Кога кај нас ќе кажеш „култура“, првата асоцијација речиси секогаш оди на истата страна: театар, книга, филм, музика, изложба, концерт, фестивал. Како културата да е посебна просторија во која влегуваме одвреме-навреме, свечено, пристојно и со билет во рака, а потоа излегуваме надвор и продолжуваме со „вистинскиот живот“. Мене токму тоа ми е несфатливо и дел од матрица на однос кон животот кој никако не ми оди да го разберам а уште помалку прифатам. Не затоа што театарот, книгата, филмот и музиката не се култура, туку затоа што се само еден, и тоа највидливиот дел од неа. Културата е многу поширока, многу понепријатна и многу понеизбежна. Таа е начинот на кој живееме кога никој не нè фотографира за каталог, кога нема премиера, кога нема протокол и кога не треба да оставиме впечаток пред никого.
Култура е како зборуваме. Како слушаме. Како возиме. Како чекаме ред. Како се однесуваме кон човек што не ни е потребен, кон човек што не го познавам. Како влегуваме во продавница, како се однесуваме кон келнер, како комуницираме со вработен на шалтер, како директор му се обраќа на вработен, како вработен му се обраќа на клиент, како соседот ја остава вратата од влезот, како граѓанинот го остава отпадот покрај контејнерот, како компанијата плаќа фактура, како институцијата враќа на мејл. Да, и тоа е култура. Особено тоа.
Културата најдобро се гледа кога не на сцена
Можеби баш затоа кај нас културата најдобро се гледа на улица, преку цел ден. Таму нема сценографија и нема режија. Таму ќе видиш кој пушта пешак, кој блокира раскрсница, кој вози по тротоар затоа што „само пет минути ќе завршам нешто“, кој притиска сирена пред црвено како со звук да може да го смени семафорот и кој мисли дека четири трепкачи му даваат дипломатски имунитет. Кој псуе, кој плука, кој се разголува за да привлече, која има стил на облекување, кој фрла ѓубре покрај контејнер бидејќи „така му чуе“. Можеш да имаш сто стратегии за урбана култура, но ако човек не разбира дека тротоарот не е негов приватен паркинг, на пример, проблемот не е во недостаток на стратегија. Проблемот е во културата.
Истото важи и за институциите. Кај нас премногу често зборот „систем“ или влада или „еве овие во позиција“ (или ти опозиција) го користиме како алиби, како да е некоја мистична сила што живее одделно од луѓето. „Таков ни е системот.“ Не, системот не е природна појава. Не паѓа како дожд. Системот е збир од однесувања што сме ги нормализирале. Ако службеникот те гледа како да си му ја расипал паузата само затоа што си дошол да завршиш работа, тоа е култура. Ако мора да имаш „човек внатре“ за нешто што по процедура би требало да го завршиш за два дена, тоа е култура. Ако граѓанинот уште пред да проба по редовна постапка бара кој кого познава, и тоа е култура. Едното го храни другото. Институцијата го учи граѓанинот дека без врска тешко оди, граѓанинот ја храни институцијата со уверување дека врската е нормална, и така сите заедно го одржуваме она на што потоа најгласно се жалиме.
Европски стандарди, ама балкански исклучок за мене
Имаме чудна навика да сакаме европски стандарди, ама балкански исклучоци. Сакам правило, ама ако може за мене да не важи баш строго и баш за мене. Сакам ред, ама редот нека почне од човекот зад мене. Сакам функционална администрација, ама ако имам братучед таму, уште подобро. Сакам фер конкурс, ама ако „нашиот“ човек може да помине, зошто да не. Сакам правда, ама само додека не удри во мојот интерес. И тогаш ќе се чудиме зошто институциите не функционираат. Не функционираат затоа што многу луѓе всушност не сакаат систем. Сакаат систем за другите и флексибилност за себе. И не – институциите функционираат. Но во момент кога баш на тебе не ти одговара како функционираат, не тераат по твое, е тогаш не функционраат. Ама ако си завршиш работат по свое – е тогаш си најсреќниот чоек на свет.
Култура е и односот кон времето. Кај нас доцнењето одамна не е случајност, туку често културен модел. Договорено во десет? Ќе дојдеме во десет и дваесет. Ќе се јавиме? Можеби. Ќе вратиме на мејл? Ако се сетиме. Ќе кажеме дека не сме заинтересирани? Подобро да молчиме три недели, па човек сам ќе сфати. И потоа се чудиме зошто деловната комуникација е слаба, зошто состаноците се развлечени, зошто сите губат време. Туѓото време кај нас премногу често се третира како бесплатен ресурс. А нема поедноставен показател за култура од тоа дали човек разбира дека и туѓите дваесет минути се живот.
Вистинската корпоративна култура почнува кога треба да се плати фактурата
Особено интересно е кога ќе стигнеме до бизнисот. Таму сакаме да изгледаме модерно. Имаме брендови, мисии, визии, LinkedIn објави, „нашите вредности“, „нашите луѓе“, „иновации“, „посветеност“, „извонредност“. Сè е прекрасно додека не дојде време да се плати фактурата. Тогаш почнува вистинската корпоративна култура. Кога клиентот има проблем, тогаш се гледа корпоративната култура. Кога вработениот ќе згреши, тогаш се гледа. Кога некој треба да преземе одговорност, тогаш се гледа. Не е корпоративна култура тоа што е испечатено на ѕид. Корпоративна култура е тоа што се случува кога нешто ќе тргне наопаку.
Имаме и уште една домашна специјалност: многу ја цениме „снаодливоста“. Толку многу што понекогаш ја ставаме над трудот, знаењето и дисциплината. Човек што се снаоѓа е „способен“. Човек што строго се држи до правила е „крут“. Човек што работи тивко и систематски е „будала што се убива од работа“. Оној што најде пократок пат, врска, дупка, начин, услуга, некого што ќе „среди“, често се смета за попаметен. И кога една култура премногу долго ја наградува снаодливоста, неминовно почнува да ја казнува дисциплината. После се прашуваме зошто толку многу системи зависат од поединци наместо од правила.
„Наш човек“ или способен човек?
Во Македонија често имаме силна култура на личен однос, а слаба култура на институционален однос. Со човек можеш сè да договориш. Со системот – тешко. Ако те знам, ќе ти помогнам. Ако не те знам, снаоѓај се. И тоа на прв поглед изгледа топло, човечки и балкански. Но има и темна страна. Блискоста лесно станува непотизам. Лојалноста лесно станува поважна од компетентноста. „Наш човек“ станува поважен од способен човек. И така од нешто што почнува како човечка солидарност, многу лесно се стигнува до систем што ги наградува врските повеќе од резултатите.
А системот – тоа сме ние! Не е некоја таму машина која некој ни ја бутнал во раце па ја трпиме. Нели?
Не сакам, сепак, да паднеме во другата евтина приказна дека Балканот е некултурен, а Западот е некаква цивилизациска лабораторија во која сè е средено. Не е. Ние имаме нешта што се огромна вредност. Имаме гостопримство, непосредност, чувство за заедница, силни семејни врски, хумор, способност да помогнеме на човек без премногу формалности. Имаме топлина што не се учи од правилник. Но баш затоа е важно да не ги романтизираме и нашите слабости. Импровизацијата е прекрасна кога решава проблем. Катастрофална е кога станува замена за систем. Блискоста е човечка кога создава солидарност. Опасна е кога создава привилегија. Лојалноста е доблест кога се темели на доверба. Проблем е кога компетентноста станува споредна.
Градот е огледало, не декор
Култура е и јавниот простор. Градот секогаш кажува повеќе за луѓето отколку било која официјална стратегија. Погледни го тротоарот. Погледни ја клупата. Погледни го паркот. Погледни ја фасадата. Погледни ја површината на детското игралише после една година користење. Погледни дали јавниот простор се доживува како наш или како ничиј. Ако е ничиј, ќе се искрши, ќе се извалка, ќе се загради, ќе се присвои. Ако е наш, ќе се чува. Тоа е култура. Не е само урбанизам.
И не е само – локална самоуправа, општина, урбана заедница… И тие таму што ги плаќаме а ништо не работат.
Исто е со екологијата. Можеме да имаме закони, стратегии и конференции за животна средина, ама ако после пикник оставаме пластика покрај река, немаме еколошка култура. Ако фирма гледа на река како на евтин одвод, немаме еколошка култура. Ако институција замижува затоа што загадувачот е важен, немаме институционална култура. Ако јавноста се возбудува два дена на Facebook и трет ден заборава, немаме ни граѓанска култура. Не е екологијата само прашање на технологија. Таа е прашање на навика.
Не е проблем што не се согласуваме, туку што не умееме да не се согласуваме
Култура е и начинот на кој се караме. Мислам дека ова денес е еден од најголемите тестови за секое општество. Не дали се согласуваме, туку дали умееме да не се согласуваме. Кај нас политичката, партиската, етничката и идеолошката поделба многу лесно го претвора другиот во непријател. Не во човек со друг став, туку во „тие“. А кога човек еднаш стане „тие“, сè е дозволено. Навреда, омаловажување, дехуманизација, измислица, етикета. И тука веќе не зборуваме за политика. Зборуваме за култура на несогласување.
Социјалните мрежи само го направија тоа повидливо. Не ја создадоа простотијата. Ѝ дадоа микрофон. Не ја создадоа агресијата. Ѝ дадоа публика. Не ја создадоа зависта. Ѝ дадоа алгоритам. Денес можеш за десет минути да измериш културен праг на едно општество. Отвори коментари под чувствителна тема на Facebook и гледај. Ќе видиш колку лесно аргументот се заменува со навреда, колку брзо несогласувањето станува лична пресметка и колку луѓе всушност не сакаат разговор. Сакаат потврда.
Медиумите не ја следат културата – ја произведуваат
И тука стигнуваме до медиумите. Медиумите не ја следат културата од страна. Тие ја создаваат. Секој наслов нешто нормализира. Секоја тема што се турка напред кажува: ова е важно. Секој човек кому му даваме простор добива легитимитет. Ако најгласниот, најбаналниот, најконфликтниот и највулгарниот постојано добива најмногу внимание, тогаш ќе добиваме сè повеќе од истото. Не затоа што луѓето одеднаш станале полоши, туку затоа што системот ги учи што се наградува.
Алгоритмите тоа го направија глобален феномен. Денес внимание добива она што предизвикува реакција. Гнев. Страв. Шок. Скандал. И затоа не е чудно што јавниот простор станува сè погласен, а не нужно попаметен. Тивката, сложена, аргументирана мисла е бавна. Скандалот е брз. А интернетот е машина што сака брзина.
Тука не можеме целата вина да им ја префрлиме на медиумите и платформите. Публиката има огромна одговорност. Секој клик е мал глас. Секое споделување е мал глас. Секој коментар е мал глас. Ако постојано наградуваме баналност, ќе добиеме повеќе баналност. Ако квалитетниот текст останува непрочитан, а скандалот се шири за десет минути, пазарот ќе разбере што бараме. Потоа не можеме со многу сериозно лице да прашуваме зошто медиумите се такви. И публиката е дел од медиумската култура.
Никогаш повеќе информации, никогаш полесно незнаењето да звучи стручно
Имаме и проблем со културата на знаење. Никогаш не сме имале повеќе информации, а никогаш не било толку лесно мислењето да се претстави како знаење. Прочитал некој три статии и веќе е експерт. Гледал две видеа и знае повеќе од лекар. Прочитал статус и знае повеќе од историчар. Слушнал подкаст и веќе има целосна геополитичка анализа. Денес не ни треба образование за да имаме мислење. Ни треба интернет и самодоверба.
Тоа е културен проблем. Не затоа што луѓето не треба да имаат став, туку затоа што почнуваме да ја губиме разликата меѓу став и експертиза. А кога едно општество престанува да ја почитува таа разлика, многу брзо станува плен на најсамоуверениот, а не на најстручниот.
Култура е и образованието, и тоа многу повеќе од наставната програма. Можеш да учиш дете за Шекспир, Достоевски и Моцарт, а ако никогаш не го научиш дека соговорникот треба да се слушне, дека редот треба да се почитува, дека туѓиот труд има вредност и дека грешката не е срам туку можност за учење, тогаш не си создал култура. Само си пренел информација.
Истото е и со семејството. Културата почнува многу порано од училиштето. Почнува од тоа што детето гледа дома. Како родителите разговараат. Како зборуваат за други луѓе. Како се однесуваат кон јавниот простор. Како се однесуваат кон трудот. Дали читаат. Дали слушаат. Дали признаваат грешка. Дали велат „извини“. Детето учи култура многу повеќе со гледање отколку со слушање совети.
Глобално поврзани, а сè повеќе исти
Глобално, работите се уште покомплицирани. Денес млад човек во Скопје, Берлин, Токио и Њујорк може истиот ден да гледа ист клип, да слуша иста песна, да користи ист мем и да сака ист производ. Светот никогаш не бил толку поврзан. Но никогаш и толку унифициран. Парадоксално, имаме пристап до илјадници различни култури, а градовите, кафулињата, музиката, модата и дигиталниот јазик сè повеќе личат едни на други.
Токму тука се поставува прашањето што за мене е многу поважно од бескрајните декларации за идентитет: како да бидеш дел од светот, а да не станеш копија на светот? Како да ја чуваш сопствената култура без да ја затвориш? Како да ја развиваш без да ја претвориш во музеј? Како да комуницираш со други култури, да земаш од нив, да учиш, да се менуваш, а сепак да произведуваш нешто свое?
Култура што мора да биде изолирана за да преживее веќе има проблем. Живата култура комуницира. Се судира. Се менува. Позајмува. Преведува. Создава. Македонската култура нема да ја зачуваме така што ќе ја ставиме под стакло и ќе повторуваме дека е наша. Ќе ја зачуваме ако создадеме нешто што некој друг ќе сака да го прочита, да го види, да го слушне, да го преведе и да го памети.
Не е доволно да имаш театар ако немаш публика
И тогаш повторно се враќаме на театарот, книгата, филмот и музиката. Да, тоа е култура. Но не е доволно да имаме институции. Потребна ни е публика. Не е доволно да имаме книги. Потребни ни се читатели. Не е доволно да имаме театри. Потребни ни се луѓе што сакаат да влезат во нив. Не е доволно да финансираме фестивали ако културниот живот постои само неколку дена во годината и само за истиот мал круг луѓе.
Не можеш со години да жалиш дека „народот не чита“, а да не создаваш средина во која книгата е присутна. Не можеш да се жалиш дека младите не одат во театар ако театарот никогаш не дошол до нив. Не можеш да очекуваш публика ако никогаш не си ја создал. Културата не се гради само со производство. Се гради и со навика.
Културата не е украс. Таа е оперативниот систем на општеството
И можеби токму тука е суштината. Културата не е украс на општеството. Таа е неговиот оперативен систем. Начинот на кој луѓето се однесуваат кога нема закон што може да ја покрие секоја ситуација. Начинот на кој реагираат кога нема камера. Начинот на кој се однесуваат кон слаб, кон различен, кон туѓ, кон јавен простор, кон правило, кон знаење, кон труд, кон одговорност.
Кога следниот пат ќе кажеме „немаме култура“, можеби не треба веднаш да мислиме на бројот на претстави, книги или концерти. Треба да погледнеме околу себе. Во сообраќај. Во институција. Во фирма. Во училиште. Во медиум. На интернет. Во сопствениот влез. Во сопствениот начин на комуникација. Да погледнеме во себе.
И тука е најнепријатниот дел. Не можеме цело време да ја бараме вината кај некој друг. Не е секогаш државата. Не е секогаш власта. Не е секогаш опозицијата. Не е секогаш Балканот. Не е секогаш Европа. Не е секогаш младината. Не е секогаш старата генерација. Понекогаш сме ние. Многу често – сум јас!
Нашето „ајде, не е страшно“. Нашето „сите така прават“. Нашето „ќе се снајдеме“. Нашето „имам човек“. Нашето „не се замарај“. Нашето „што можам јас да сменам“. Токму тоа последното е можеби најопасно. Затоа што културата никогаш не се менува со една голема одлука. Се менува кога доволно луѓе ќе престанат да толерираат мали работи што со години ги сметале за нормални.
Не прашувај дали сме културен народ
И затоа јас не би прашал дали сме културен народ. Тоа е премногу лесно прашање. Би прашал нешто понепријатно: која наша навика одамна сме ја прогласиле за нормална, а всушност одамна требало да престанеме да ја трпиме? И уште понепријатно: која од тие навики лично ја одржуваме? Ете од таму, според мене, почнува секоја сериозна приказна за културата.
А што мислите Вие?










