Храната и светот

Потребно време за читање: 3 минути

Загриженост во ООН: недостигот од храна би можел да потрае со децении. Помошта на гладните во светот sе намалена затоа што цените на храната значително пораснаа, а фондовите на ОН останаа исти.

Се чини дека политичарите сѐ уште во целост не ја сфатиле длабочината и сериозноста на надојдувачката криза на храна во светот. Нереди и бунтови на населението поради превисоките цени на храната избиваат сега и во земјите каде што никогаш порано ги немало. Затоа голем број влади во светот го ограничуваат извозот на храна за прво да ги задоволат домашните потреби.

Британскиот Guardian во еден прилог со наслов „Да се храни светот? Ние водиме изгубена битка, признаваат ОН“, наведе дека растот на побарувачката за сточна храна (поради зголемената побарувачка за месо во земјите во развој), како и користењето на повеќе земјиште за производство на биогорива, заедно со последиците од климатските промени-значително придонесоа за наглиот пораст на цените на храната.

Ситуацијата е додатно влошена со финансиските шпекулации со залихите на храна, затоа што побарувачката за неа постојано се зголемува во светот, па тоа на шпекулантите им овозможува големи профити.

Во прилогот „Стручњаците: Недостигот од храна во светот би можел да потрае со децении“, финансикиот магазин The Market Oracle предвидува дологорочен раст на цените на храната. Освен последиците од климатските промени, недостигот на вода и намалувањето на обработливо земјиште за производство на храна поради производството на биогорива, како и поради, генерално, сѐ поголемата побарувачка за храна во светот, во прилогот се наведува уште една значајна причина за зголемувањето на цените-поскапувањето на горивата.

Министрите за развој на групата седум најразвиени држави на светот и Русија (Г-8) апелираат на јакнење на врските помеѓу старите и новите донатори на храна, посебно во Азија. Проблемот со високите цени на храната директно ќе се одрази на животите на сиромашните луѓе, па е потребно преземање на итни мерки.

Исто така, Светската банка повикува на координирана меѓународна акција со која би требало заеднички да се одговори на скокот на цените на храната, како и на недостигот од основни прехранбени продукти во одделни делови на светот.

Климатските промени во земјите производители на храна, како и големата побарувачка на развиените држави, во изминатите две децении доведоа до скок на цените на храната во просек за 80%.

Не е остварен планот до 2015. година бројот на сиромашните луѓе во светот, кои живеат со помалку од 1 долар дневно, да се преполови, а истовремено да биде запрено ширењето на вирусот AIDS.

А група од 35-мина британски научници издаде соопштение во британскиот Gardian за опасностите кои доаѓаат од климатските промени, недоволно согледаните последици од употребата на нови (био)технологии, како и од промените на навиките на населението.

Во соопштението се наведува дека науката не е доволно консултирана пред утврдувањето на политиката во одредени области (посебно во случај на воведување на биогорива), што веќе доведува до низа штетни последици за луѓето и природната средина. Авторите на извештајот се посебно загрижени поради новите патогени кои стигнуваат од други краишта или настанале преку користење на недоволно проверени биотехнологии.

Помеѓу клучните прашања се наведува дека политиката, односно регулативните мерки на државата (policies) не држат чекор со промените во природата; екстремното време ќе доведе до исчезнување на многу локални видови, а сѐ поголемата побарувачка за храна ќе доведе до интензификација на земјоделието (што доведува до побрзо исцрпување односно до опаѓање на плодноста на земјиштето и еколошки загадувања). Исто така и сѐ поголемото производство на биогорива доведува до поголема употреба на пестициди што, пак, води кон зголемување на загадувањето на водите и земјиштето. Новите генетски модифицирани патогени (од ГМ посевите и сл.) би можеле да доведат до намалување на бројот на некои видови, а вештачките форми на видовите и био-роботите би можеле да бидат инвазивни во однос на природните видови.

Leave the first comment