На Светската конференција за роботи во Пекинг повеќе не беше најважно дали машината може да танцува, да боксува или да направи салто. Поважното прашање беше многу поприземно: може ли роботот да сортира пратки, да спакува телефон, да пренесе компонента и да ја повторува истата работа доволно долго, прецизно и евтино за некој навистина да го стави во фабрика?
Токму тука почнува новата фаза на трката за хуманоидни роботи.
Флеш:
На конференцијата во Пекинг се собраа повеќе од 300 компании, беа прикажани над 2.000 експонати и повеќе од 150 нови производи. Спектаклот остана, но фокусот јасно се помести кон практичната употреба – логистика, производство, магацини и услуги. Reuters од Пекинг ја опиша токму таа промена: од демонстрација кон работа.
Берзата го награди она што фабриката допрва треба да го докаже
На истиот ден кога во Пекинг роботите пакуваа телефони и сортираа предмети, во Шангај инвеститорите направија уште поголем спектакл. Акциите на кинеската „Јунитри“ (Unitree) на берзанското деби во еден момент пораснаа за 629%, а тргувањето го завршија 460% над цената од иницијалната понуда. Компанијата на крајот од денот беше вреднувана на околу 50 милијарди долари.
Овој раст не значи дека хуманоидите преку ноќ станале зрела масовна технологија. Значи дека пазарот веќе се обложува на моментот кога тоа би можело да се случи. ИПО-понудата на „Јунитри“ беше повеќе од 8.000 пати преплатена од малите инвеститори – показател за огромно очекување, но и за опасноста технолошкото ветување да трча побрзо од реалната примена.
Самата „Јунитри“ веќе нуди цела линија хуманоидни и четириножни роботи, а нејзините модели одамна излегоа од лабораториската анонимност. Тие трчаат, танцуваат, изведуваат боречки движења и стануваат дел од јавната слика на кинеската технолошка самодоверба. Но вистинската вредност нема да се мери со бројот на вирални видеа, туку со часовите работа без дефект, цената по извршена задача и способноста машината да функционира во средина што не е однапред кореографирана. Официјалната страница на компанијата денес прикажува повеќе хуманоидни серии, меѓу кои H2, R1, G1 и H1.
Кинеската предност не е само во роботот, туку во системот околу него
Најлесно е кинеската предност да се објасни со поевтини роботи. Тоа е само дел од сликата. Вистинската сила е во комбинацијата од производствени синџири, компоненти, фабрики, државна поддршка, домашен пазар, брзи развојни циклуси и огромна база за тестирање. Роботот таму не се развива како изолиран производ, туку како уште една индустриска платформа.
На конференцијата, Leju прикажа машини што преместуваат гајби и мали компоненти, Robotera роботи што сортираат пратки, а DexForce хуманоиди што пакуваат мобилни телефони. Reuters објави дека повеќе од 100 роботи на Robotera веќе работат во 15 магацини, додека DexForce има машини поставени во фабрика на Lens Technology. Тоа сè уште не е масовно заменување на човечкиот труд, но веќе не е ни лабораториски експеримент.
Токму за ова Паноптикум веќе пишуваше во текстот за моментот кога роботите слегоа од сцената во фабрика. Пресвртот е важен затоа што индустриската победа ретко му припаѓа на оној што прв направил највпечатлива демонстрација. Најчесто победува оној што може да произведува, сервисира, поевтинува и повторува во голем обем.
Европа го слушна алармот
Германската машинска индустрија сега јавно признава дека токму скалирањето е европската слаба точка. Германската асоцијација ВДМА вчера побара хуманоидната роботика и физичката вештачка интелигенција да се стават високо на политичката агенда. Во официјалното соопштение на ВДМА пораката е недвосмислена: Германија и Европа мора да изградат сеопфатни и отпорни синџири на вредност, со домашно производство на критични компоненти.
Тоа е суштината на европската нервоза. Европа има инженери, универзитети, автоматизација, роботски компании и децениско индустриско знаење. Проблемот на новиот пазар не е само да се измисли добар робот. Треба да се произведат илјадници, да се обезбедат мотори, редуктори, сензори, батерии, чипови и софтвер, да се намали цената и потоа целата машина да може да се одржува во реална фабрика.
Според Reuters, глобалните испораки на хуманоидни роботи во првата половина од 2026. година достигнале околу 19.100 единици и речиси се четирикратно зголемиле, а кинеските производители доминираат во таа експанзија. Податоците што ги пренесуваат Reuters и Bloomberg Adria укажуваат дека кинеските компании веќе држат огромен дел од испораките, иако голем дел од машините сè уште не работат во целосно комерцијални услови.
Најтешкиот дел сè уште е човечката обичност
Робот што прави салто е фасцинантен. Робот што осум часа без прекин правилно зема различни предмети од неуредна кутија е индустриски повреден. Токму во таа банална разлика се крие голем дел од нерешениот проблем.
Човечката рака, на пример, изгледа толку секојдневно што лесно се заборава колку е сложена. Таа истовремено препознава притисок, тежина, текстура и положба, ја приспособува силата и коригира грешка речиси без свесна мисла. Кај роботот, сето тоа бара мотори, зглобови, сензори, кабли, модели за вид и софтвер што мора да одлучува во реално време. Затоа прашањето што навистина нè плаши кај машините што личат на луѓе е помалку филмско отколку што изгледа: не дали ќе „оживеат“, туку колку брзо ќе научат сигурно да ја извршуваат нашата најобична работа.
И токму тука се појавува „физичката ВИ“ – вештачка интелигенција што не останува во текстуален прозорец или облак, туку гледа, проценува и дејствува во материјалниот свет. Роботскиот „мозок“ сè уште е далеку од целосната автономија што ја ветуваат најсмелите прогнози. Многу демонстрации остануваат однапред програмирани или ограничени на внимателно контролирани услови.
Балканот не е далеку од оваа трка
За Македонија ова не е егзотична приказна од Пекинг. Ако хуманоидната роботика навистина влезе во фабриките, логистиката и услугите, нејзиното влијание ќе стигне преку европските производствени синџири многу побрзо отколку што ќе стигне робот во секој дом.
Притоа, регионот веќе се обидува да најде место во новата поделба на технолошкиот труд. Во Србија беа најавувани планови за склопување хуманоидни роботи и развој на инфраструктура за податоци со кинески партнери. Тоа отвора прашање што е подеднакво важно и за Македонија: дали малите економии ќе бидат пазари и монтажни точки, или ќе изградат сопствен инженерски, софтверски и образовен капацитет околу новата индустрија?
Не мора секоја држава да произведува сопствен хуманоид. Но држава што нема инженери, автоматизација, истражување, податочна инфраструктура и компании способни да влезат во синџирот на компоненти лесно останува само купувач. Во таа смисла, роботиката е помалку приказна за машината што ќе го замени човекот, а повеќе за економијата што ќе знае што да прави со новата машина.
Трката допрва почнува, но правилата веќе се гледаат
Кина сè уште нема решено многу од најтешките проблеми на хуманоидната роботика. Масовната комерцијална примена е ограничена, автономијата останува несовршена, а инвеститорскиот ентузијазам околу „Јунитри“ може да биде далеку поголем од сегашната големина на реалниот пазар. Тоа е важна корекција на еуфоријата.
Сепак, една работа веќе е видлива: трката нема да ја реши најимпресивното видео. Ќе ја решат фабриката, синџирот на компоненти, софтверот, податоците, сервисот, цената и способноста роботот да работи кога камерите ќе се исклучат. Кинеската предност денес не е во тоа што нејзините роботи изгледаат повеќе како луѓе. Предноста е што зад нив сè повеќе стои индустриски систем што знае како идејата да ја претвори во производ.









