, квалитетот на животот неизбежно трпи.

Прочитај и за ... >>  Гренланд и САД: новиот безбедносен договор го менува балансот на Арктикот

Градот се гради спорд план. Колку јас знам, од моето основно знаење за градежништво и урбанизам, а зборувам како машински инженер – индрустриски инженер и менаџер, градот има ГУП-Генерален урбанистички план, а по него има стотици ДУП-ови – Детален урбанистички план. И ако во 60-тите, Карпош 1,2,3,4 на пример било испланирано да се изградат и живеат како што се изградени – толку е! Нема промени. И тоа е стандард, систем на вредности. Е арно ама…

Се јавила еднаш мисла дека – сакам да дигнам 2 спрата, на тревников и ширинкава многу зелено е па дај ќе дигнеме трговцски центар; или пак ова национализирано земјиште е, им го земаа на баба ми и дедо ми па сега моите се на власт, па ќе средам јас да си го вратам по процесот на денационализација – и кога оп, 4 кули од по 40-50 ката сосе трговски и паркинзи. И – ете ново Скопје. По ГУП? Не! Со ДУП – е да, со нов ДУП, сменет. И кога ова стана рутина, градот потона во непланско изградена површина во која инфраструктурата повеќе не трпи. Зошто? Затоа што ние така го смисливме да е.

И сега е! Епа мислата да е – излегла од нас. Прошла во системот ни кој ние го направивме. Советници, урбанисти, градежници, градоначалници, пратеници, премиери – тоа сме ние, нели? Па аминот – ние го дадовме. И сега – не го бивало. А имаше мисла за да се смисли да е како што е? И сега – не сум јас крив, другиот е? Не не!

ГРАДОТ Е – ТОА ШТО СМЕ НИЕ! И точка.

Притоа, проблемот не е во тоа од каде дошол некој, туку во тоа дали сите што живееме тука сме подготвени да прифатиме заеднички правила. Градот не е збир од адреси, туку организирана заедница на луѓе што делат простор, ресурси, обврски и одговорност. И живеат во него. Живеат!
А ние одамна престанавме да се однесуваме како заедница.

Градењето не го уништува градот!

Секогаш кога ќе се отвори прашањето за квалитетот на животот во Скопје, некој ќе го посочи градењето како главен виновник. Не се согласувам.

Градовите мора да се градат. Мора да се развиваат, да добиваат нови станбени и деловни простори, современа инфраструктура и нови можности за економски развој. Град што не се менува постепено станува музеј на сопственото минато.

Но градењето без усул, без долгорочна визија и без разбирање на потребите на луѓето е нешто сосема друго.

Кога ќе изградите станбена зграда, не сте создале само станови. Сте создале потреба од дополнителен сообраќај, паркинг, водовод, канализација, училишта, градинки, зеленило и јавни простори. Сте донеле нови луѓе во веќе постојна заедница и сте ја промениле динамиката на нејзиното функционирање.

Ако ништо од тоа не сте предвиделе, не сте го развиле градот. Само сте го згуснале.

И тука повторно доаѓаме до прашањето за управувањето. Урбанистичкиот план не смее да биде само документ што овозможува градење. Тој мора да биде договор за тоа како ќе живееме во просторот што го создаваме. А договорот сме го постигнале со кревање рака и гласање за планот, така ли? Со анкетите по урбаните заедници – сме сугерирале, приговарале, придонеле за негова промена и доработка, така ли?

Е да, де – така! Ама уверен сум, и некој нека ме разувери дека: 1%, од нас скопјаните го знаат процесот и сопствената одговорност во носењето на ДУП-ови. Ние пљампуриме откако ќе видиме дека се гради и се изградило. А везе немаме од каде е почнато, и како дојде до тоа што се гледа со очи. Било да е тоа зграда, куќа, улица, школо, градинка, булевар, трговски, кула 50катница, или шупа.

Мене не ми пречат новите згради. Ми пречи кога меѓу две нови згради нема место за едно дрво, а уште помалку за човек. И наместо простор, редиме коли. Па погледнете го од горна перспектива Скопјето наше – повеќе коли од луѓе има. Наместо организиран простор имаме: коли, бетон, асфалт, и 3-4 зелени појаси кои ги нарекуваме паркови и за кои сме горди што ги имаме. И после ќе имаме загаден воздух во котлината наша, ќе смрдело, ќе било прљаво. Чудо големо од каде тоа! Од Месечината сигурно, преку Артемис 30 пратени!

Културата на еден град најдобро се гледа покрај контејнерот

Неодамна пишував за културата и за нашата навика да ја сведуваме на театар, литература, филм, музика и уметност. Сега ќе бидам уште поконкретен.

Сакате да ја видите вистинската култура на Скопје? Не мора да одите на концерт, во кино или во Куршумли ан. Прошетајте до најблискиот контејнер. Погледнете го тротоарот пред вашата зграда. Погледнете како некој го паркирал автомобилот, како ги фрла отпушоците, како се однесува кон зеленилото или како реагира кога ќе види дека соседот прави нешто што не треба. И кога ќе го гледате тоа – земете и огледало и ставете го пред се, и видете што има зад вас. И пробајте – ароганцијата, мислата, и своето его да ги исклучите. И кажете си – е, ова сме ние, и јас со сите околу мене. И ќе ја видиш културата – и својата и на другите.

Може да имаме десетици фестивали, стотици културни настани и илјадници луѓе што ќе се пофалат дека посетиле изложба или театарска претстава. Но ако истите тие луѓе не знаат да го почитуваат заедничкиот простор, имаме сериозен проблем со разбирањето на културата.

Културата не е нешто што го консумираме два часа во културна институција. Таа е начинот на кој живееме во преостанатите дваесет и два часа. Културата не е – Град престолнина на културата Скопје 2028. Културата не е – да го изгноиме до степен на неподносливост, за да потоа тие што ни се сега во управувањето го средат, да ги прогласиме за херои, и да кажеме – ете гледаш, тие се криви, овие се бомбата што ја чекавме. И оп – културата ја имаме. Сега сме културни.

И не, не мислам дека градската чистота зависи исклучиво од граѓаните. Надлежните институции мора да обезбедат функционален систем за собирање отпад, одржување и контрола. Но ниту најдобриот систем нема да функционира ако секој смета дека неговата одговорност завршува во моментот кога ќе ја исфрли кесата од станот. Тоа се алатките, техниката. Но ако жителите си тераат мајтап и не почитуваат договорен ред на живеење (а редот е законот кој го прифаќаме и спроведуваме сите), тогаш…. И ние, и тие – сите сме ѓубре.

Ако не знаеме да го одржуваме просторот што го делиме со десет соседи, како очекуваме да функционираме во град со стотици илјади жители? Добра мисла? Па прашај се – тргни од себе.

Скопје го претворивме во град во кој и до продавница се оди со автомобил

Има една работа што особено ме фасцинира. Скопје не е мегалополис. Голем дел од нашите секојдневни релации се движат во радиус од три до четири километри. Тоа се триесетина до педесет минути пешачење, зависно од растојанието и темпото. А ние успеавме да создадеме начин на живот во кој автомобилот стана речиси задолжителен дел од секое излегување од дома.

Со автомобил одиме на кафе. Со автомобил одиме до продавница. Со автомобил одиме на работа, дури и кога работното место ни е релативно блиску. Потоа се жалиме на сообраќајниот метеж, недостигот од паркинг, загадувањето и времето што го губиме.

Се разбира, не може секој да пешачи. Не живееме сите на исто растојание од работното место, немаме исти физички можности и не располагаме со исто слободно време. Дополнително, градот мора да обезбеди безбедни и пристапни тротоари, велосипедска инфраструктура и функционален јавен превоз.

Прочитај и за ... >>  Културата не е само театар, книга, филм и музика

Но тоа не ја менува суштината на прашањето: колку од нашите секојдневни патувања навистина бараат автомобил? Зарем автомобилот ни стана „орган од нашето тело“ без кој не се може? А од друга страна – ако е џиџан, нов, чаламџиски – тогаш „го дефинира мојот статус“ и сум скопски фраер та никој ништо не ми може?

Дел од сообраќајниот хаос не е само последица на лошата организација на градот и инфраструктурата, туку и на нашите навики. Скопје не може да стане подобар град за пешаците ако никој не сака да биде пешак, нели?

Каде исчезна маалото?

Една од најголемите загуби на современото Скопје, според мене, е постепеното исчезнување на маалскиот живот. Не зборувам за носталгија по времињата кога сите се познававме, кога соседите си одеа на гости или кога децата играле пред зградите. Кога се познававме едни со други, та со гордост зборувавме дека сме биле комшии и сме делеле денови со Горан и Влатко Стефановски, Влада Урошевиќ, Кочо Димитровски… Зборувам за нешто многу поконкретно: организираниот живот во локалната заедница.

Колкумина од нас знаат што се планира во нивната населба? Колкумина учествувале на јавна расправа за урбанистички план? Колкумина се обиделе да организираат соседска иницијатива за подобрување на просторот во кој живеат? Колкумина се наведнале да го земат фрленото ѓубре од несовесниот и го фрлиле во канта? Колкумина се погрижиле за исушеното цвеќе и дрво во дворот иако живеаат на 4ти кат?

И колкумина од оние што секојдневно се жалат на состојбите во Скопје би издвоиле два часа месечно за конкретна активност во сопственото маало?

Не мора сите да бидеме активисти. Но не можеме сите да бидеме публика!

Локалната самоуправа не е само градоначалник, совет и администрација. Таа подразбира граѓани што учествуваат во одлучувањето и институции што се должни да ги слушаат. И кога ќе сме проактивни – и тие во самоуправата ќе имаат поголема одговорност. А вака – ги бираме, за да не водат, и да им плукаме во тилот дека за ништо не ги бива. А нас, а мене, ме бива?

Без таква двонасочна комуникација, локалната демократија останува процедура што ја практикуваме еднаш на четири години, а потоа повторно се враќаме на омилената национална дисциплина: обвинување на другиот. А по скопски тоа се вика: мрчење!

Ни требаат урбани заедници што навистина функционираат. Ни требаат луѓе што ќе се организираат околу конкретни проблеми и институции што ќе бидат обврзани да одговорат со конкретни решенија. Така ќе ја кренеме културата – преку создавање, одржување и развој на вредности.

Ни треба и лидерство. Не лидерство што ќе ни објаснува кој е виновен, туку лидерство што ќе преземе одговорност за она што треба да се направи. Ама и лидерство што ќе слуша, ќе се радува на критики, ќе прифаќа предлози. За лидерството – друг пат. Да не чепкам од мојата професионална определба – бидејќи за оваа вештини докторирав!

Има ли смисла да создаваш кога околу тебе сѐ се распаѓа?

И сега повторно се враќам на прашањето од почетокот. Во сите овие години во кои се занимавам со создавање, со медиуми, со култура, со идеи, со проекти и со најразлични иницијативи, многупати сум слушнал дека премногу се давам. Дека треба да се штедам. Дека не вреди да се нервирам. Дека луѓето не заслужуваат толку труд. Дека институциите не се заинтересирани. Дека системот не функционира и дека е попаметно човек да си го гледа сопствениот интерес.

И еве – додека инвестирам свое време и мисла за оваа колумна, го добивам истото прашање од моите домашни.

Можеби дел од тие забелешки се сосема оправдани. Можеби навистина сум потрошил премногу време на идеи што никогаш не биле реализирани и на иницијативи што завршиле во нечии административни фиоки. И на проекти напишани а препишани и украдени на кои други профитирале а мене ме изнервирале и разочарале бидејќи – копијата е секогаш банална верзија на оригиналот кој можел да биде многу многу подобар. А јас – дали сум добил за возврат – друга тема е тоа, за следна колумна.

Но никогаш не успеав да разберам една работа. Ако постојано се штедиме од животот, за што точно се чуваме? Која е смислата на животот ако единствената цел ни е да поминеме низ него со што е можно помалку ангажман, што е можно помалку ризик и што е можно помалку одговорност? И со ставот – не сум јас, до мене не е, јас сум нај-нај – ама другиве, гној, не ги бива. Па што можам јас кога се другите за никаде и никого.

Не тврдам дека секој мора да живее како мене. Ниту дека создавањето е единствениот начин човек да му даде смисла на своето постоење. Но верувам дека смислата не е нешто што ќе ни го обезбедат градот, државата, институциите или луѓето околу нас. Таа произлегува и од нашиот однос кон животот, од она што го правиме, од она што го создаваме и од она што сме подготвени да го промениме.

Истото важи и за Скопје.

Можеме бескрајно да разговараме за тоа каков град заслужуваме. Можеме да ги анализираме сите погрешни одлуки, сите пропуштени можности и сите луѓе што придонеле за денешната состојба.

Но во одреден момент мора да престанеме да разговараме исклучиво за градот што го заслужуваме и да почнеме да разговараме за градот што сме подготвени да го создадеме. И да го заслужиме!

Не ме интересира само какво Скопје ми оставија. Ме интересира и какво Скопје ќе оставам.

Не сакам да го идеализирам градот во кој сум поминал педесет години. Ниту имам намера да го оправдувам она што денес не функционира. Напротив, мислам дека Скопје заслужува многу посериозна критика од онаа што вообичаено ја слушаме. Но критиката што завршува со констатацијата дека ништо не чини е само уште еден облик на пасивност.

А јас не сакам да бидам пасивен набљудувач на сопствениот живот. Сакам да можам да пешачам низ својот град. Да седнам во парк. Да разговарам со соседите. Да присуствувам на културен настан. Да предложам идеја. Да покренам иницијатива. Да се спротивставам кога нешто не функционира. Да поддржам кога нешто се прави како што треба. И за тоа – да не бидам црна овца, човек за исмејување, игнориран од својата средина, означен и прогонет од некоја си политичка структура, загададен со јавни навреди.

Сакам да го живеам Скопје, а не само да живеам во него.

И затоа, кога следниот пат некој ќе ме праша дали има смисла да продолжам да создавам, да се ангажирам и да трошам енергија на работи што можеби нема да го променат светот, веројатно повторно ќе му одговорам исто.

Штом има мисла, има и смисла!

А за Скопје? Има смисла да го живееш. Но прво мора да престанеш да го третираш како туѓ град. Како гостин во него, без основна одговнорст дека ти си Скопје. Зашто, ако сите чекаме некој друг да ни го среди градот, можеби еден ден навистина ќе добиеме подобро Скопје.

Само што тогаш ќе мора да се запрашаме дали сме станале подобри скопјани.

И за крај – а можеби треба на самиот почетокот

Упатувам јавна покана и предизвик до сите од локалната власт на Скопје, на секое ниво – градоначалник со целата структура која ја води, сите градски институции на секое ниво, и секој што живее, работи и создава во Скопје: извикајте гласно – изјавете страсно – ЈАС СУМ СКОПЈАНЕЦ / ЈАС СУМ СКОПЈАНКА. И притоа – пишете како се осеќате, дали гордо и возвишено, или потиштено и срамно.

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.